29 Април, 2024
0.0247

Тато од странство праќа пари, мама дома се грижи за семејството!

Објавено во: Анализа 31 Август, 2013

Добивај вести на Viber

Македонија и Албанија се држави кои се зависни од парите на печалбарите Албанија и Македонија се земји кои во голема мера се зависни од дознаки од странство, кои играат важна улога во обезбедување дополнителна социјална заштита и искоренување на сиромаштијата. Освен тоа, дознаките од странство имаат клучна улога и врз образованието и здравјето на членовите на семејствата кои остануваат дома. Ова го покажа истражувањето на проектот на македонската организација Аналитика и АКСЕР од Албанија што го спроведоа во изминатите 18 месеци во регионот на Скопје, во Македонија и на Тирана, во Албанија. Резултатите покажуваат дека во делот на влијанието на образованието отсуството на таткото има негативно влијание врз образованието на децата само краткорочно, доколку тој останува подолг престој влијанието е позитивно. - И во двете земји миграцијата на мајката на долг рок има негативно влијание врз образованието на децата, потврдувајќи дека миграциите како појава имаат значително влијание врз образованието на децата чии родители имаат мигрирано во странство, рече Јованка Јошевска од Проектот. Резултатите покажуваат дека во поголемиот број случаи таткото е заминат во странство, а мајката е останата во земјата да се грижи за семејството. Јошевска истакна дека и во двете земји не е покажана иницијатива за промовирање на ефектите на миграциите и дознаките од странство врз социо-економскиот развој бидејќи државните политики за миграции се претежно општи и не таргетираат специфичности како во случајот со областите образование и здравство. Затоа, дел од препораките се владите да понудат политики за намалување на негативните ефекти од мигрирањето на родителите врз децата, вклучување на влијанието на миграциите и дознаките од странство во политиките за образование и здравство, воведување политики за поттикнување на мигрантите да ги инвестираат заработените средства во својата земја, овозможување едноставен пристап до образование и здравствено осигурување. Годинава ќе стасаат помалку пари од лани Печалбарите годинава ќе испратат помалку пари во земјава во однос на лани, ако прoдолжи сегашниот тренд на приливи по овој основ. Имено според најновите податоци на Народната банка, за половина година во Македонија влегле вкупно 657 милиони евра по основ на приватни трансфери. Приливот изнесува 686,5 милиони евра додека одливот 29,7 милиони евра. Анализирано по месеци, најмногу пари од печалбарите имало во мај. Односно во јануари приливот на приватните трансфери изнесувал 99 милиони евра, во февруари 105,3 милиони евра, а исто толку изнесувал и во март. Во април приливот на приватните трансфери бил 124,8 милиони евра, во мај 129,7 милиони евра додека во јуни изнесувал 122,4 милиони евра. Сепак, приливот на приватните трансфери, во првите шесет месеци од годинава е намален во однос на лани кога во истиот период изнесувал 748 милиони евра. Во приватни трансфери влегуваат дознаките во и од странство на физичките лица, откупени и продадени девизи во менувачниците, но и трасфери од пензии, ренти и слично. Најмногу пари од приватните трансфери Македонија има минатата година, кога изнесувале 1,6 милијарди евра. С.Н.