Од БДП-то се одлеваат 3 отсто за штети од сообраќајни несреќи
Објавено во: Економија 03 Јули, 2013
За исплата на штети настанати од сообраќајни несреќи се одлеваат дури 2 до 3 отсто од македонскиот БДП годишно. Овој процент може значително да се намали доколку осигурителните компании почнат да вложуваат во подобрување на безбедноста во сообраќајот на патиштата.
Ова е главната порака што ја упати д-р Алан Рос, креаторот на декадата на ОН за безбедноста во сообраќајот на патиштата и главен консултант на Светска банка за безбедноста на сообраќајот на патиштата, на тркалезна маса на тема „Улогата на осигурителните компании во градењето на култура и етика во сообраќајот и зголемување на безбедноста во сообраќајот на патиштата“, организирана од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата. Тој им препорача на осигурителните компании во Македонија да вложуваат во подобрувањето на безбедноста на сообраќајот на патиштата не за да бидат хумани, туку за да остварат поголем профит.
„Со вложувањето во безбедноста на сообраќајот на патиштата осигурителните компании со текот на времето можат да ги зголемат своите приходи за 7 до 8 пати поради намалувањето на исплатата на штетите настанати од сообраќајните несреќи“, рече Рос.
„Верувам дека инвестирањето во неа е заеднички интерес и потребно е вклучување и на осигурителниот сектор во соработка со државните институции. Ние сме силно обврзани не само да се обидуваме, туку конкретно и упорно да дејствуваме во зголемувањето на безбедноста во сообраќајот. Искрено жалам што јавноста соочена со трагични вести, како неодамнешната во Куманово кога во еден момент изгубивме шест животи, најчесто само тогаш ја прифаќа и има разбирање за полициската строгост и репресивност во поглед на прекршителите на Законот за безбедност на патиштата“, изјави министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.