Добивај вести на Viber
Народната банка не само што ја заостри монетарната политика, туку подготвува, освен редовно, и песимистичко сценарио за македонската економија. Денеска гувернерот Димитар Богов се очекува да ги соопшти новите, ревидирани макроекономски проекции.
Според првичните информации од НБМ, и во двете сценарија економијата ќе остане во позитивна зона, но сепак, поради се подлабоката политичка неизвесност и последиците од тоа, се проектираше и “песимистичко“ сценарио кои ги вградува и продлабочените ризици. Според ова сценарио – економските очекувања ќе бидат различни, односно стапката на раст на БДП ќе биде пониска во однос на прогнозите од редовното сценарио.
Во меѓувреме, неизвесноста од политичката криза се одрази во банкарскиот сектор преку зголемено повлекување на депозитите, но и зголемена побарувачка на девизи. Токму поради ова Народната Банка ја донесе одлуката за затегнување на монетарната политика преку зголемување на каматната стапка на благајничките записи, како основна каматна стапка, за 0,75 процентни поени, односно од 3,25% на 4%.
“Одлуката за затегнување на монетарната политика е реакција на зголемената побарувачка на девизи и притисоците врз депозитната база на банките, коишто во целост се последица на влошените очекувања на економските субјекти, предизвикани од нестабилната политичка состојба во земјата. Со тоа, промената на каматната стапка е одговор на делувањето на фактори од неекономска природа. Од друга страна, НБРМ и понатаму ги оценува економските фундаменти како здрави, без присуство на поголеми нерамнотежи во економијата“ - соопштија од НБМ.
Дали ќе поскапат кредитите ?
Зголемената камата на благајничките записи практично е директен сигнал до банките за тоа каква каматна политика треба да водат во периодот што следува, коментираат економистите. Имено, велат дека НБМ на ваков начин сака да прати порака дека треба да се зголемат каматите за депозитите, што пак ќе повлече поскапување на кредитите.
“Ова е сигнал за затегнување на монетарната политика. НБМ на ваков начин сака да влијае врз потрошувачката. Ова едноставно кажано е сигнал за зголемување на каматите на депозитите, што пак ќе повлече и зголемување на каматите на кредитите. НБМ преку ова сака ја намали побарувачката за девизи на девизниот пазар, да ја спречи размената од денари во евра“,
вели поранешниот гувернер Петар Гошев.
Народната банка веќе соопшти дека причината за затегнување на монетраната политика треба да се бара во политичката неизвесност и е од неекономска природа.
“Сите досегашни показатели упатуваат на солиден економски и кредитен раст, без ценовни притисоци и без притисоци во надворешниот сектор. Дефицитот во тековната сметка и натаму е умерен, со позитивни преносни ефекти од структурните промени во извозниот сектор и со доволно финансиски приливи за негово финансирање. Воедно, сите показатели за девизните резерви постојано покажуваат нивно соодветно ниво, што е доволно за справување со шокови“ - велат од НБМ.
Според економистите, вообичаено, монетарната политика се затегнува кога треба да се стави под контрола инфлацијата.
“Монетарната политика располага со свои инструменти за олабавување и за затегнување на монетарната политика. Во случајов, со оваа мерка за зголемување на каматните стапки на благајничките записи, НБМ се обидува да ги ситмулира банките да врзуваат повеќе пари во трезорот на Народната банка, со што на таков начин ќе повлече дел од ликвидноста на банките. Вообичаено ова се прави за да се регулира инфлацијата, да с еизбегнат ценовни турбиленции. Но во случајов, инфлацијата не е причина. Народната банка сега сака да го намали притисокот врз денарот преку зголемена побарувачка за девизи“,
вели универзитетскиот професор Предраг Трпевски.
Од Народната банка велат дека со зголемена внимателност ги следат вкупните состојби.
“НБРМ, како и досега, и во следниот период внимателно ќе ги следи движењата и доколку е потребно, ќе направи дополнителни промени во монетарната политика за целосно стабилизирање на состојбите и на очекувањата на економските субјекти, со цел успешно да се остваруваат целите на монетарната политика“, соопштија од НБМ.
Денеска гувернерот Богов треба да ги соопшти новите макроекономси показатели.
Р.Ф.