OJO: Обвинение за десет лица за шверц на луксузни автомобили
Објавено во: Македонија 03 Јануари, 2025
Обвинение e поднесено за десет лица за шверц на луксузни автомобили.
Основното јавно обвинителство - Скопје поднесе обвинителен акт против десет лица за учество во шверц на луксузни автомобили, но и за фалсификување исправи.
„Во текот на 2021 и 2022 година, тие со лажни документи и преправени броеви на шасија, внесувале во земјава автомобили кои биле предмет на меѓународна потрага, како и автомобили за кои на друг начин ја избегнувале царинската контрола. Двајца од обвинетите се службени лица – референти од Одделението за управни работи во МВР, кои ја овозможувале постапката за регистрација на возилата во државава, иако знаеле дека се криумчарени“, велат од ОЈО Скопје.
Според Обвинителството, обвинетите за да го прикријат делото неколку пати меѓу себе продавале дел од автомобилите, а потоа ги предавале на крајните корисници. Во шверцот е вклучен и 11-от осомничен, државјанин на Република Грција, за кого кривичното гонење ќе биде препуштено на грчките власти.
Заедно со обвинението, јавниот обвинител до судот достави и предлог за продолжување на претходната мерка притвор за четворица обвинети. Едно лице е недостапно за полицијата, а истото се бара со меѓународна потерница од претходно, поради вмешаност во сличен случај, односно шверц на возила. За едно лице на сила се мерки на претпазливост.