28 Септември, 2024
0.0263

Од раб на трговска војна, до сѐ помал извоз – кој е виновен што Македонија го губи косовскиот пазар?

Објавено во: Анализа 06 Мај, 2014

Добивај вести на Viber

Намалувањето на македонскиот извоз на Косово е очекувано, пред се поради тоа што во структурата на производите за извоз од Македонија се нафтените деривати, а Косово веќе има нови алтернативи преку албанските пристаништа за овој производ, вели за Фактор претседателот на Стопанската комора на северозападна Македонија, Мендерес Кучи. Но, сепак според Кучи за падот на македонскиот извоз на Косово има и други причини. „ Ние неприродно си создаваме бариери, значи декларативно тие не постојат, но практично на терен се јавуваат. Нема проблем македонска фирма да извезува на косовскиот пазар, но косовскиот извозници во Македонија се соочуваат со низа формалности, кои на еден начин создаваат вештачка бариера. Ние како бизнис заедница неколку пати реагиравме дека безпотребно се создаваат вакви бариери, со кои штитејќи одредени фирми го рушиме имиџот на Македонија. Неколку пати имавме средби со нашиот министер за економија, имавме состаноци и на домашен терен, но и во Косово и го посочивме проблемот. Овој пазар не смееме да дозволиме да го изгубиме, а знаеме сите дека пазарот се задржува со пријателска бизнис клима, бариерите се беспотребни, вели за Фактор претседателот на Комората на Северозападна Македонија, Мендерес Кучи. Од Стопанската комора на Македонија пак сметаат дека освен тоа што Окта веќе не извезува на Косово, проблемот е и во двете страни, односно,  конкурентноста на нивните и нашите цени, и во неинформираноста на бизнисмените. На оваа тема, бизнисмени од двете земји веќе денеска ќе потпишат меморандум за подобрување на трговската размена, кој ќе содржи конкретни предлог-мерки за надминување на проблемите. Бизнис заедницата меморандумот  ќе го достави до владите на двете земји. Освен тоа се очекува двете комори да испратат свој претставвник , односно македонската во Косово, Косовската во Македонија и тие ќе бидат во контакт со фирмите. Вкупна трговска размена  на Македонија Според податоците на Државниот завод за статистика, вкупната вредност на извозот на стоки од Македонија во периодот јануари-март 2014 година изнесува 1 112 587 илјади САД долари, а на увозот 1 696 617 илјади САД долари. Покриеноста на увозот со извоз е 65.6%. Трговскиот дефицит, во периодот јануари-март 2014 година, изнесува илјади 584 031 САД долари Лани пак во истиот период вкупната вредност на извозот на стоки од Македонија изнесува 948 053 илјади долари, а на увозот 1 499 934 илјади долари. Покриеноста на увозот со извоз изнесува 63.2%. Трговскиот дефицит, во периодот јануари - март 2013 година, изнесува 551 881 илјади долари. Размена меѓу Македонија и Косово Но, во вкупната размена се гледа дека има пад на македонскиот извоз на Косово. Во периодот од јануари до март годинава, трговската размена меѓу Македонија и Косово изнесувала 56 691 000 долари, што е 2% во вкупната трговска размена. Или Македонија има извезено на Косово стоки во вредност од 48 854 000 долари што е 4,4% од вкупниот извоз, додека пак има увезено стоки во вредност од 7 837 000 долари што е 0,5% во вкупниот извоз. За разлика од ова, во периодот јануари-март минатата година пак податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека вкупната трговска размена меѓу двет земји изнесувала 67 888 000 долари и учствивала со 2,8 % во вкупната трговска размена. Во ова време Македонија на Косово има извезено стоки во вредност од 61 846 000 долари што претставува 6,5% ос вкупниот извоз, додека пак има увезено стоки во вредност од 6 042 000 долари што претставува 0,4% од вкупниот увоз. Ако се спореди само јануари ќе се види дека годинава во јануари вкупната размена меѓу Македонија и Косово речиси е драстично намалена и изнесувала 14 671 000 долари за разлика од лани кога изнесувала 24 907 000 долари. Односно, годинава во јануари извозот изнесувал 12 841 000 долари, а лани во јануари бил 22 761 000 долари. Или во вкупниот извоз на Македонија, годинава воп јануаро извозот на Косово учествувал со 4% за разлика од лани во јануари кога учествува со 7,4% Има мал пад и на страната на увозот на стоки од Косово.Односно годинава во јануари се увозот изнесувал 1 857 000 долари, додека пак лани во јануари изнесувал 2 146 000 долари. Македонија и Косово – лани беа на раб на трговска војна Минатата година Косово стави ембарго за увоз на дел од македонските производи поради нашата мерка за условен увоз на брашно, а потоа Македонија возврати со патни такси за косовските државјани. Косово не застана, па ја спушти рампата за увоз на сите македонски производи. Македонија од Косово речиси и да не увезува пченица, а брашно незначителни 30 отсто. Токму овој податок го отвори прашањето зошто Косово се одлучи на ваков смел потег? Во јавноста се вртеја неколку сценарија. Од тоа дека Косово отвора терен за влез на други производи од други држави, потоа дека се пред парламентарни избори па секој долар им е важен, до тоа дека целата ситуација има врска со промената на името на Македонија во облик на надворешни притисоци. Сепак според експертската јавност потезите на Косово не беа само од економски мотиви, туку имаа политичка позадина. По десетдневната блокада, Косово ги крена рампите за увоз на македонски производи, Македонија ја повлече мерката за условен увоз на брашно и патни такси за косовските државјани. И така по десеттина дена континуирани дијалози на линија Скопје- Приштина, закани кој е посилен, кој е виновен, кој е во право, кој прв почнал, заврши трговската војна меѓу двете земји. За политичарите беше важно проблемот да се надмине, но последиците од овие десет дена некого го чинат милиони пари, изгубено време и нерви. На крајот товарот на својо грб го почуствуваа стопанствениците, кои допрва ќе ги санираат финансиските штети. И додека траеше спорот бизнисмените постојано апелираа државите што побрзо да најдат решение оти бизнисот секојдневно брои штети. Десет дена рафтовите во косовските маркети беа без македонските производи. Македонија генерално има суфицит со Косово. Сепак последниве години има намалување на вкупната трговска размена.