Добивај вести на Viber
Нормак инвестмент груп, која претставува конзорциум од две државни и три приватни норвешки компании, денеска достави понуда согласно определените услови во тендерската документација за втората фаза од ограничениот повик за ТИРЗ Тетово.
Министерот Сараќини го изрази своето задоволство од финализирањето на овој долг и комплексен процес и истакна:
-Согласно сите законски процедури, тендерската комисија ја отвори и прегледа доставената понуда, при што беше констатирано дека понудата е валидна, комплетна и исправна, и е во согласност со тендерската документација.
Евалуацијата на понудата од страна на комисијата е направена, а следниот чекор е УО на ТИРЗ официјално да ја донесе Одлуката за избор на најповолен понудувач. Министерот Сараќини објасни дека, имајќи го во предвид фактот што веќе се распишани локалните избори, комисијата официјално ќе се обрати до Државната комисија за спречување на корупција, за да добие одговор дали одлуката може да се донесе во текот на наредните денови или формалното донесување на Одлуката ќе биде после локалните избори.
-Секако дека ние ќе ги почитуваме сите законски обврски, но во оваа фаза сметаме дека најбитно е да се напомене дека доставената понуда е исправна, валидна и прифатлива. За мене е особено значајно што на тендерот за ТИРЗ Тетово добивме една сериозна компанија, со огромно искуство во овој тип на активности, со над 100 вакви реализирани проекти во своето работење, која оперирајќи ја зоната ќе придонесе за развој на целиот Полошки регион, бидејќи покрај инвестициите во инфраструктура, фабрики и објекти со лесна незагадувачка индустрија, како и новите вработувања, развојот на Зоната ќе овозможи влез на нови технологии, но и можност за соработка со деловните субјекти, посебно оние кои работат во тој регион“, истакна Сараќини.
Динамиката на изградбата на ТИРЗ Тетово, како и ставањето во функција на оваа зона, која ќе биде прва зона која ќе се менаџира по принципот на ЈПП, на период од 96 години, а ќе зависи од Деловниот план на приватниот партнер, кој што се очекува да биде презентиран и елабориран од страна на инвеститорот, во наредниот период.
Што се однесува до критериумите за евалуција на тендерската документација, 70% од бодовите носат понудените инвестиции во следните пет години, 20% - бројот на вработувања во следните пет години и 10% отпаѓаат на понудениот концесиски надомест и искуството во менаџирање на ваков тип на зони.
Директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот во Република Македонија Висар Фида истакна дека финализирањето на тендерската постапка за ТИРЗ Тетово е од особено значење, особено што веќе има заинтересирани странски компании кои би префрлиле дел од своите капацитети токму во ТИРЗ Тетово и ова ќе значи уште еден позитивен сигнал и чекор поблиску до реализацијата на нивните бизнис планови.