05 Декември, 2025
0.0400

ПАРИТЕ НА „ТЕТЕКС“ НЕМА ДА СЕКНАТ - погонот се затвори, но остануваат другите профитабилни дејности

Објавено во: Економија 11 Февруари, 2020 12:42

Добивај вести на Viber

Погонот се затвори, но компанијата „Тетекс“ ќе продолжи да работи и тоа со позитивни резултати како и досега, тврди за Фактор генералниот директор на компанијата, Глигорие Гоговски.

Компанијата и во минатиот период приходите и профитот го генерираше главно од дргите дејности во нејзини рамки, а не од текстилната фабрика, која долги години работеше во зоната на минусите. 

Вчера силно во јавноста одекна информацијата дека по седум децении производство, „Тетекс“ ќе прекине со производството на тешка конфекција, а 150 вработени, согласно колективните договори, ќе добијат откази.

Во разговор за Фактор Гоговски вели дека погонот за производство на тешка конфекција подолг период се соочувал со финансиски проблеми и загуби, под притисок на големата конкуренција и ниските цени од далечниот исток, пред се Кина, Кореја, Тајван, Индија, Виетнам, и други држави.

„‚Тетекс' беше единствената фабрика која од Словенија до Македонија го одржуваше примарното производство. Другите фабрики во поранешна Југославија кои така работеа одамна престанаа да постојат, или некои функциониораат, но со многу големи тешкотии. А сите други фабрики работат по лон-системот. Всушност, ‚Тетекс' се до вчера произведуваше ткаенини, трикотажа и конфекција. Но, производството долги години наназад создаваше загуби. Тие загуби во просек годишно се движеа меѓу 200 до 250 илјади евра. Јас а и мојата сопруга сме емотивно врзани за ‚Тетекс' и навистина сакавме да опстои. Долги години тие загуби беа покривани преку другите бизниси на компанијата ‚Тетекс', кои се профитабилни, но тоа стана веќе неиздржливо“, вели Гоговски за Фактор. 

Според него, за целиот изминат период додека работеше фабриката за тешка конфекција, иако со загуби, вработените навреме ги добивале своите плати и во тој дел немало доцнење.

На нашето прашање дали можеби зголемувањето на минималната плата која лани се искачи на 14.500 денари, била причина дополнително да се зголеми притисокот и да ја засили одлуката за затворање на погонот, тој вели дека тоа било само една од причините. 

„Тоа е само една од причините, но не е основната причина. Ние имавме големи трошоци за работа, како што се електрична енергија, мазут, и сето тоа го оптоваруваше производството. Од друга страна беше големата конкуренција со ниските цени од далечниот исток. Загубите постоеја седум до 10 години и едноставно веќе не можевме да ги издржиме“, вели Гоговски.  

Вработените, уверува Гоговски, околу 150 кои ќе мораат да заминат, ќе добијат отпремнини и сите права што им следуваат согласно законите.

„Од тие 150 вработени, повеќе од половината имаат над 30 до 40 години стаж. Тие ќе го остварат правото на пензија исто како да работеле и нивната пензија ќе биде иста како онаа доколку го довршеле работниот стаж. Мора да се признае и дека веќе нема доволно работна сила во делот на текстилот“, објаснува Гоговски.

Генералниот директор уверува дека работењето на компанијата „Тетекс“, акционерско друштво со над 1.000 акционери, за целиот изминат период наназад било позитивно, и компанијата ниту еднаш не прикажала загуба во работењето, а така ќе остане и во иднина. Се очекува дека компанијата ќе прикаже солидна добивка за 2019 година, а големиот број акционери на ова акционерско друштво, сигурно ќе добијат дивиденди. 

Од што понатаму ќе опстојува компанијата „Тетекс“, кои се дејностите на кои натаму ќе се потпира?

Гоговски за Фактор вели дека веќе се разработуваат неколку идеи за тоа како да се обнови работењето на погонот за тешка конфекција.

„Тоа сигурно нема да биде текстил. Разработуваме неколку идеи кои се однесуваат на фабриката, за нејзино реобновување, но сега не би сакал повеќе да откривам“, вели Гоговски. 

Според Гоговски, „Тетекс“ е сопственик на 49,7 отсто во ТТК банка, која е исклучително успешна банка. Таа работи профитабилно, а очекувањата се дека за минатата година ќе прикаже околу два милиони евра профит, од кои, согласно сопственоста, околу еден милион евра ќе отидат кај „Тетекс“.

Исто така, „Тетекс“ има големи количини на готови текстилни производи, кои ќе се продаваат преку дуќаните кои се во сопственост на компанијата. Тие ќе продолжат да работат. Такви дуќани се три во Скопје, два во Тетово и еден во Охрид, а има и други низ државава. 

Компанијата поседува и друг имот, односно погони, кои се издаваат под наем и од нив се наплатуваат кирии.  

Во секој случај, компанијата и натаму ќе продолжи да работи позитивно и да исплатува дивиденди за своите акционери, тврди првиот човек на компанијата.

Нина Нинеска-Фиданоска

* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:

Можеби ќе ве интересира

АЛЕКСАНДАР МАНЕВ ВО „БИЗНИС-КЛУБ“: „Кадарот го создава духот на компанијата“

АЛЕКСАНДАР МАНЕВ ВО „БИЗНИС-КЛУБ“: „Кадарот го создава духот на компанијата“

Венецуела го зголеми дневниот извоз на нафта во ноември

Венецуела го зголеми дневниот извоз на нафта во ноември

Oва се земји каде трошоците растат, а квалитетот на живот е загрозен

Oва се земји каде трошоците растат, а квалитетот на живот е загрозен

Хрватска е поскапа од Тоскана и Прованса, туристите се шокирани од цените

Хрватска е поскапа од Тоскана и Прованса, туристите се шокирани од цените

Димитриеска-Кочоска: Нема задолжување надвор од предвидените за годинава

Димитриеска-Кочоска: Нема задолжување надвор од предвидените за годинава

Путин ја затвора вратата за Г8: Престанав да одам

Путин ја затвора вратата за Г8: Престанав да одам

Германија ја зголемува минималната плата од 1 јануари, компаниите најавуваат зголемување на цените и отпуштања

Германија ја зголемува минималната плата од 1 јануари, компаниите најавуваат зголемување на цените и отпуштања

Германската Heidelberg Postpress бара стабилната деловна средина и квалификувани работници - ТИРЗ Скопје и Штип меѓу потенцијалните локации

Германската Heidelberg Postpress бара стабилната деловна средина и квалификувани работници - ТИРЗ Скопје и Штип меѓу потенцијалните локации

Инженери на РМ: ВМРО-ДПМНЕ да ја повлече наплатата од 200 денари за пристап до мрежа, како што вети

Инженери на РМ: ВМРО-ДПМНЕ да ја повлече наплатата од 200 денари за пристап до мрежа, како што вети