Добивај вести на Viber
Катлановска бања, Дебарски бањи и Бања Банско ги прекршиле законите и договорите со осигурениците, наплаќајќи им огромни суми без основ за тоа, откри Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ).
Трите бањи, иако имаат склучен договор со ФЗОМ и на осигурениците требало да им наплаќаат само партиципација од 200 денари дневно, си наплаќале дополнителни 200 денари за користење на термоминерална вода и дополнителна сума за користење на надстандардна соба за осигуреници кои биле сместени во стандардна.
„Во текот на 2013 година во бањата во Катланово наместо по 4.200 денари за 21 ден, на осигурениците им биле наплаќани по 11.500 денари. Наместо само партиципацијата од 200 денари дневно, измамените осигуреници во Бања Банско плаќале 10.500 денари, а дополнителни 6.300 денари им биле наплаќани и на корисниците во Дебарски бањи“, откри директорката на Фондот Маја Парнарџиева-Змејкова.
Единствено неправилности не биле откриени кај четвртата бања со која ФЗОМ има склучено договор - Негорски бањи. Бањите во рок од три месеца треба да им ги вратат бесправно наплатените пари на осигурениците, кои за цела 2013 година изнесуваат околу 11 милиони денари.
Директорката на Фондот апелираше и до осигурениците кои минатат година користеле услуги во некоја од овие бањи, да проверат колку платиле и парите да си ги побараат назад, а ФЗОМ им стои на располагање за помош во постапката.
Доколку во рок од три месеца бањите не ги вратат парите, Фондот ќе го раскине договорот со нив, а ќе им следуваат ии парични казни, најави Парнарџиева-Змејкова.