Од каде дојдоа 26 милиони евра за „Македонски железници“?
Објавено во: Економија 03 Јули, 2023 07:45
Македонски железници Транспорт во последното тромесечие од изминатата година остварило приходи од над 26 милиони евра, или над 1,64 милијарди денари, што е неверојатно ова претпријатие да го оствари во рамки на последните три месеци од 2022., освен ако не се работи за голема државна помош која досега не била објавена никаде.

Извештајот на Министерството за финансии за истиот квартален период покажува дека МЖ Транспорт пријавил уште поголем расход од 31 милиони евра, или над 1,87 милијарди денари кои биле потрошени од 1 октомври до 31 декември. Ова е доста висока сума на пари, ако се знае дека вообичаено, според она што квартално го покажува Министерството за финансии, Железницата во рамки на секои три месеци има приходи кои се движат од 4,5 до најмногу 8 милиони евра кои се обезбедуваат од превоз на стоки и од државни субвенции за патнички сообраќај.
Најголемиот македонски загубар крајот од минатата година го заврши со долг кој изнесуваше 68,6 милиони евра, според Министерството за финансии. Во декември лани околу 3,3 милиони евра му беа префрлени на АД МЖ Транспорт, за да може да го плати долгот кон ЕВН, поради кој дури дојде и до кратко исклучување на електричната енергија. Парите беа вонредно префрлени од буџетот кај Министерството за транспорт и врски,
По распадот на Југославија и порамнувањето на сметките и долговите на железничките претпријатијата утврдено е дека МЖ Транспорт има десетици милиони евра кон разни европски железнички претпријатија. Со посредство на Меѓународната железничка унија (УИЦ) постигнат е некаков договор за порамнување, но останаа отворени сметките со хрватските и бугарските железници, нешто што МЖ Транспорт го споменува како најургентна обврска во својот последен бизнис план.

Во овој најнов документ објавен во 2022 не влегуваат и каматите на долговите, кои растат од година во година со нивното неплаќање. Меѓу она што е доспеано, а неплатено од Железници на РСМ-Транспорт како обврски може да се подели на четири главни дела: долгови кон македонската држава и државни компании (ЕЛЕМ, МЕПСО, Министерство за финансии, ЈП за железничка инфраструктура), долгови кон приватни фирми (Пуцко петрол, ЕФГ Софија, приватни железници), доспеани неплатени обврски кон странски државни железници за периодот 1991-1995 година и доспеани неплатени обврски кон странски железници за периодот 1996-2020 година.
Најзагрижувачки се долговите кон Хрватските и Бугарските железници направени во периодот 1991-1995 година, во вредност од 4.520.454 евра и 3.619.518 евра. Во „Бизнис планот“ пишува дека опасност од присилна наплата постои и од добавувачите од земјава и од странство, бидејќи железницата не е во можност навремено да ги плаќа долговите и истите постојано се акумулираат.
А:К.
Можеби ќе ве интересира
НА ЕУ И НЕДОСТАСУВААТ МЕНАЏЕРИ ЗА ПРОДАЖБА, МАРКЕТИНГ И РАЗВОЈ: Оваа професија има незадоволена побарувачка
Запленетите акции на Сашо Мијалков во Алта банка ставени на продажба
ЕВЕ КОИ ЛИЦА ЌЕ БИДАТ ДЕЛ ОД УО НА ЦЕНТРАЛНА КООПЕРАТИВНА БАНКА - добиена е согласност од Народна банка
Крај на една ера: Легендарниот дизајнерски шеф на Mercedes-Benz ја напушта компанијата
ОД ДЕНЕС НОВИ ЦЕНИ НА ГОРИВАТА: РКЕ вчера ги соопшти деталите
Словенија ќе го зголеми минималецот - колку ќе изнесува?
Хрватска ги заострува условите за вработување странци
Култура со голем потенцијал - заработката е до 20.000 евра по хектар




