Нова пешачка патека ќе се гради до црквата „Св.Јован Канео“ во Охрид, се бара проект за изградба
Објавено во: Македонија 29 Ноември, 2014
Министерството за транспорт и врски вчера објави Јавен оглас за изработка на проектна документација за изградба на пешачка патека од охридскиот плоштад до црквата „Св.Јован Канео“ и поврзување со патека до плажата Лабино а проценетата вредност на проектната документација без ДДВ е околу 19.000 евра или 1,2 милиони денари.
Критериум за доделување на договор е најниската цена, а при постапката ќе се користи електронска аукција.
-Договорниот орган ќе користи електронска аукција како последна фаза во постапката со барање за прибирање на понуди со објавување на оглас. Предмет на аукцијата е вкупната цена на предметот на договорот за јавна набавка, односно најниска цена од прифатливите понуди поднесени во првичната фаза од постапката. Поканите за учество на аукцијата ќе се достават во електронска форма преку ЕСЈН по целосната евалуација на првичните понуди, до сите економски оператори кои доставиле прифатливи понуди во првата фаза од постапката, пишува меѓудругото на јавниот оглас, кој е објавен преку Електронскиот систем за јавни набавки..
Крајниот рок за доставување на понудите е 17-ти декември 2014 година до 10 часот, кога ќе се одржи и јавното отворање на истите.
Градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески пред точно два месеца изјави дека во зависност од проектот за изградба на новата пешачка патека ќе се знае дефинитивната судбина на „Мостот на желбите“.
(Извор: Охрид.њуз)