НОВИНАРИТЕ ЗА ФАКТОР: Отворањето на вратите на ЕУ е историски момент, сега е време за целосен ресет на државата
Објавено во: Македонија 25 Март, 2020
Кога многу повеќе ќе се израдувавме, во октомври лани, Европа не успеа да се договори да ја крене рампата за Македонија. Ветото на францускиот премиер Емануел Макрон тогаш ги распрсна нашите надежи за приближување кон елитниот европски клуб.
Сепак, пет месеци подоцна, Македонија денеска од Брисел доби зелено светло за отворање пристапни преговори со Европска Унија. Шампањското за прослава сепак ќе почека некои подобри времиња, тогаш кога и светот, а и земјава, конечно ќе ја остават зад себе пандемијата од опасниот коронавирус.
Министрите за надворешни работи на земјите членки на Унијата вчера преку видеоконференција одобрија Македонија и Албанија да ги почнат преговорите. Со тоа земјава практично излезе од европската чекалница, каде беше заробена 15 години откако го доби кандидатскиот статус.
Сега останува да почекаме на конкретниот датум кога би ги почнале преговорите, бидејќи тој е врзан за периодот до кога Европската Комисија треба да ја финализира преговарачката рамка. Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји кажа дека Европската комисија многу брзо ќе ја создаде рамката, за што побрзо да се почне со преговорите.
За одлуката да се отворат преговори со двете земји политичка согласност треба да дадат и лидерите на земјите членки на ЕУ, што се очекува на самитот на Европскиот совет утре, кој исто така ќе се одржи како видеоконференција.
Љупчо Поповски, главен уредник на „Независен“, за Фактор вели дека оваа одлука за отворање на преговорите е успех за земјава, и покажува дека членките на ЕУ и во ситуација на пандемија размислуваат за иднината на Западен Балкан.
„Настаните некогаш изгледаат неправедни. Така е и со одлуката Европската Унија конечно да ги отвори преговорите за пристапување на Македонија во блокот. Во ситуација кога речиси сите граѓани се загрижени за сопственото здравје, а и за здравјето на своите најблиски, одлуката на министрите на ЕУ да се отпочнат преговорите со Македонија, во голема мерка падна во втор план, но не треба сегашнава здравствена криза целосно да го поклопи овој успех“, вели Поповски.
Во октомври, потсетува, европските лидери не донеса одлука за Македонија поради блокадата на францускиот претседател Емануел Макрон, и тоа, според него, беше голема стратешка грешка на Унијата.
„По усвојувањето на новата методологија и позитивниот извештај на Европската комисија, членките на ЕУ решија да ја исправат оваа грешка и во една исклучително драматична ситуација околу пандемијата на корона вирусот да покажат дека размислуваат и за иднината на Западниот Балкан, но и за иднината на целата европска архитектура“, смета овој новинар.
Ова, вели, не треба да се потцени ниту да се омаловажува, како што тоа некои сакаат да го претстават. Шпанија го направи последното гласање за протоколот за НАТО во време на ужасна криза, кога бројот на мртвите таму секој ден се мери со неколку стотици лица; кога сопругата на премиерот Педро Санчез е заразена со корона вирус и тој е во излоација; кога двајца членови на владата исто така се заразени со Ковид-19; и ние не може така бегло да ги посматраме тие настани. Други луѓе, други политичари, се потрудиле да бидат одговорни и тоа македонската јавност треба да го цени.
„Така е и со оваа одлука на министрите на земјите-членки на ЕУ. Одлуката за почеток за преговори е одамна заслужена, можеби таа дојде во време-невреме, но треба да бидеме горди на неа и да покажеме дека ќе знаеме да ја цениме со тоа што побрзо и подобро ќе ги правиме реформите. Пандемијата ќе помине (иако не знаеме за колку време) и ние ќе ја имаме оваа одлука на ЕУ. За да може да стартуваме со нова енергија. Ова е нов почеток за Македонија и таа треба да ја искористи оваа одлука најдобро што може за да не остане заглавена во преговорите со ЕУ како Црна Гора и Србија. Во крајна линија, ова може да биде и голем личен успех на Зоран Заев. За помалку од три години тој ги реши двата големи проблеми со соседите Грција и Бугарија, ја внесе земјата во НАТО и ја доведе до почеток на преговори со ЕУ. „Жртвата“ беше името на државата. Но, политичар како него би можел да каже – ја завршив својата мисија за помалку од три години и отворив големи проти за мојата татковина. Тоа не е мал успех за еден политичар“, вели новинарот Љупчо Поповски.
Назим Рашиди, уредник и новинар во телевизијата Алсат-М, вели дека одлуката за отворање преговори е всушност доближување кон еден од врвните приоритети на земјава, но сега пред нас е најважната битка.
„Се работи за доближување кон еден од најврвните приоритети на државата. Интеграцијата во ЕУ не е само сигнал на напредок, туку е евидентирање на најбитниот кохезивен елемент, партиски и етнички, па поради тоа треба да се гледа како есенецијален момент. Есенцијален момент за понатамошен најсериозен ангажман, на сите, особено на партиите и администрацијата за исполнување на финалната цел, полноправна членка на ЕУ. Сега почнува најважната битка, и најбитниот тест, со кој ќе се види колку брзо ќе се оди напред кон целта, а тоа ќе биде и рефлексија колку сме имале реално реформи и дали најспособните се на челните места. Исто така, ова ќе биде притисок кон партиите, да не гледаат се по партиски клуч и интереси, туку да се отворат кон способните кои можат побрзо да ја водат джавата напред“, вели новнарот Рашиди за Фактор.
За жал, според него, сега целиот фокус е кон мерките и ситуациајата со корона вирусот, но веќе треба да се размислува за понатамошните финални фази кон интеграцијата.
Борис Георгиевски, уредник на Македонска редакција на Дојче Веле смета дека ова е историски ден за земјава и ќе биде шанса македонското општество конечно вистински да почне да се престројува.
„Почетокот на преговорите ќе биде шанса конечно да почнеме вистински да се престројуваме, и како општество и како држава. Премногу време се загуби во транзицијата, предолго и во критичен период назадувавме станувајќи ‚заробена држава', и сега е шансата да почнеме да ги надминуваме негативните ефекти од тие состојби во сите сектори, а во прв ред во владеењето на правото и во економијата. Најдоброто, откако ќе се отворат преговорите, е што паралелно ќе се ‚отвори' и државата или поточно ќе се разголи пред сондите на Европската Комисија. Нема да биде лесно, лично имам дилеми и околу капацитетите во државава тоа да оди брзо и мазно. ЕУ не беше секогаш фер кон нас, но и ние не се претргавме, ако бидеме искрени“, вели Георгиевски.
Но како и да е, нагласува тој, на шините сме, и не треба да се заборави дека на нив не поставија историските договори со Грција и Бугарија.
„Коронавирусот во меѓувреме може драматично да ги искомпликува работите, но со него или без него, не чека напорна работа и уште многу вистински чекори до полноправното членство. Но без дилеми: Ова е голем, историски ден за државата“. вели за Фактор новинарот Георгиевски.
Нина Нинеска-Фиданоска
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.