Добивај вести на Viber
Општина Аеродром денеска потпиша договор за изградба на спортскиот центар „Јане Сандански“.
Фирмата што ќе го гради Спортскиот центар е избрана преку јавна набавка како партнер-инвеститор. Во просториите на општината Аеродром градоначалникот Ивица Коневски, потпиша договор за изградбата со сопственикот на Вардар, Русинот Сергеј Самсоненко.
Станува збор за изградба на комплетно нов спортски центар со капацитет за 5.000 гледачи, на местото на сегашната истоимена сала. Во главната повеќенаменска сала ќе може да се игра кошарка, ракомет, мал фудбал и одбојка, а според проектот ќе се изгради и помошна сала со капацитет за околу 1.000 гледачи.
„Со изградбата на спортскиот центар нашите спортисти ќе добијат поттик и достојни услови за вежбање, а Општина Аеродром, пак, заедно со Градот Скопје, ќе имаат нов симбол и уште еден репрезентативен спортски објект, на кој ќе можат да се одржуваат домашни и меѓународни натпревари “, изјави градоначалникот; Коневски.
Инаку предвидената површина за градење е околу 11.000 м2, а максималната височина ќе биде 34 метри. Салата, пак, ќе биде висока 21 метар. Спортскиот центар „Јане Сандански“ е предвидено да се гради според сите стандарди на ФИБА и ЕХФ со над 500 паркинг места.