Добивај вести на Viber
Младите завземаат незавидно место во програмите на политичките партии, младинските прашања и политики скоро и да не се застапени. Мал дел од нив се охрабруваат јавно да говорат за проблемите и тие буквално бијат битки на различни начини, за нивниот глас да биде препознаен од политичката елита- вели за Фактор,
Благица Петрова од Секретаријатот на Националниот младински совет на Македонија.
Политиката, вели Петровска ги остави во втор план образованието и проблемите кои го мачат младиот човек, па борбата за глас и сигурни партиски позиции наместо да се фокусира на оваа целна група, стана мегдан на политички препукувања кој и колку направил на политичката сцена. Затоа вели таа во пресрет на изборите, Националниот младински совет преку форуми низ 11 градови ќе ја зајакнува позицијата на младите луѓе како да бидат клучни фактори и креатори на општествено -политичките случувања.
“Преку 11 форуми во Велес, Кавадарци, Битола, Струга, Гостивар, Тетово, Штип, Струмица, Куманово, Скопје и Шуто Оризари претставниците на подмладоците на политичките партии ќе имаат можност да ги претстават програмите на своите политички партии и мерките за млади кои тие ги предвидуваат. Првиот настан од ваков тип се одржа во Велес. Бевме сведоци на серија настани во изминатиот период каде младите, односно нивните ствови и мислења не беа слушнати. Сега се обидуваме на овој начин да им обезбедиме простор и време да седнат посредно, преку подмладоците, на иста маса со носителите на одлуки. Може да се забележи дека денес голем дел од младите се многу похрабри во јавното изнесување на нивните ставови и идеи, но исто така за жал сеуште е многу поголем бројот на младите кои не се охрабруваат да говорат за своите проблеми или едноставно не знаат каде и како. И токму тоа е и улогата на Националниот младински совет на Македонија како најголемо репрезентативно тело за млади, да ги охрабри младите и да застане во одбрана на нивните права и потреби”- вели Благица Петрова од Националниот младински совет.
Младинската невработеност, потребата за реформи во легислативата, образованието како и сè помасовното иселување на младите од државата се теми како што вели за кои едногласно се констатирало дека се најгорливите прашања кои ги засегаат и на кои треба сериозно да се работи. Но тоа и не е непознаница во општествените кругови бидејќи статистиките со години говорат дека градовите низ земјава се празнат, невработеноста се намалува со иселување. Скоро и да нема млад човек кој својата иднина не ја гледа надвор од државава. Социјалните мрежи стануваат место за споделување на нивните маки, но и отворени можности како полесно да ги спакуваат куферите.
Иако државните институции ја чуваат како добро скриена тајна и официјално не кажуваат колку луѓе ја напуштиле земјата, службата за статистика Еуростат, објави дека од 1998 та до 2012-та, 230 000 луѓе официјално се иселиле од земјава и имаат регулиран престој во странство. Тоа претставува повеќе од 10 отсто од вкупното население во Македонија. Дополнително европската статистичката служба за периодот од 2010 до крајот на 2013 покажува поголем тренд. Во тој период, за само четири години, вкупно 58.713 граѓани добиле прва дозвола за престој или државјанство во Европската Унија, односно во тие четири години, најмалку по 40 македонски граѓани секој ден заминале кон Европската унија. Светската банка пак има објавено дека до 2010 година од Македонија се отселиле 447 илјади граѓани. Но Останува фактот и дека голем број македонски граѓани заминуваат да си ја пробаат среќата на европскиот пазар со бугарски пасош или со работа на црно, со што лесно може да се претпостави дека бројката на иселени е уште повисока.
Партиите во земјава декларативно се заложуваат дека ќе ја унапредуваат положбата на младите во општеството, отворено и партиципативно ќе креираат политики за младите, но во пракса работите не стојат така.
“Во изминатите неколку месеци работната група „Избори 2016“ на Националниот младински совет на Македонија активно работеше на анализа на застапеноста на младинските политики во програмите на политичките партии за време на парламентарните избори 2014 година. Со цел да се осигураат заедничките напори за промовирање на ефективни политики за млади во Република Македонија, Националниот младински совет на Македонија на 28 март потпиша Декларација со претставници на 13 политички партии. Со тоа политичките партии се заложија дека ќе ја унапредуваат положбата на младите во општеството, отворено и партиципативно ќе креираат политики за младите како и дека ќе воспостават траен механизам за соработка” -додава Петрова.
Дел од проектот, според неа се серијата настани „Младински изборни муабети“, први од ваков тип кои имаат за цел, во пресрет на предвремените избори 2016 година, одблизу да ги запознаат младите со степенот на нивната застапеност во партиските програми и да се овозможи простор и време да ги изнесат своите прашања, потреби и идеи пред потенцијалните носители на политички одлуки во државава. Сега според неа на тест се сите, од партиите кои треба да покажат како ќе го задржат младиот човек во земјава, институциите во спроведувањето на политиките, до младите кои треба да се изборат за својот глас.
Во меѓувреме, на терен останува еден од најреалните и најсурови проблеми- демографската иднина и структура на земјата, на што со години предупредуваат домашните демографски експерти. Обемната студија „World Population Prospects - The 2015 Revision“ на Одделот за население на Организацијата на Обединетите Нации неведува дека Македонија во следните 35 години ќе се најде на 29-то место од вкупно 43 земји, за кои се прогнозира пад на бројката на населението.
„Во 2050 година Македонија ќе забележи демографски пад за 6, 8 отсто, а во 2100 година ќе има само 1.487.000 жители, наместо 2. 078.000 жители колку што се проценува дека имала во 2015 година.
“Тоталната фертилност, односно, бројот на живородени деца, во 2050 година во Македонија ќе се намали на само 1, 71 деца, додека таа бројка во периодот 1975 - 1980 изнесувала 2, 54 деца“ - се наведува во аналитичкиот извештај на ООН.
С.Б.