Ниту град Скопје ниту општина Центар не може да им обезбедат паркинг на незадоволните од „Партизанска“
Објавено во: Македонија 09 Ноември, 2016
Нема простор за паркинг за жителите покрај Партизанска, туку ќе се реконструираат тротоароте, како и патеките за пешаци и велосипедисти. Без оглед што дел од жителите на Партизански одреди кои живеаат покрај Универзална сала протестираа за недостигот на паркинг простор, градските власти не можат да им излезат во пресрет.
„Просторот покрај булеварот согласно законите, кои се основ за изработка на урбанистички решенија, може да служи исклучиво за безбедно движење на пешаци и велосипедисти и нема никаква законски заснована можност да се интервенира со урбанистички решенија. Затоа Град Скопје пристапи кон реализација на урбанистичките решенија и изградба на дел од втората фаза на проектот ВелоСкопје, која минува и на дел од булеварот Партизански Одреди. Оттука, Град Скопје неможе да прави урбанистички решенија кои не се во склад со законот, па затоа и нема никаков проблем на релација Град-Општина, велат од Град Скопје.
Жителите на Центар кои протестираа се сретнале и со градночалникот Коце Трајановски, но иако имало интерес за нивниот проблем не е возможно да се најде соодветно законско решение.
Од град Скопје потврдуваат дека на булеварот Партизански Одреди во тек е изградбата на втората фаза или таканаречената Рута 2, од проектот ВелоСкопје. Во моментов се работи на потегот кај Буњаковец и тука ќе биде изградена велосипедска патека и заедно со пешачката патека овој простор ќе се стави во функцијата која му е предвидена со Генералниот и Деталните урбанистички планови.
Од општина Центар посочија дека не се надлежни за централните булевари кои потпаѓаат под град Скопје, ниту пак дека може да обезбедат дополнителни паркинг места за жителите. Тие посочија дека жителите за овој проблем треба да се обратат до град Скопје.
Револтираните граѓани најавија нови протести и блокирање на булеварот, но засега не добија решение од властите.