Пазар на труд со две лица – дуалноста и (не)функционалноста на македонскиот пазар на труд
Објавено во: Колумни 25 Јули, 2025 07:30
Современите пазари на труд во земјите во развој се соочуваат со структурни предизвици, коипокрај разните причини, во голем дел се последица и на неусогласеноста во понудата и побарувачката на работна сила, односно квалификациите и вештините што ги нудат работниците и оние потребни во дефицитарните работни места. И македонскиот пазар на труд не е имун од ваквиот тренд, којшто станува се поизразен во последниот период. Имено, на македонскиот пазар на труд се случува своевиден парадокс, околу 97 000 невработени лица, согласно своите карактеристики, видот на образованието, вештините и квалификациите со коишто располагаат не се во состојба да пополнатоколу 9500 слободни работни места. Несовпаѓањето на вештините и квалификациите со кои располагаат работниците со оние потребни на работните места придонесуваат кон субоптимално искористување на човечкиот потенција на македонскиот пазар на труд со што се доаѓа во состојба на т.н. „сомнителна одржливост“, односно отсуство на можности и перспективи за конвергенција и подобрување на перформансите на работниците а со тоа и воспоставување на одржливи стапки на раст на продуктивноста и платите на работниците. Ваквата појава придонесува кон истовремено присуство на значителни нивоа на невработеност,ниско и недоволно ниво на вработеност и перзистентно ниска партиципација на работната сила на пазарот на труд.
Ниските и недоволни перформанси на македонскиот пазар на труд пред се сѐ резултат на неговата висока сегментираност, односно изразениот степен на дуалност на пазарот на труд. Дуалноста на македонскиот пазарот на труд подразбира дека истиот е поделен, сегментиран на пазар на труд со добри работни места (примарен сегмент) и пазар на труд со лоши работни места (секундарен сегмент). Работните места во примарниот пазар на труд се карактеризираат со високи плати, високи и одржливи стапки на пораст на продуктивноста на работниците, високо ниво на резистентност (отпорност) на кризни нарушувања, оптимално работно окружување и услови за работа, стабилна вработеност и извесност на работното место, можности за кариерен напредок, како и високо ниво на почитување на трудовото законодавство. Спротивно, работните места коишто се категоризирани како работни места во рамките на секундарниот сегмент на пазарот на труд се карактеризираат перзистентно ниски нивоа продуктивноста на работниците, ниски и недоволни плати, висока неизвесност на работното место, отсуство на обуки и тренинг програми на работното место, ниско ниво на почитување на работното законодавство, висока застапеност на самовработеноста како форма на вработување, значително учество на вработеноста со скратено работно време и вработеност на определен временски период, со што овие работни места се карактеризираат со високо ниво на неизвесност и нестабилност на вработувањето, што ги прави далеку поранливи на одредени кризни нарушувања.
Оттука, може да се констатира дека пазарот на труд во Македонија покрај претпоставката дека функционира како една целина, истиот бележи значителна сегментираност,како во поглед на нивото на невработеност и вработеност, така и во поглед на стапката на партиципација на работната сила и недоволниот раст на продуктивноста на трудот. Имено, доколку се направи компарација на просечните годишни стапки на раст на вработеноста и продуктивноста на трудот во периодот 2005-2022 година, може да се заклучи дека вработеноста во Македонија во анализираниот период бележи константен тренд на пораст од една страна, додека пак продуктивноста на трудот се карактеризира со стагнација, дури и бележи намалување во одделни сектори, што упатува на фактот дека македонскиот пазар на труд продуцира непродуктивни вработувања. Дополнително, во периодот 2019-2024 стапката на вработеност во Македонија стагнира на ниво околу 45-46%, што воедно е и помеѓу најниските стапки на вработеност во земјите од Централна и Југоисточна Европа.
Извор: Сопствена пресметка на авторот со податоци од Светска банка
Во поглед на стапката на невработеност, истата бележи константен надолен тренд и во 2024 година е поставена на ниво од 12.3%. Сепак, покрај значителното намалување на агрегатната стапка на невработеност, треба да се има предвид дека најголем дел од вкупната невработеност се карактеризира како долгорочна невработеност којашто обично се поврзува со поголеми бариери за повторно вработување, како што се стереотипите за работниците кои долго време биле надвор од пазарот на трудот, недостатокот на соодветни вештини, особено во контекст на новите технологии, како и социјалните и психолошките пречки коишто ги намалуваат шансите за вработување. Дополнително, карактеристично за високите стапки на долгорочната невработеност се нејзините импликации врз целокупниот економски потенцијал на земјата. Дел од економистите ги поврзуваат високите стапки на долгорочна невработеност со ниските, недоволни стапки на раст на продуктивноста на трудот, што дополнително влијае пазарите на трудот да западнат во „стапица на ниска рамнотежа“, односно состојба на високо учество на долгорочната невработеност во вкупната невработеност, ниски и недоволни стапки на раст на продуктивноста на трудот и недоволни стапки на партиципација на пазарот на трудот. Оттука, долгорочната невработеност не треба да се перципира единствено како статистички феномен, туку како особено важен социоекономски индикатор којшто сигнализира на висока сегментираност, длабоки структурни проблеми и предизвици на македонскиот пазар на труд.
Покрај надолниот тренд на стапката на невработеност, стапката на слободни работни места на македонскиот пазар на труд во периодот 2020-2024 година останува стабилна поставена на ниво околу 2%. Имено во четвртото тримесечје од 2024 година стапката на слободни работни места изнесува 1.92%, односно 9 562 слободни работни места. Оттука, може да се констатира дека македонскиот пазар на труд се соочува со паралелно намалување на стапката на невработеност, стагнација на нивото на вработеност и пораст на слободните работни места. Оттука, покрај тоа што на македонскиот пазар на труд повеќе од 97500 работници согласно своите квалификации, компетенции и ниво на образование не се во состојба да пополнат скоро 9500 работни места, односно во ситуација каде што соодносот на работниците кои бараат работа и слободни работни места се движи скоро 10 спрема 1, македонскиот пазар на труд не може да ги алоцира работниците на соодветните работни места.
Распределбата на слободни работни места покажува дека дејностите и секторите кои располагаат со непополнети (слободни) работни места се оние кои спаѓаат во секундарниот сегмент на пазарот на трудот, односно истите забележуваат повисока стапка на слободни работни места од националниот просек. Во поглед на дејностите коишто се карактеризираат со слободни работни места се забележуваат дејностите поврзани со објекти за сместување и сервисни дејности со храна (3,47%), трговијата на големо и мало и поправка на моторни возила и мотоцикли 2,76%, транспорт и складирање со 2.12% слободни работни места, додека стапката на слободни работни места во градежништвото изнесува 2,12%. Во поглед на занимањата, од вкупните слободни работни места околу 22% се работни места кои вработуваат работници во услужни дејности и продажба, 22% стручњаци и научници, 17% во доменот на елементарните занимања додека 11% се техничари и сродни занимања. Трендот на пораст на стапката на слободни работни места со трендот на намалување на стапката на невработеност покажува дека намалувањето на невработеност не треба (и не смее) во целост да се припише на интеграцијата на овие работници на пазарот на трудот, односно истата во одреден степен е резултат на излегувањето на работниците од пазарот на труд.
Дел од работната сила која како резултат на несовпаѓањето на вештините и квалификациите не е во состојба да пронајде одржливо вработување и се повлекува од активно учество на пазарот на труд. Ова резултира со висока застапеност обесхрабрени работници коишто придонесуваат за ниско и недоволно ниво на партиципација на работната сила на пазарот на трудот. Обесхрабрените работници се често резултат на високата и перзистентна долгорочна невработеност, значајната неусогласеност на вештините и квалификациите на работници со оние коишто се дефицитарни на пазарот на трудот, како и недостаток на активни мерки за интеграција на пазарот на трудот. Оттука, високата застапеност на обесхрабрените работници во вкупниот работен контингент, не е само резултат на нивните индивидуални карактеристики, како што се нивото и типот на образование, вештините и квалификациите коишто ги поседуваат, туку и е последица на недостатокот на достапни работни места на коишто овие работници би воспоставиле одржливо вработување, како и недоволната ефективност при реализирањето на мерките и политиките од страна на одделните институции на пазарот на трудот, како и ниското ниво на усогласеност помеѓу понудата и побарувачката на труд. Ваквата сегментација на пазарот на трудот креира т.н. „затворени/маѓепсани кругови“ каде што маргинализираните работници остануваат или надвор од пазарот на трудот или во рамките на секундарниот сегмент на пазарот на трудот, вработени во неформалната економија или пак „заглавени“ на формалниот пазар на труд на ниско платени работни места.
Македонскиот пазар на труд се наоѓа во состојба на структурна нефункционалност, во која невработеноста, слободните работни места и ниската партиципација на работната сила не се последица на циклични, туку на системски фактори. Несовпаѓањето на вештините и квалификациите на работниците, високото учество на долгорочно невработени и порастот на обесхрабрени лица упатуваат на потребата од длабоки институционални и политички реформи. Без интегриран пристап кој ќе ја подобри усогласеноста меѓу образовниот систем и потребите на пазарот, како и јакнење на активните мерки за вработување, ризикуваме натамошно заглавување во стапицата на ниска продуктивност, ниски плати и трајна социјална исклученост на голем дел од работоспособното население.
д-р Кристијан Кожески
Асистент, Економски факултет - Скопје
* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:





