06 Мај, 2024
0.0256

Новиот iPhone „Apple“ ќе го објави во септември

Објавено во: Стил 11 Август, 2013

Добивај вести на Viber

„Apple“ може да ја објави следната генерација на својот популарен паметен телефон iPhone на настанот најавен за 10-ти септември, пишува блогот „All Things Digital“, повикувајќи се на информирани извори.

 Лансирањето на новиот смартфон е клучен настан на годината за „Apple“. Во третиот квартал минатата година, имено, повеќе од 51 отсто од приходите или 18,1 милијарди долари компанијата генерирала само од продажбата на iPhone-те.

Меѓутоа, уделот на компанијата на глобалниот пазар на смартфоните сега опаѓа, па така според податоците на IDC, во вториот годинешен квартал, се намалил за 3,4-процентни поени, на 13,2 отсто. Причините за ова се во острата конкуренција на најголемиот ривал на пазарите, јужнокорејскиот гигант Samsung, како и појавата на многу евтините Android-смартфони со добри карактеристики.

Експертите претпоставуваат дека во новиот iPhone ќе биде вграден дисплеј IGZO наместо Retina, ќе биде вграден процесор со брзина од 1,6 GHz и RAM меморија од 2 GB, а телефонот, исто така, ќе биде снабден со камера со 12-мегапиксели, NFC-модул и сензор за отпечаток на палците. Покрај тоа, некои извори велат дека Apple може да ја зголеми големината на екранот на 10,9 сантиметри наместо сегашните 10,16. Од Apple не ја коментираа оваа информација.

Главната непозната на закажаниот настан на компанијата ќе биде дали „Apple“ ќе ја примени новата ценовна тактика за своите паметни телефони. Претходно, при лансирање на новиот производ, компанијата ги намалуваше цените на претходниот модел. Но сега, според некои информации, заедно со новиот смартфон, „Apple“ може да лансира и евтина верзија на iPhone-от.

Лансирањето на новиот iPhone, со голема веројатност, ќе биде проследено со јавната промоција на оперативниот систем 7 iOS, кој беше објавен во јуни. Платформата се одликува со невообичаено за Apple адаптиран кориснички интерфејс и ќе биде достапна и како надградба за некои други IOS-уреди.

Од „Apple“, исто така, планираaт официјално да ја лансираат новата верзија на оперативниот систем Mac OS X Mavericks во следните неколку недели, но според All Things Digital, на настанот закажан за 10-ти септември тоа нема да се случи. И покрај слуховите дека Apple развива телевизор или „паметен" часовник, овие проекти, најверојатно, нема да бидат презентирани на споменатиот настан, смета блогот„ All Things Digital“.