28 Септември, 2024
0.2893

Параглајдеристите лути, ќе замре спортот на Галичица!

Објавено во: Анализа 06 Јуни, 2014

Добивај вести на Viber

Одлуката Националниот парк „Галичица“ да почне со наплата на влезници ги налути параглајдеристите. Велат оваа „несреќна”  одлука ќе му нанесе трајна штета на спортот, туризмот и на државата. Според еден од најискусните инструктори и пионер во акробатско летање кај нас, Мендо Вељановски, новата давачка која ќе удри по џебот на граѓаните и љубителите на спортот е „класичен рекет кој ќе биде на директна штета на земјава која ќе стане разочарување во очите на домашните но и на странските туристи и посетители“.

Јас со овој спорт се занимавам од самиот почеток, околу триесетина години, а исто така сум и пионер во акробатското летање во светот и сеуште се натпреварувам во Светскиот Акробатски Куп. Оваа одлука очигледно е донесена од тотални дилетанти, кои немаат никакви познавања од овој воздухопловен спорт и од законот за регулирање на воздушниот сообраќај во Република Македонија. Затоа оваа одлука изгледа како класичен рекет од времето на поминувањето од претходниот во овој систем, која е спротивна на законот. Дури и ако не се наплаќа за летање, туку само за поминување низ Националниот парк, не само што ќе ги одврати туристите, туку ќе ги одврати и параглајдеристите, а во исто време ќе ги оневозможи да тренираат тие што се занимаваат со акробатското летање, затоа што Галичица (над селата Трпејца и Љубаништа) е единственото место со доволна висина над вода за да може да се тренираат акробации. Последниве дваесет години движечка сила на развојот на параглајдеризмот во светот се акробатските натпревари, поради нивната атрактивност. Земјите што имаат такви терени ги привлекуваат параглајдеристите и туризмот на тие места, еден од подобрите примери за тоа е Олудениз во Турција”, вели за Фактор, инструкторот Мендо Вељановски.

За жал, додава Вељановски,  последиците од  ваквата одлука веќе се чувствуват. Во последнава недела се откажани околу педесетина групи кои секоја година доаѓаа да тренираат акробации, така што негативните последици ќе ги почувствуваат најпрвин граѓаните на Љубаништа, Трпејца и Пештани, а потоа и во Охрид. Модерниот турист, според него,  доаѓа за да види или доживее нешто од таканаречените екстремни спортови. Ако тоа го нема, тогаш никогаш повеќе нема да дојде, туку ќе бара други места за активен одмор. Воедно, вели,  ќе се скрати сезоната, која благодарение на параглајдеристите започнува уште во мај, а завршува во октомври.

Искусниот параглајдерист Вељановски развојот го гледа во привлекување на светската елита да тренира кај нас и да се одржуваат светски натпревари, а посебен акцент им дава на акробатските натпревари, затоа што тие ги носат огромниот број рекреативци во земјите каде што се одржуваат таквите натпревари.  Борбата е, потенцира, тие да  се наша целна група како потенцијални туристи.

Во Македонија има околу 200 параглајдеристи, кои летаат на сите терени низ Македонија, но најмногу Крушево и Охрид. Параглајдерството има голем дијапазон на активности и неколку спортски дисциплини. Најголемиот број параглајдеристи се рекреативци. Потоа во помал број се тие кои се натрпеваруваат и во најмал број се тие што се занимаваат професионално, со обука или летање во тандем. Јас иднината на овој спорт ја гледам во создавање услови за што поголем број параглајдеристи да се занимаваат професионално со овој спорт. Тоа ќе донесе поквалитетна обука, која ќе произведе квалитетни инструктори и тандем пилоти. Паралелно на тоа, на пример, само во Германија има регистрирано четириесетина илјади параглајдеристи кои би сакале да го поминат својот одмор со семејството во некоја земја каде што има добро летање. Слични се и бројките во останатите развиени европски земји”, вели Мендо Вељановски.

Проблемот според него мора итно да се реши, доколку не сакаме да бидеме избришани од спортската светска мапа. Инсистира на бесплатен престој за параглајдеристите, бидејќи тие се директно поврзани со природата. Нивниот следен чекор е петиција која ќе ја адресираат до премиерот Никола Груевски, бидејќи според него, одговорните спроведувале “владина одлука” за воведување на ценовник во Националниот парк Галичица.

Според последната одлука влезниците во НП „Галичица“ ќе чинат 30 денари по човек за еднодневен престој, за автомобил ќе се наплаќа 50 денари, а за комби и мини бус 80 денари. За посета на посебни објекти и за патеката Магаро или островот Голем град на Преспанското Езеро, влезницата ќе чини 200 денари за посетител. Толку според најавите ќе  чини и еднодневно кампирање, а за поставување шатор ќе треба да се издвојат 150 денари.

Параглајдеристите за 30 минутен лет ќе плаќаат билет од  300 денари, а целодневно летање ќе ги чини 1000 денари.

Од јуни ќе се наплаќа и дневното снимање со кое за фотографии ќе се наплаќа по 10.000 денари, додека за снимање од воздух ќе се наплаќа 20.000 денари. Влезници според надлежните  ќе се купуваат во Инфо центрите во Охрид и во Стење.

Министерството за животна средина со реакција: Тенденциозни и неточни информации за НП Галичица!

Од Министерството за животна средина и просторно планирање велат дека околу наплатата на влез во НП „Галичица“ се даваат  несоодветни изјави кои се „тотално неточни и тенденциозни“. Според нив, согласно Законот за природа и согласно одредбите од Владата, влезот во Националниот парк се наплаќа. Оваа пракса е во сите национални паркови ширум Европа па и пошироко, и воведена е во соработка со националниот парк.

Што се однесува до параглајдеристите, тие не се никаква посебна категорија за да им се наплаќа некаква си екстра цена. Ценовниците се направени така да се прикладни за секој посетител,  а да се во функција на одржливост на паркот. Сведоци сме дека после обемни посети на парковите се остава голема количина на смет за кој се грижи паркот да биде соодветно одстранет, сведоци сме дека при невреме главни спасувачи се ренџерите на парковите, а имаме и информации и докази дека некој од тур- операторите добро им наплаќаат на асоцијациите на параглајдеристите за да им обезбедат летови од Националниот парк –Галичица, а за тоа ни денар не одвојуваат за Националниот парк”, подвлекуваат од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Б.С.