Падна договор меѓу лекарите и Министерот, ама штрајкот не е прекинат!
Објавено во: Економија 11 Јануари, 2013
Доцна синоќа по повеќчасовни разговори, гранковиот синдикат за здравство и министерот Тодоров го потпишаа анексот на колективниот договор. Сепак, лекарите кои штрајкуваа, а кои ги претстанува Самостојниот синдикат на клиничките центри, не го прифаќаат ваквиот договор. Појаснуваат, штрајкот не е прекинат, туку само е ставен во мирување.
Анексот на колективниот договор што доцна синоќа го потпишавме е резултат на повеќемесечни напорни, понекогаш можеби тензични, но и многу конструктивни разговори и преговори кои ги имавме со репрезентативниот синдикат и со останатите синдикати за здравство, изјави денеска министерот за здравство Никола Тодоров.Во текот на разговорите, посочи тој, беа таргетирани неколку точки околу кои имавме различни ставови и околу кои се водеше најтешката дебата.
„Она што за мене претставува големо задоволство е тоа што можам да кажам дека имаме едно компромисно решение кое никого не треба да претстави како победник ниту како губитник. Основната цел е да победи реформата и принципот на реформата, а без при тоа да бидат нарушени барањата односно интегритетот на здравствените работници во овој случај докторите специјалисти, рече Тодоров.
Тој истакна дека прва и најважна придобивка од Анексот на колективниот договор е корекцијата на коефициентите на докторите специјалисти и со кој се овозможува зголемување на платата на специјалистите од општите и клиничките болници за 19,2 проценти во рок од 15 месеци.
Тој појасни дека следна придобивка е воведување на централен администратор кој ќе биде одговорен лично за навремено и точно внесување на податоците со цел докторите да не бидат приморани да имаат дополнителна административна обврска, а истакна дека заеднички бил консензусот да имаат обврска директорите да им дадат можност за увид на докторите во целиот систем, а исто така се договориле оние доктори кои се на дежурство и оние кои работат во ургентните служби да имаат загарантиран учинок 1.
„Во Колективниот договор се внесе и уште една одредба врзана за бодовниците. Се пропишува тежинските коефициенти да бидат направени така да ќе се овозможи потешките интервенции да носат повеќе бодови од полесните“, додаде министерто за здравство Никола Тодоров.
Самостојниот синдикат на клинички центари не го прифаќа договорот Самостојниот синдикат и официјално потврди дека нема дадено согласност за потпишување на договорот помеѓу министерот за здравство, Никола Тодоров, и гранковиот Синдикат со кој се регулира промената на моделот „плаќање по успешност“. Оттаму не се согласуваат со процентот на зголемување на платите. Појаснуваат дека преговорите со Министерството за здравство ќе продолжат пред клиниките да ги потпишат поединечните договори кои се надоврзуваат на колективниот и со кои ќе се согласат да ги применат новодоговорените мерки. „Потпишаниот гранков колективен договор не е поддржан од Самостојниот синдикат на клинички центри и други здравствени организации во РМ, поради тоа што тој не е во согласност со нашите интереси и со барањата поради кој што штрајкот беше организиран“, стои во соопштението од синдикатот. Штрајкот на лекарите ќе остане во мораториум, но нема да отстапат од своите ставови и затоа се надеваат на дополнителни преговори кои ќе се однесуваат на одредувањето на месечните приходи. Клиниките кои одбиваат да го потпишат договорот во оваа форма се Универзитетските Клиники и Институти, Максилофасцијална хирургија, Институт за БЗ и ТБЦ, Психијатриска болница Скопје , ГОБ „8-ми Септември“ и сите јавни здравствени установи кои му се приклучија на штрајкот.