Добивај вести на Viber
Плаќаме сметки преку m-banking апликација додека седиме во парк, зборуваме со нашите пријатели од странство и споделуваме во реално време фотографии од она што во моментот го гледаме. Овој начин на комуникација којшто до пред неколку години ни беше незамислив, денес е стандард, кој не само што го сфаќаме здраво за готово, туку и без кој не може да си го замислиме животот.
Неограничената комуникација и можностите кои ги нуди технологијата денес за нас се еден единствен и унифициран процес каде остваруваме контакт со светот со само еден допир. Но за оние кои ни ги овозможуваат овие услуги тоа е комплексен збир на процеси, технологии и стандарди кои секојдневно се менуваат, наметнувајќи потреба за се поголема експертиза и нивно поефикасно управување со цел да им се излезе во пресрет на барањата на потрошувачите, како од аспект на технологијата, така и од аспект на цената.
Како одговор на ова, голем број компании во светот во последниве години решението за поефикасно и поекономично управување со своите информатички технологии и комуникациски процеси го гледаат во моделот на Управувани услуги. Овој модел подразбира препуштање на дел од овие процеси на компании, провајдери на управувани услуги, кои се специјализирани и имаат поголема стручност и ресурси за развој на побрзи, поефтини и „попаметни“ решенија за е-бизнисот. Со сè почестата примена на SааS (Software as a Service) и клоуд моделите, технологијата се хостира во една централна база на податоци. Нивото на услуги и обем на процесирањето и архивирањето на податоците може да се намалува и зголемува по потреба, исто како и бројот на ангажирани експерти за одделни проекти. Потребните авансни капитални инвестиции на компаниите за воведувањето на новите технологии се претвораат во месечни оперативни трошоци кон провајдерите на управуваните ИТ услуги. Покрај развој и одржување на IT инфраструктурата, провајдерите на управуваните услуги им овоможуваат на компаниите експертиза и практично искуство во: комуникациските протоколи и стандарди, во регулативите (пр. за електронско фактурирање, електронско царинење) како и во интеграцијата на апликациите (пр. апликации за управување на односите со корисниците - CRM).
Моделот на управувани услуги не е нов тренд, истиот веќе успешно се применува во разновидни производни и услужни индустрии. Таков е примерот со автомобилската индустрија каде целосно е променет синџирот на снабдување и речиси 80% од производството е во рацете на добавувачите, создавајќи притоа средина која истите ги поттикнува на постојана иновација, а ја задржува ценовната ефикасност. Резултат се автомобилски производители кои се многу пофлексибилни за создавање разновидни производи со висок квалитет, во процес кој започнува и завршува со самиот потрошувач.
Компаниите од енергетската индустрија, кои поседуваат строги интерни правила за односите со своите корисници, имаат потреба од брза и ефикасна набавка на опрема за сервисирање на нивната дистрибутивна мрежа. Преку управуваните услуги и воведувањето на нови ИТ решенија, обезбедуваат поефикасен, повеќекратно побрз, стабилен и сигурен систем на електронска комуникација со добавувачите на опрема и со своите меѓународните трговски партнери.
Бројни се примерите на телекомуникациските оператори ширум Европа и светот, како што се Vodafone во Холандија и Германија, Orange во Англија и Шпанија, Reliance во Индија, Mena Telecom од Бахреин кои склучуваат договори за управување на телекомуникациските мрежи со некои од клучните играчи на пазарот на управувани услуги како што се Nokia Siemens, Huawei, Ericsson и Alcatel-Lucent.
Провајдерите на управувани услуги се најчесто и производители на телекомуникациска опрема што им овозможува висока специјализација во овој сегмент и постигнување на економии од обем, како резултат на што можат многу поефикасно и поекономично да управуваат со телекомуникациската инфраструктура, за разлика од самите телекомуникациски оператори.
Овој модел на телекомуникациски оператори им го овозможува токму тоа, зголемување на ефикасноста и поголема флексибилност во работењето и можност да се насочат кон она што е најважно, а тоа се самите корисници, што е тоа што го бараат, како да се подобрат постоечките и кои нови услуги да се воведат, како да се подобри корисничкото искуство?
Моделот на управувани услуги полека но сигурно станува modus operandi во светските компании од различни индустри, обезбедувајќи поголема оперативна ефикасност и подобар квалитет на мрежата, како и целосно искористување на капацитетите што резултира во подобра услуга за потрошувачите и секако поголема профитабилност за самите компании.