Добивај вести на Viber
Минатата недела забележавме значителен раст на светските берзи. Индексите се на највисокото ниво во 2016 година. Инвеститорите проценија дека грижите поради можниот Brexit и „очекуваното“ јунско зголемување на референтните каматни стапки од страна на ФЕД-от се веќе антиципирани, односно дека евентуалниот негативен ефект од нивна реализација би бил помал од очекуваниот. Факт е дека сите во одредена мера нагаѓаме, но позитивното во целата ситуација е што цените растат во периоди на изразена несигурност. Тоа покажува дека пазарите се моќни, а ликвидноста солидна. Ако е така, тогаш на што ли се темели овој ненадеен изблик на оптимизам?
Првата причина се суровините. До крај на светот не се дојде. Цената на нафтата по повеќе од половина година, повторно ја надмина границата од 50 долари за барел. Не така одамна, дежурните критичари предвидуваа пад под 20 долари, а некои од „најхрабрите“, дури и на 10 долари за барел. Се случи токму спротивното. Пресвртот беше ненадеен и вон контрола. Повисоката цена на нафтата го промени и долгорочниот аспект кон акциите на компаниите од енергетскиот сектор. Слично нешто се случува и во секторот за преработка на суровините. Автомобилите сеуште имаат потреба од железо и пластика, електричните инсталации и понатаму се изработуваат со бакарни јадра итн. Светот оди напред, а суровините си имаат своја цена.
Пазарите во развој, од кои повеќето се силно зависни од цената на суровините, го следееа соодветно секторот на суровини, како при надолниот, така и при нагорниот тренд. Притоа не смее да се пренебрегне фактот дека нивните вреднувања беа пониски дури и од врвот на кризата од 2008 година, додека некои од нив пак паднаа дури под вредностите од азиската криза во периодот на 1997/1998 година. Така, во ситуација кога приносот на 7-годишната германска обврзница е негативен, а 10-годишната е со принос од 0,17%, обврзниците издадени од земји во развој, чии приноси се движат помеѓу 3 и 7 % на годишно ниво, повторно се претворија во примамлива инвестиција. Валутите на овие држави драстично пораснаа во однос на еврото и доларот, што конечно резултираше и со пораст на цените на акциите. Имајќи ги тука предвид и руските санкции кон земјите од ЕУ, закрепнувањето на руската рубља може да донесе позитивни сигнали дури и за македонската економија, преку зголемувањето на платежната моќ на руските фирми увознички кои би ги зголемиле своите нарачки од македонските партнери.
Европската и американската економија од друга страна се зачудувачки отпорни на сите овие надворешни шокови. Иако во САД се забележува благо забавување, далеку сме од опасноста за некаква рецесија. Во Европа економскиот раст дури и забрзува. Потрошувачите трошат повеќе, довербата расте, се зголемува вработеноста, а раст, макар и срамежлив во однос на останатите сегменти на стопанството е забележан и кај платите на вработените. Како резултат на сето тоа, во ситуација кога каматните стапки се екстремно ниски, се зајакнува и интересот кон нешто поризични вложувања, какви што се акциите. За жал, акциските вложувања за просечните македонски вложувачи и понатаму остануваат незанимлива тема, иако вредно е да се одбележи дека постепено се разгледуваат информации околу можностите за остварување на повисока заработка во однос на класичниот банкарски депозит. Шпекулациите околу евентуалната девалвација на денарот за момент ја разнишаа довербата и во штедните влогови, но како што ситуацијата полека се враќа во нормала, а информираноста на граѓаните сè повеќе расте, со тек на време извесна е постепена распределба на дел од депозитната база кон вложувања во акции или акциски фондови.
За крај да резимираме. Околу тоа дека светот станува сè понепредвидлив, нема никакви двојби. Факторите кои влијаат на збиднувањата во светот не се нови или непознати (и порано имало избори, војни итн.). Разликата е во интернационализацијата и глобализацијата кои се одвиваат сè побрзо, па нивното влијание од ограничен или локален, веќе добива и глобален опсег. Тоа уште повеќе ја истакнува потребата од дисперзија на средствата и вложувањата. Како пример нека ни послужи кризата од 2008-ма година која ни покажа дека не е баш паметно сите заштеди да се вложат во акции. Спротивно на тоа, хиперинфлациите и девалвациите од времето на Југославија се доказ дека и чувањето единствено на кеш пари не е најмудрата идеја за штедење. Поуката од последните неколку кризи е да се има диверзифицирани и што е можно помалку корелирани вложувања. Следната криза ќе дојде порано или подоцна. Ние не знаеме точно кога. Но, што доколку тоа не се случи во следните пет години, а Вие и понатаму ги чувате сите пари во депозити кои исплаќаат исклучително ниска камата. Време ли е да побарате
алтернатива за дел од заштедата која ја планирате за подолгорочен период?
КД Фондови, повеќе од штедење