ОБРЕНОВАЦ ПРЕД И ПОТОА! Животни судбини, спомени, сеќавања…
Објавено во: Балкан 24 Мај, 2014 08:16
Ружица и Драгутин Алексиќ во Обреновац живеат повеќе од триесет години. Велат тука ги доживеале најубавите моменти од животот, тука им се родиле двајцата синови, успеале да изградат две семејни куќи, да ги наполнат со предмети, слики, спомени, да создадат пријателства. Се до кобниот 16 мај....
“16.05 тоа утро ќе го паметиме додека сме живи. Ништо не наговестуваше дека тоа ќе биде најлошиот ден во нашите животи, немаше никакво предупредување. Од сон ме разбуди гласот на сопругот “Станувај иде вода кон нас”. Јас со невидена сила и брзина истрчав во дворот. Водата навираше на сите страни. Само низ магла гледав силуети на комшии, гласови, страв, пискот, избезуменост. Сите бевме надвор. Беше шок, но немаше време за размислување, а уште помалку за чекање. Напред на улицата повеќе неможевме. Свекорот буквално го пренесовме преку некои шупи, за да го префрлиме во друга куќа на спрат на другата улица. За нецели 20 минути водата поплави се” - се сеќава 59 годишната Ружица Алексиќ.
Таа низ солзи ја продолжува страотната приказна која за момент ги измени нивните животи.
“Бевме мокри, но успеавме да се качиме на горниот спрат. Не останавме долго, бидејќи водата растеше се побрзо. Бевме во паника. Ни вода, ни струја, ни храна. Мобилните не ни работеа, бевме отсечени од комуникација. Од спратот гледавме како водата ги голта едната, другата куќа, гаражата, колата, нашиот цел имот. Се стана за неколку минути голема матна река. Имавме среќа преку прозорот да не спаси братот на жената кај која се наоѓавме. Осуммина седнавме во чамец кој не остави на мостот, единствениот дел кој сеуште не беше поплавен. Четири часа чекавме да не евакуираат. Дождот не престана да паѓа. Беше ладно. Дедото со стап стоеше цело време. Мокар, се тресеше, но моравме да останеме во чамците да ги пропуштиме малите деца и мајките кои постојано пристигнуваа од сите страни. Општ хаос, паника, борба а водата беше насекаде околу нас. Тогаш го видовме спасот. Гумените чамци стигнаа”-додава Ружица.
Водата, памети Ружица, била околу четири метри. Ладно, тие мокри до гола кожа. Половина час возење низ мрак и здивена вода. Сцени како од апокалиптичен филм. Потоа патот ги носи за Белград во прифатниот центар “Чукарица”.
“Јас и свекорот бевме со возила на брза помош со непокретни лица, додека сопругот остана да чека друга евакуација. На моја среќа брзо потоа и тој ни се придружи и конечно искра на среќа ме облеа бидејќи бевме заедно. Тоа беше во моментот најважно. По еден час во прифатниот центар каде ни ја пружија цела потребна помош во моментот, дојдоа наши роднини од Македонија да не однесат на топло и суво. Ноќ без сон и неверување дека ова ни се случи. Утредента проработија телефоните. Дури тогаш стана општа паника, да дознаеме дали се спасиле нашите роднини и пријатели. Му благодарам на господ сите веќе третиот ден разбравме дека се добро”-раскажува Ружица Алексиќ.
Денеска после една недела, водата сеуште не е потполно повлечена . Забранет им е влезот во Обреновац. Се информираат само преку медиумите. Им се дозволува влез само на доброволци кои се пријавиле за чистење на градот.
Куќата на семејството Алексиќ е до кров под вода. И целиот имот. Во тој дел од градот водата не е повлечена, а низ него насекаде се наоѓаат лешеви од животни. Многумина ги загубија животите. Многумина ја изгубија радоста во очите, оставија парче од својата душа и празнина која може да ја надополнат само сеќавањата на убавите спомени. За утеха.
“Остана се таму, нашето минато, нашата радост. За секое делче не боли срцето, душата. Сите спомени, слики, албуми, она што го градевме целиот живот. Најмногу ми е жал што не ми остана ниту една фотографија од децата, од тоа како растеа, од свадбата на мојот син. Уште не знаеме што ќе правиме и како ќе живееме понатаму. Што не чека кога ќе се вратиме на самото место. Веруваме во помошта и хуманоста на добрите луѓе, бидејќи навистина ни е потребно тоа. Подадена рака. Му благодариме на господ бидејќи сме живи. Неизвесноста останува”-вели Ружица Алексиќ.
Во агонијата испреплетена со гнев, тага, болка и депресија, таа утеха бара во своите деца, во подршката од синот Игор и снаата Рина од Македонија кои се нејзиното рамо, нејзината светла точка и подршка. Ова вели, е можеби единствената животна лекција и испит кој треба да не потсети на важноста и вредноста на семејството. Оние кои ве сакаат и мислат и во добро и во зло.
И семејството Алексиќ и многумина кои ја споделија нивната судбина, неможат а да не ја споменат подршката од Македонија, од граѓаните кои иако далеку, сочувствуваат со нивната болка и кои испратија подршка за своите соседи.
Билансот на жртвите и штетите од поплавите кои ја зафатија Србија и регионот допрва ќе се пресметува. Им претстои многу работа. Овој немил настан кој многумина сеуште го доживуваат како лош сон е доказ дека животот е тркало, тест на издржливоста пред кој е ставен секој човек, но и доказ повеќе дека никој и никогаш не знае колкава е вредноста на нештата додека не ги изгуби. Надежта како последниот чамец на спасот, остава простор стоички да се надминат животните препреки, исправено да се почне од почеток, бидејќи само храбрите, одлучните и луѓето со трошка надеж го можат тоа.
Обреновац се наоѓа на устието на реката Колубара која се влева во Сава. Оддалечен е околу 30 километри југозападно од Белград. Иако беше познат по термоелектраната “Никола Тесла” , мирните и гостољубиви жители, град богат со праисториски и антички наоѓалишта, пошироката јавност и регионот дозна многу повеќе за него по суровата судбина и поплавите кои однесоа човечки животи, спомени и судбини. Но тој сеуште е во мислите на семејството Алексиќ и нивните сограѓани, кои очекуваат и сонуваат многу брзо да успеат да се разбудат од кошмарот и повторно да го изградат својот роден град.
на следниот линк
(ВИДЕО) Крупањ: Хронологија на катастрофата
Можеби ќе ве интересира
„МИНИСТЕРОТ НЕ ЗЕМА НИТУ ДИНАР“ Вучиќ: Обвинението против Селаковиќ е срамно и безобразно
„Њујорк тајмс“: Фирмата на зетот на Трамп - Кушнер се повлекува од договорот за изградба на хотел во Србија
Граничниот премин Богородица затворен за сообраќај
Потврден случај на лепра во Хрватска: Почната е задолжителна постапка за вакцинација
Во времето на Тито, за некој овие пари беа една плата: Никој не успеал да ја фалсификува „сивата гулабица“, а еве која е мистериозната жена од банкнотата
Голем пожар во Хрватска; На местото на настанот беа повеќе од 60 пожарникари, се слушаа експлозии




