28 Септември, 2024
0.0287

НОВА ВЛАДА: Ќе ја оправат ли Македонија 11 економски министри?!

Објавено во: Анализа 10 Јуни, 2014

Добивај вести на Viber

Тим од единаесет министри, како составен дел од идната нова Влада,  ќе ја менаџира економијата на државата. Покрај постоечките ресори, новиот владин економски состав се зајакнува со уште две имиња, Горан Мицковски и Висар Фида кои влегуваат како нови министри што ќе бидат задолжени за привлекување на странски инвестиции. Квалитет или квантитет? Дали зголемениот број на министри ќе значи и зголемување на салдото на странски инвестиции?  Квалитет или квантитет.... Одлуката на премиерот Никола Груевски да го зајакне економскиот тим со дополнителни ресурси е потврда дека новата Влада сака да прати порака дека економиајта ќе биде во фокусот на идните политики, оценува експертската јавност. Но, во исто време ја отвора и дилемата дали квантитативното зајакнување на министерскиот тим задолжен за економија ќе значи и квалитативен исчекор за вкупната економија.
“Со ангажирање на уште двајца нови министри Владата сака да прати порака дека економијата останува во фокусот на идните политики, во исто време би рекол дека станува збор и за емоционален момент кој праќа порака дека “се прави нешто повеќе“. Ангажирање на нови министри по правило значи и нова администрација, патувања, трошоци. Прво треба да се прецизира, односно одговори што направија досегашните министри, особено оние што се задолжени за странски инвестиции. Би кажал дека важноста не е само во бројноста на тимот туку во концептот, моделот, односно квалитетот на политиките што треба да се спроведат“ - оценува аналитичарот Висар Адеми.
Во старо-новиот владин кабинет, тим од 11 министри ќе ги менаџираат сите економски сектори. Министерот Зоран Ставрески останува на чело на министерството за финансии и на позицијата вицепремер задолжен за економски прашања, Владимир Пешевски ја задржува позицијата на вицепремер за економски прашања. Ротација има во министерството за економија, од каде заминува Ваљон Сарачини а на негово место доаѓа повторно кадар на ДУИ, Беким Незири, сегашен директор на ПИОМ. Промени има и во министерството за земјоделство кое за нов министер ќе го добие Михаил Цветков. Миле Јанакиевски останува да го менаџира министерството за транспорт, а Иво Ивановски министерството за информатичко општество и администрација. Инвестициската тројка Веле Самак, Џери Наумоф и Бил Павлески се зајакнува со уште двајца нови колеги. Горан Мицковски ќе биде нов министер задолжен за привлекување на странски инвцестиции. Во Македонија ќе дојде од Лондон, каде работи како косултант во “Credit Suisse“. Мицковски практично е финансиски консултант кој работел во неколку големи банкарски групации. Нов министер без ресор, но задолжен за странски инвестиции ќе биде Висар Фида, досегашниот директор на Агенцијата за привлекување на странски инвестиции.
“Кога зборуваме за Макеоднија сметам дека ни се потребни само три економски ресори. Тоа е министерството за финансии, министерството за економија и едно вицепремерско место за економски прашања кое ќе ги обедини земјоделството, инвестициите, транспортот. Ние сега имаме состојба на околу 11 економски министри, потоа тука се Агенцијата за странски инвестиции, Агенцијата за слободни економски зони, економските аташеа ширум светот, економските промотори.“ - вели за “Фактор“ универзитетскиот професор Предраг Трпевски.
Според премиерот Никола Груевски, зајакнувањето на економскиот тим е во согласност со политиките што треба да водат кон зголемување на странските инвестиции, намалување на невработеноста и обезбедување на одржлив економски раст. Што даваме, а што добиваме од странските иневститори... Натамошната изградба на Слободни економски зони и проширувањето на мрежата на регионални канцеларии за промоција на инвестициите во следните четири години ќе бидат приоритет на старо-новата Влада. Во исто време се најавува и отворање на дополнителни канцеларии во земјите и регионите од каде има најголем интерес за инвестирање. Во “Програмата на Владата 2014-2016“ се посочува:
“Во следниот период ќе продолжи интензивната изградба на ТИРЗ. Во 2014 година фокусот ќе биде на ТИРЗ Кичево со цел истата да биде функционална до крајот на 2015 година. Исто така во текот на 2014 година ќе започне изградбата на ТИРЗ Струга согласно најавените инвестиции. Изградбата на ТИРЗ Радовиш, ТИРЗ Берово, ТИРЗ Делчево и ТИРЗ Виница ќе започне во текот на 2014 година, со што до крајот на 2014 година вкупниот број на основани технолошки индустриски развојни зони на територијата на Република Македонија ќе биде вкупно 14. Ова ќе овозможи влез на странски инвестиции во сите делови на Република Македонија и поттикнување на рамномерниот регионален развој. “ - пишува во програмата на идната Влада.
Според економистите, непоходно е да се направи точна пресметка за тоа што дава а што добива Македонија како резултат на странските иневстиции, особено на оние што отвораат бизниси во слободните економски зони.
“Сметам дека ние се соочуваме со системски проблем, ангажирани се големи ресурси што чинат многу а од друга страна треба да го поставиме прашањето какви се ефектите. Уверен сум дека во однос на она што го даваме за да привлечеме странски инвестиции – бенефитот не е соодветен. Ние во Слободните економски зони нудиме изградена инфраструктура со државни пари, ги субвенционираме придонесите за плата, мал дел од репроматеријатлите се набавуваат од дома, односно најголем дел се од увоз, потоа тука се и даночните и цараинските олеснувања. По сето ова се поставува прашањето кој гарантира дека сите овие инвеститори ќе останат во земјава откако ќе завршат сите бенефиции“ - вели професорот Трпевски.
Ефектите од досегашниот тимски ангажман за привлекување на инвестиции не одговора на ефектите, смета аналитичарот Адеми.
“Слободните економски зони сега се како изолирани острови а ние не можеме и не треба да ги анализираме инвестициите како такви, изолирани. Сметам дека вкупните инвестициски ефекти не се соодветни. Се отвораат повеќе прашања, на пример колку компании се вклучени како снабдувачи и партнери на постоечките инвеститори во Слободните зони, колку вработувања генерираат, колкави палти делат и на крајот освен што расте извозот, колку расте и увозот на репроматеријалите за производството токму кај овие странски инвестиции“ - вели Адеми.
Салодот на странски директни инвестиции во првиот економски квартал изнесува скоро 87 милиони евра и во споредба со истиот период лани е зголемено за околу осум милиони евра. За годинава веќе е најавен влез на неколку нови странски брендови кои треба да им се придружат на оние што веќе работат во слободните економски зони. А.Д.