29 Септември, 2024
0.0239

Паѓа бизнисот на големиот Карлос Слим во Мексико, милијардерот се шири во Европа

Објавено во: Анализа 10 Јули, 2014

Добивај вести на Viber

Милијардерот Карлос Слим реагира на реформата на телекомуникацискиот сектор во Мексико и силно го намалува учеството во земјата. Досега со својот концерн America Movil тој држеше голем удел на пазарот, контролираше околу 80 отсто од фиксниот и 70 отсто од мобилниот комуникациски бизнис. Но сето тоа ќе остане во минатото. Продажбата на средства како што се предаватели и мрежна инфраструктура, пазарните удели на телефонска компанија Telmex и на мобилниот оператор Telcel треба да паднат во Мексико под 50 проценти. Со тоа компанијата мајка America Movil ја губи доминацијата во својата татковина, но на тој начин се спречува и владината интервенција. Во вторникот мексиканскиот Дом на делегати го одобри законот за спроведување на реформите во секторот на телекомуникациите. Реакцијата на Слим следеше веднаш. Новиот закон ги зајакнува овластувањата на надзорот и овозможува наметнување на построги санкции против компаниите во секторот. Искажаната цел е да се пробие олигополот на медиумската група Televisa и America Movil во Мексико. "Ние сме сведоци на нова историска фаза во мексиканскиот сектор на телекомуникациите, кој започна со уставните реформи од минатата година", изјави поранешниот член на телекомуникацискиот регулатор Мони де Суан. "Сведоци сме на почетокот на крајот на периодот на речиси целосна доминација на г-дин Слим ". America Movil е најголемиот мобилен оператор во Латинска Америка со над 272 милиони претплатници на мобилни услуги во регионот и околу 70 милиони претплатници на фиксни линии, интернет и ТВ услуги. И додека Слим, втор по богатство човек во светот според магазинот Forbes, забележа пораз во својата татковина, тој продолжува да ја шири својата експанзија во Европа. Слим сака да го зголеми своето учество во Telekom Austria на над 50%. Досега America Movil држи 27 отсто од австриската компанија. Во моментов мексиканскиот концерн чека да го добие конечното одобрение за трансакцијата. America Movil кон крајот на април најави дека постигнала договор со австриската влада да добие мнозински удел во Telekom Austria, откако го откупи учеството на малцинските акционери во операторот, како и да инвестира уште 1 милијарда евра за зголемување на неговиот капитал. На почетокот на мај Carso Teleco, една од компаниите на Слим, побарала од Комисијата за заштита на конкуренцијата дозвола да се здобијат со контрола врз Telekom Austria, а преку него и над "Мобилтел". Барањето е поднесено на 30 април. К.К.