18 Април, 2024
0.0292

Ова интервју е поттик за мојот следен проект-Дневна болница: Д-р. Љубен Арсенков, директор на Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“

Објавено во: Македонија, Интервјуа 16 Февруари, 2021

Добивај вести на Viber

Местоположбата на Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ е главната причина оваа здравствена установа да биде посетена од огромен број пациенти. Доаѓаат со разни заболувања кои не се само од хируршка природа, но ниту еден пациент не е вратен, вели во денешното интервју директорот на оваа установа, д-р. Љубен Арсенков. Истакнува дека можеби поселектиран број на пациенти би добил уште поквалитетен третман, но ова прашање би го покренале на некое подруго институционално ниво. Во низата проекти за осовременување на „Старата градска болница“, д-р. Арсенков вели дека ова интервју ќе биде поттик за неговиот следен чекор, кој ексклузивно го обелодени за Фактор.

Универзитетската клиника за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ или позната меѓу скопјани како Старата градска болница е сè уште најфрекфентана здравствна установа во главниот град, иако веќе години наназад е специјализирана само за хируршки болести. Што е тоа што ја прави толку „популарна“?

Имам идеја од Универзитетската болница за хируршки болести, „Свети Наум Охридски“, или позната како Стара градска, да направиме некоја убава приказна и тоа ме води. 30 години сум овде и идејата зошто се нафатив да седам на ова менаџерско столче веројатно е некој внатрешен порив оваа болница да си го добие вистинското место во здравствениот систем во Македонија, бидејќи, веројатно работејќи толку дого време ги знам сите недостатоци и сите предности. Мани можеби не се многу, но предностите се во тоа штостанува забор за една компактна установа, било од архитектонски аспект, било од кадровски. Ова е установа во која што на едно место за брзо време може да се направат речиси сите можни дијагностички процедури и во најкус можен рок, пациентот да биде опериран. Прво, за јавноста е веројатно потребно да се нагласи дека ние сме само хируршка установа, не сме општа болница. Се обидуваме тоа да го потенцираме кај граѓаните, но и немаме отпор кај нас вработените доколку се јават пациенти и за некои проблеми кои што не се од наш домен. Сваќаме дека местоположбата на болницата во центарот на градот е таква да многу пациенти без разлика дали се од хируршка природа или од интернистичка, доаѓаат и прво влегуваат кај нас. Од страна на персоналот некогаш можеби има реакции зошто најголем дел од пациентите доаѓаат без упат, но до денеска не се случило, без разлика што навистина огромен број пациенти доаѓаат без упат, да ги вратиме. Можеби ќе треба да се работи на тој момент да сепак пациентите прво ги посетат матичните лекари, поликлиниките, па потоа малку поселектирано, а со тоа и помал број, да гравитираат кон нас.

Установата остана доследна сиве овие години на една своја посебна специфика која не се менува, и која во низата промени на менаџерското место опстојува и е прифатена без разлика што секој од директорите се обидува да внесе промени во раководењето. Дали тоа ја прави повеќе достапна и повеќе успешна во третманот на пациентите?

Прво би сакал да потенцирам дека кога говориме за носење упат, зборуваме за пациенти кои не се итни, кои што со месеци и години наназад  имаат тегоби и доаѓаат директно кај нас. „Докторе, мене две години ме боли стомакот“. Сепак би требало тој прво да се јави кај матичниот лекар, па во некоја поликлиника, како што се „Јане Сандански“, Бит Пазар, „Ѓорче Петров“ па потоа да дојде тука. Ова би требало на некое подруго институционално ниво да го покренеме како прашање, но го потенцирам од аспект не дека се плашиме од големиот број пациенти и дека нема да постигнеме, но реално гледано со поограничен број на пациенти, поадекватен, можеби побрз, понавремен и преглед и третман би обезбедиле кај пациентите. За итните пациенти ниту се бараат упати, ниту е потребно да имаат. Итните пациенти ги носат или доаѓаат сами, и ги прифаќаме. Има една традиција во лекувањето кое што е вон протоколите на менаџерите кои се менуваат на раководната позиција. Секако и јас се обидов да внесам нови протоколи. Но, традицијата е над сите протоколи. Тоа значи: кога ќе ја слушнеме сирената од амбулантнотѕо возило, вратарот ја отвора вратата, болничарот го држи лифтот отворен, оној што е на рентген го вклучува компјутерот, во анестезија веќе се е спремно, инструментарката се дизенфицира, се подготвуваат инструменти, особено ако претходно имаме најава дека станува збор за посериозна повреда која би барала хируршки третрман. Значи брзо се снима, се прават сите лабораториски иследувања и пациентот веднаш се внесува во сала. Ова е долгогодишна традиција, но секако гледаме да се сообразиме и со новите текови на лекување, со новите технологии.

Изминатава година во овој период на пандемија на корона вирусот, можеби единствена здравствена установа која не стана Ковид-центар е токму оваа здравствена установа. Како се справивте со предизвикот, односно со напливот не-ковид пациенти, сите беа препраќани кај вас?

Тоа беше првичниот договор со надлежните, со здравствените власти ние да бидеме установа која ќе ги прифаќа хируршките пациенти, пациенти со заболувања, со повреди од хируршка заради тоа што во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ поради природата на корона вирусот требаше извесен период да бидат затворени хируршките одделенија. Иста ситуација имавме и во ГОБ „8 Септември“, и таму хируршките одделенија подолг период беа затворени и на тој начин навистина огромен број пациенти беа препраќани или директно беа носени тука. Некаде минатата година, од самиот почеток, до 1.јануари годинава, околу 125.000 пациенти беа амбулантски прегледани токму во оваа Клиника за хируршки болести. Тоа е една сериозна бројка и ако ова го споиме со моментот на пандемијата тоа се 125.000 можни трансмисии на вирусот кај персоналот. Со задоволство можам да истакнам дека применувајќи ги сите заштитни мерки и протоколи, направено е координативно тело, и успеавме да го минимизираме бројот на заболени од медицинскиот персонал. И тие што беа позитивни на вирусот и со симптоми, голем дел од нив беа заразени надвор од установата, а не на работното место. Тоа е нешто со кое се гордееме, дека сме дале медицинска услуга на толкав број пациенти. И секао тоа даде еден голем сигнал во јавноста да го потенцира значењето на оваа установа како хируршка установа и ова уште повеќе ни дава поттик да продолжиме понатаму и да ја осовременуваме оваа куќа. И нешто што во претходните мои, неколку колку што сум ги имал интервјуа сум го потенцирал, а тоа се донациите од разни компании, фирми, поединци, тоа самото по себе ми остави впечаток дека сите сфатија што е здравјето, кое е неговото значење, кое е значењето на здравствените работници и на здравствените институции и за мое големо изненадување, многу лесно ги реализиравме нашите проекти на база на донации.  И искрено се надевам дека тоа нема да престане, туку напротив ќе биде дополнителен мотив за останатите успешни фирми поединци да продолжиме во таа насока.  

Далеку сме од тоа дека сме идеална установа, но ако не се стремиме да ги подобриме условите, прво јас не би седел и понатаму на ова место. Голема е договорноста овде, одговорноста е уште поголема затоа што моето назначување беше иницирано од стручниот колегиум којшто ми ја укажа довербата и сакајќи таа доверба да ја оправдам, минатата година и во време на пандемија, цела година со задоволство може да потенцирам дека во оваа установа влегоа донации во износ од 570.000 евра. Не станува збор за материјални средства, туку тоа се проекти со кои се изведоа одредени сериозни градежни зафати. Последниот период во разговор со министерот за здравство, Венко Филипче, дојдовме до една заедничка одлука дека треба да продолжи рекострункцијата на болничкиот дел од оваа установа и со тоа Клиниката полека, полека да добие дефинитивен лик и услови за пооптимално и постандардизирано лекување.

Велите 125.000 прегледани пациенти, како успеавте да се организирате кадровски. Се соочивте ли со недостаток на медицински персонал во даден момент заради тоа што можеби и дел од персоналот бил приморан да остане на лекување токму поради болест од Ковид-19?

На почетокот имаше посебни протоколи на организација на работата. Од страна на Министерството за здравство и секако од СЗО, препораките беа да се ротира кадарот да се избегне приусуство на персоналот кога не неопходно и со една ваква поставеност, со систем на ротации и дежурства успеавме да се избориме со релативно мал број заразени. Ние сме вкупно 350 вработени, на почетокот отсуствуваа дел од вработените не само поради тоа што беа заразени од Ковид-19, туку и поради посебните мерки кои ги примени Владата, колегите кои имаат хронични заболувања, оние со мали деца, но сепак станува збор за бројка која не се одрази на квалитетот на работењето. Успеавме да ги покриеме сите тие моменти, па во однос на тоа што навистина успешно ја менаџирме целава кризна ситуација, и иако Клиниката за хируршки болести, Свети Наум Охридски не е Ковид-центар, вработените тука ги добија заслужените награди. И сметам дека ова е големо признание за нашиот труд, нашата посветеност, нашето учество во целата борба со пандемијата.

Како постапувавте со пациентите позитивни на вирусот, ги препраќавте ли во ковид-центрите или и тие беа третирани во установата иако оваа Клиника примарно беше оставена да хоспитализира не-ковид пациенти?

Комуникацијата со колегите од ковид-центрите има огромна улога. На пациентите, особено последните месеци кои имаат потреба од хируршки третман, им правиме тестови, го чекаме резултатот, во тој период се сместени во изолиран дел каде што работи посебен персонал. По пристигнување на резултатите, во зависност од тоа дали е позитивен или негативен, го префрламе на адекватни одделенија. На почетокот позитивните пациенти ги препраќавме во ГОБ „8 Септември“, но подоцна откако се наполнија одделенијата и таму, односно се пополни капацитетот, голем дел ги опериравме тука со запазување на сите протоколи. Работевме и позитивни пациенти на кои им е неопходен итен хируршки третман.  Тука нема инфектолог, но имаме интернисти и анестезиолози кои во голема мера помогнаа во координација со останатите институции, односно со клиниките за Трансфузиологија, Инфективна, цело време бевме во комуникација за пациент за кои што не можеме да го препратиме, не дозволува неговата состојба и ние го третиравме тука.

Утринава кога поминавме низ ходникот за да дојдеме на ова интервју, очигледна беше гужвата од пациенти, практично не може човек да се размине. Дали чекањето подолго време внесува нервоза меѓу пациентите, дали и вие како лекари чувствувате дека постои незадоволство и тоа не од дадената услига, туку само заради предолгото чекање во холот на болницата?

Секако дека има реакции, некој ќе рече дека не е навреме прегледан, дека премногу долго чекал но има објективни моменти, на пример има само еден комјутер, една магнетна резонанта, едно ехо. Прегледите таму траат по околу половина час до 40 минути. Читањето на резултатите одзема време, не е само еден пациент. Што значи има реакции, да не се залажуваме дека сите се задоволни, но досега не сме имале бурни реакции по медиумите, па сметам дека сме успеале да излеземе на крај со сите барања од страна на пациентите, односно да ги супримираме незадоволните. Се случува да чекаат и по неколку часа, ако се работи за случај кој чека лабораториски наоди, компјутерски наод, реално е да се помине толку време во болничкиот ходник. Но, нешто што следно ќе направиеме, а што уште повеќе ќе ја подобри сликата за работењето на установата е создавање на дневна болница, еден простор во којшто пациенти коишто чекаат резултати и на кои им е ординирана некоја аналгетска терапија да не лежат на колички по ходници, тоа апсолутно не е во ред. За жал ограничени сме со просторот, изнаоѓаме начини како некои простории да ги адаптираме. Затоа, тоа ќе биде моја следна проектна задача, да најдеме простор каде тоа да го напреавиме. Имаме на ум нешто конкретно, во таква една просторија би имало три-четири кревети за пациенти кои додека ги чекаат резултатите да не бидат оставени во холот на болницата. Таа слика воопшто не е убава, тој лежи во количка, покриен со ќебе, семејството околу него, затоа велам, таква просторија апсолутно мора да ја имаме. Но, досега немавме можности. Има еден простор кој може добро да се пренамени и да почне да функционира како дневна болница. Кога тоа ќе го направиме, уште повеќе ќе добиеме на квалитет на услугите кои ги даваме. Ќе го подигнеме нивото, оти вака е нехумано да гледеаме како пациенти лежат во холот. Можеби и ова интервју ќе биде уште поголем поттик да работам поинтензивно во таа насока. Дневна болница од аспект на прифаќање на амбулантски пациенти.  

Анита Буховски

ФОТО/Вангел Тануровски

Можеби ќе ве интересира

ВАНКОВСКА: Ќе се заложам за намалување на воениот буџет

ВАНКОВСКА: Ќе се заложам за намалување на воениот буџет

СТО НАЈВЛИЈАТЕЛНИ ЛИЧНОСТИ ВО СВЕТОТ СПОРЕД „ТАЈМ“: На листата се најде Македонката Светлана Мојсов

СТО НАЈВЛИЈАТЕЛНИ ЛИЧНОСТИ ВО СВЕТОТ СПОРЕД „ТАЈМ“: На листата се најде Македонката Светлана Мојсов

МИНИСТЕРСТВО ЗА ЗДРАВСТВО ДО СПЕЦИЈАЛИЗАНТИТЕ: Решение ќе има после изборите

МИНИСТЕРСТВО ЗА ЗДРАВСТВО ДО СПЕЦИЈАЛИЗАНТИТЕ: Решение ќе има после изборите

КОВАЧЕВСКИ ЗА ИЗЈАВАТА НА ОСМАНИ ЗА ОТВОРЕН БАЛКАН: Политичарите како во избори, даваат изјави што треба, што не треба

КОВАЧЕВСКИ ЗА ИЗЈАВАТА НА ОСМАНИ ЗА ОТВОРЕН БАЛКАН: Политичарите како во избори, даваат изјави што треба, што не треба

Доживотен затвор за убиената жена во Кочани со 40 убоди со нож

Доживотен затвор за убиената жена во Кочани со 40 убоди со нож

ДУИ на симулирана седница ги избра Бујар и Села за претседатели и направи уставни измени

ДУИ на симулирана седница ги избра Бујар и Села за претседатели и направи уставни измени

СОНК: Иако е период на избори, најверојатно ќе почне генерален штрајк во установите од културата

СОНК: Иако е период на избори, најверојатно ќе почне генерален штрајк во установите од културата

ГЕСТ ЗА ПРИМЕР И ПОЧИТ! Која фирма за свои сограѓани од Свети Николе ќе даде над 250.000 евра?

ГЕСТ ЗА ПРИМЕР И ПОЧИТ! Која фирма за свои сограѓани од Свети Николе ќе даде над 250.000 евра?

Маричиќ со „дипломатски“ коментари на предлозите на Османи за Сребреница и Отворен Балкан

Маричиќ со „дипломатски“ коментари на предлозите на Османи за Сребреница и Отворен Балкан