ОЈО го обвини Кобра за убиство на младиот фудбалер Мартин Јанушев
Објавено во: Македонија 12 Март, 2020
Основното јавно обвинителство – Скопје, поднесе обвинение против 28-годишниот Филип Секуловски Кобра кој го товари за кривично дело „убиство“, односно дека на 3. Ноември 2017 година со умисла го лишил од живот младиот фудбалер Мартин Јанушев.
– Утрината на критичниот ден, користејќи дозволено викенд отсуство, обвинетиот ја напуштил КПУ Затвор Скопје – Скопје, каде што издржувал казна затвор во траење од 20 месеци. Тој со умисла да го изврши делото, во попладневните часови истиот ден се движел пешки и околу 18.00 часот пристигнал пред зградата во која живеел Јанушев. Откако се сретнал со жртвата пред влезот на зградата, испукал кон него повеќе проектили од огнено оружје марка „Црвена Застава М70“ со калибар 7,65 мм, нанесувајќи му пет огнострелни повреди – прострелни рани. Од здобиените повреди дошло до прекин на работата на витално важните органи и до смртен исход кај сега покојниот Мартин Јанушев, се наведува во соопштението на Основното јавно обвинителство – Скопје.
Полицијата во октомври 2019 го уапси Кобра кој беше во бегство две години и за него почна да се спроведува веќе определената мерка притвор, која по барање на обвинителството е неколкупати продолжувана. Во рамки на сеопфатната истражна постапка, обвинителството обезбеди голем број материјални и вербални докази, релевантни вештачења и анализи, беа испитани и над 40 сведоци, потенцираат од скопското обвинителство.Заедно со обвинението, јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје до Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за продолжување на мерката притвор, бидејќи сеуште постои опасност од бегство на обвинетиот, како и опасност да ги сокрие трагите и да влијае врз сведоците.