Одекнаа нови прислушкувани бомби од албански политичари
Објавено во: Македонија 26 Септември, 2016
Снимки прислушкувани телефонски разговори од албански политичари одекнаа и во Косово, објавени преку социјалните мрежи. Во нив се вклучени Али Ахмети, лидерот на ДУИ, Муса Џафери и Ермира Мехмети која пак тврди дека нејзиниот глас е монтиран и дека ова е нов обид да се оцрни нејзиното име. Затоа од ДУИ побараа веднаш Специјалното јавно обвинителство и надлежните институции да преземат мерки со цел да се спречи ваквото незаконско линчување на политичари.
„Решив да кажам неколку зборови за нападот, затоа што се чини дека тие продолжуваат. Прво, трендот е јасен, со користење на методи на уредување програми, Ермира Мехмети стана синоним за морална изопаченост на нашето општество. Не е изненадувачки, во машко општество, каде владеат патријархатот и логиката на племенските општества. Таму мажот го има последниот збор, а Ермира е пречка која мора да се елиминира…” напиша Мехмети на Facebook.
Од владејачката партија ја обвинија СДСМ како главен виновник за протекување на приватни телефонски разговори со цел да профитира од албанските партии. Од друга страна, пак Шилегов портпаролот на СДСМ тврди дека единствени кои ги имаат снимките се членовите на најтесното раководство на ВМРО-ДПМНЕ и дека тие вршат нарачки на текстови и објави по „курирските“ портали.
Страната pronto.mk на Facebook пред неколку дена најави нови „изненадувања“, а покажа и слики со стотици аудио фајлови кои најверојатно се подготвува да ги објави. Засега од Facebook го немаат блокирано пристапот до pronto.mk. На страната стојат и клиповите со претходно објавените аудио снимки.