Опасни рудници!
Објавено во: Македонија 15 Јули, 2013
“Проблемот се провлекува повеќе од 20 години. Уште во 70-тите години во околината на Пробиштип имавме една еколошка катастрофа. Пукна јаловишната депонија и се злеа во околината. Истражувањата кои беа направена за околното земјиште покажаа дека целото течение на реката во близина на депонијата е контаминирано и таму не смее да се одгледува никакви земјоделски производи“, изјави Марија Бошковска од општина Пробиштип.И последната анализа на Организацијата на Обединетите нации за жешките точки во Македонија покажа дека опасни, канцерогени материи се уште се присутни длабоко во земјата, водата, воздухот. Само санацијата на контаминираното земјиште кај Охис, на велешката Топлиница и рудникот Бучим, оценети како жаришта со најголем ризик, се проценуваат на околу 20 милиони евра. Отстранувањето на ризиците и отровите од рудниците Саса, Лојане, Силмак, Тораница, Злетово и РЕК Битола се проценува на околу 40 милиони евра. Индустриската депонија кај Југохром се наоѓа на околу 1,5 километри од фабриката Силмак, најнискиот дел на Полошката котлина, на речиси 50 метри од реката Вардар. Од досегашното работење рудникот Југохром генерирал отпад (талог, мил и троска) од околу 850.000 тони во кој се содржат хромати на калциум, алуминиум и натриум. Површината на депонијата изнесува 80.000 метри квардатни. Шествалентниот хром е извор на загадување на почвата и подземните води. Во анализата на Обединетите нации за Македонија, напуштениот, а се уште отворен рудник Лојане е меѓу најголемите загадувачи кога се во прашање токсините кои се ослободуваат од рудникот. Според ООН, санацијата на Лојане би чинела околу 4,2 милиони евра.
“Рудникот во Лојане е извор на висока концентрација на арсен, тешки метали и други токсични соединенија кои ги загадуваат површинските и подземните води.До 1963 година овој рудник работеше со полн капацитет експлоатирајќи го хромот, антимонот и арсенот. Сите активности кои беа преземени за изградба на депонијата, која е речиси без никаков надзор од државните институции, сега претставуваат активна еколошка бомба не само за селата и околината, туку и пошироко. Над еден милион тони арсен, антимон и други опасни материи се расфрлани во депонијата голема колку 15 фудбалски игралишта. Арсенот спаѓа меѓу најпознатите отрови. Неговото влијание може да предизвика леукемија, срцеви заболувања што доведуваат до инфаркт, рак на кожата белите дробови, црниот дроб и лимфните жлезди. Отворената јама се наоѓа во близина на училиште и неколку станбени и комерцијални објекти“, пишува во последната анализа на Обединетите Нации за еколошките жаришта и индустрискиот отпад во земјава.Невладините организации и експертите од областа на животната средина многу пати до сега потенцирале дека неоходни се итни мерки во справувањето со индустрискиот отпад од Охис, РЕК Осломеј и РЕК Битола, Фени, велешка Топилница, депонијата на Силмак, рудниците Саса, Бучим, Тораница, Лојане, Ржаново... Заменикот министер за животна средина пак, Стево Темелковски, вели дека и неговиот личен став и ставот на Министерството ќе оставе цврст-индустријата нема да добие ново пролонгирање (2014 година) за имплементацијата на еколошките стандарди.
“Ставот на Министерството е многу тврд и мислам дека во тој поглед ќе бидеме многу ригорозни. Компаниите имаа и време , но и средства да ги применат еколошките стандарди. Зошто не направија тоа, на нивна душа е“, изјави Темелковски.Само 5% од отпадните води во Македонија се третираат пред да се испуштат во реките?! Околу 95% од водата што се користи во производните процеси се испушта во реките без претходно да биде третирана, констатираат од ООН во последната анализа за состојбите со животната средина во Македонија. Во отсуство на конкретни податоци од државните институции, информациите од анализата на Обединетите нации за “опасните локации” на територијата на цела Република, го вклучува алармот за сериозна контаминација на водата, земјата и воздухот во Македонија. Децениското непреземање речиси ништо од страна на државата за санирање на овие 20 опасни рудници повторно ја отвора дилемата за приоритетите на сопствениот народ и поколениа на сите влади до сега?! Во отсуство на државна интервенција напуштените рудници сe уште се потенцијална “еколошка бомба”. Според Обединетите нации, за да се санираат индустрискиот отпад и јаловиштата на рудниците неоходни се речиси 80 милиони евра. Од Министерството за животна средина и просторно планирање објаснуваат дека празните каси, слабата имплементација на законите и недоволно стручните кадри се главните причини за децениското невешто справување со еколошките бомби, предизвикани од отворените рудници и индустрискиот отпад во земјава. К.П.