27 Април, 2024
0.0263

„Паразит“ доби Оскар за најдобар филм, за најдобри улоги со Оскари се закитија Жоакин Феникс и Рене Зелвегер

Објавено во: Стил 10 Февруари, 2020

Добивај вести на Viber

Јужнокорејскиот филм „Паразит“ е најдобриот филм за оваа година, одлучи Академијата на Оскарите. 

Ова е прв пат оваа награда да ја добие филм од неанглиско говорно подрачје. 

Овој филм претходно ги доби наградите за најдобар интернационален филм, каде што всушност конкурираше и нашата „Медена земја“, како и награди за најдобар режисер и за најдобро оригинално сценарио. 

Всушност, со четири освоени награди, овој филм е победник на ова, 92-ро издание на Оскарите.

Инаку, престижната награда за најдобар актер ја доби Жоакин Феникс, за „Џокер“, а Рене Зелвегер се закити со наградата за најдобра актерка за „Џуди“. 

Популарниот Бред Пит зеде Оскар за најдобар актер во споредна улога.

„Медена земја“ за жал, не успеа да се запише во историјата на Оскарите. 

Ремек-делото со Атиџе Муратова, на режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, по многуте награди кои ги освои на фестивалите ширум светот, остана без најпрестижната филмска награда, на 92-то издание на Оскар.

Креаторите на приказната со Атиџе Муратова се огласија на официјалната фејсбук-страна на Honeyland. Нивната изјава Женски Магазин ја пренесува во целост.

„Пред сѐ, сакаме да се заблагодариме на сите што нѐ бодреа и веруваа во нас. Сепак, и покрај тоа што „Медена земја“ не доби Оскар, сосема сме свесни за големината на овој филм, за значењето на пораката што ја пренесува, за силата на бескрајните приказни што се кријат во оваа земја и за многуте наши талентирани уметници кои знаат како тие приказни да ѝ ги покажат на публиката. Почестени сме што бевме номинирани покрај овие одлични филмаџии со смели приказни кои им се обраќаат на луѓето од целиот свет, на универзалниот јазик на кинематографијата. Не можеше да се предвиди дека нашиот филм ќе влезе во историјата на Македонија и во историјата на номинациите за „Оскар“. „Медена земја“ истовремено беше номиниран во две категории, за најдобар документарен и за најдобар интернационален филм, затоа што универзалноста на приказната и јазикот на филмот ја даваат неговата компетентност и сила да се натпреварува со останатите номинирани. Кога го промовиравме филмот на фестивалот „Санданс“, пред повеќе од една година, не се ни надевавме дека ќе стигнеме толку далеку. Им се заблагодаруваме на сите што веруваа во нашиот мал филм и нè поддржуваа, а особено му се заблагодаруваме на дистрибутерот „Неон“ за вербата во моќта на кинематографијата и во смелото раскажување приказни. На крај, би сакале да ѝ се заблагодариме на нашата водечка ѕвезда, Атиџе Муртова што ни дозволи да влеземе во нејзиниот прекрасен свет. Филозофијата на Атиџе ‒ земи половина, остави половина ‒ е едноставна, но длабока. Тоа е порака во којашто може да се пронајде секоја публика. Горди сме што сме гласниците на таа порака.“

И главната протагонистка на документарецот, Атиџе Муртова, од Лос Анџелес ја упатува својата порака:
- Мојот живот по снимањето на филмот драстично се промени. Сега имам нова куќа, и сѐ станува подобро и подобро. Сакам публиката да извлече само една порака од филмот: како што јас споделувам со своите пчели, така сакам и сите луѓе да споделуваат едни со други.


Можеби ќе ве интересира

Мемедоски е македонскиот претставник на „Светскиот избор за Мис и Мистер за глуви“ во Прага: Бог ме направил различен од другите, но ми подарил повеќе таленти

Мемедоски е македонскиот претставник на „Светскиот избор за Мис и Мистер за глуви“ во Прага: Бог ме направил различен од другите, но ми подарил повеќе таленти