Панчевски си ја урива дивоградбата во центарот на Скопје
Објавено во: Македонија 02 Ноември, 2016
Сопствениците на објектот на улица „Никола Вапцаров“ бр.6, во центарот на Скопје, меѓу кои е и претседателот на Основниот суд Скопје 1, Владимир Панчевски, започнаа со рушење на незаконски изградената надградба.
За општина Центар ова е своевидно признание за нелегалноста на доградбата.
Според адвокатот на инвеститорите, тие решиле објектот да го вратат во првобитна состојба како пред издадените одобренија од општина Центар. Правниот застапник вели дека неговите клиенти се жртви на постапувањето од општината и додаде дека се чека решението на второстепена комисија за да се види кој е во право.
Раководителот на Секторот за инспекциски работи, Кочо Стојчески, кој беше на лице место на рушењето вели дека денешното постапување на Панчевски е доказ дека самиот знаел дека се работи за дивоградба на два нелегални ката. Појаснува дека семејството за овој објект има одобрение само за реконструкција и санација на фасадата на Никола Вапцаров бр. 6. Рушењето во објектот доаѓа откако Општина Центар најави дека потпишува договор со фирма која треба да постапи по барањата на градежните инспектори.