28 Септември, 2024
0.0260

Од Струга до Охрид ќе се игра македонско оро за „Гинис“ – кој ќе го предводи?

Објавено во: Анализа 10 Мај, 2014

Добивај вести на Viber

Кирил Зифовски, еден од најстарите членови на Ансамблот за народни игри и песни на Македонија  “Танец”,  денеска ќе го предводи македонското оро „По вазден те гледам”,  долго 18 километри,  кое претендира да влезе во Гинисовата книга на рекорди. Тој за Фактор вели дека ова е огромна чест за секој Македонец. Емоциите се преголеми со зборови да се опише чувството, да се биде на чело на најголемото оро, потенцира Зифовски. Денеска, вели, очите на домашната и странската јавност ќе бидат свртени кон Македонија, кон нејзината вредност и традиција, растеретени од секојдневните дневно-политички превирања. Изборот токму тој да застане напред на орото  не е случаен. Неговите колеги за него  велат дека тоа е сосема заслужено, бидејќи на ваков голем настан токму личност како Зифовски треба да биде на чело на орото, онаму кадешто застануваат најзаслужните и највредните. Тој не е професионален играорец, туку првата виолина на професионалниот оркестар. Но, секако според скромноста, искуството, знаењето и талентот го заслужува целото внимание.
“Денеска е посебен ден, и јас со посебни емоции го доживувам секој момент. Денеска и граѓаните и Македонија заслужуваат да застанат рамо до рамо со најдобрите и најуспешните. Мојот ансамбл го сакам како свој втор дом. Неможам да се сетам каде се не сме биле присутни со македонската песна и оро. Секој настап е посебен и оригинален. Кога ќе стигнете на некое гостување надвор од границите на Македонија ја сваќате нејзината големина и важност. Ние сме амбасадори на својата татковина и како такви не пречекуваат и надвор.Јас кога сум дома мислам на ансамблот, а кога сум таму не мислам на ништо. Денеска гордо  мислам само на својата земја”- вели Кирил Зифовски од Танец.
Предводникот на професионалниот оркестар на Ансамблот Танец, Зифовски, вели дека од кога знае за себе живее од и за музиката. Неговите први работни ангажмани се во далечната 1976 година, кога првпат стапнал во Танец, по завршувањето на средното музичко,  а потоа и музичката академија. Од тогаш до денес е редовен член на ансамблот  и негов неизоставен дел. Својот талент виолинистот и ороводец  Кирил Зифовски го пренел и на неговиот син Дамјан, кој скоро една година е член на единствениот  професионалниот ансамбл Танец. Неговиот горд татко вели дека музиката во неговото семејство, не е традиција,  туку и обврска која мора да се негува. Многубројните  патувања, настапи и професионални искуства, додава најстариот член на Танец,  не можат да се опишат во неколку реченици. Играорците и оркестарот  поминале илјадници километри, ја кренале на нозе домашната и странската публика, споделувале емоции, прегратки и солзи со нашинците во дијаспората. Скоро секогаш со бис се  вратени на сцената каде продолжуваат да ја негуваат традицијата, корените, историјата. Охрид и Струга во центарот на вниманието! “Проектот Македонија за Гинис –Најголемото македонско оро”  треба да ја означи  и туристичката сезона во Охрид, а ќе биде одбележан и јубилејот  60 години од постоење на Танец и 1000 години од Самоиловото царство. Најголемото македонско традиционално оро во светот ќе се игра од Мостот на поезијата во Струга до локалитетот Горица во Охрид. Атракција која сплотува околу 18. 000 луѓе и привлекува илјадници туристи кои ќе уживаат во препознатливиот македонски  7/8 такт. Од Агенцијата за промоција на туризмот велат дека интересот како на домашни така и на странски туристи е неколкукратно зголемен. Рекордот кој Македонија треба да го урне е оро од  17.000 луѓе кои играле кинеско оро и го држат рекордот во Гинисовата книга. Б.С.