Добивај вести на Viber
Европската унија ќе ги заостри санкциите против сириската воена индустрија и ќе ја прошири забраната за патувања во Европа на сириските функционери, за да го затвори дотокот на пари за режимот на претседателот Башар ал-Асад. Новите санкции треба да се одобрат на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ, во Луксембург во понеделник, а ќе се однесува на сириските воздухопловни компании, воената индустрија и владата, јавува Ројтерс.
Западот се обидува да најде решение за прекинување на насилствата во Сирија, или да моделира санкции кои значително би влијаеле врз сириската влада и ќе ја принудат да ги сопре борбите против бунтовниците. Во конфликтот загинале околу 30 000 луѓе, тврдат од опозицијата додека властите во Дамаск сметаат дека бројката е многупати поголема.
Со новиот бран европски санкции на компаниите ќе им биде забранет увоз на оружје од Сирија, како и транспорт и осигурување на сириските продажби, со што се надополнува ембаргото на продажбата на оружје за Сирија. На сириските воздухопловни компании нема да им биде дозволено слетување на европските аеродроми, а нови 28 сириски функционери, ќе добијат забрана за патувањата во Европа, додека целиот нивен имот ќе биде замрзнат.