28 Септември, 2024
0.0243

Пеколот на скопските улици…

Објавено во: Анализа 30 Мај, 2014

Добивај вести на Viber

„И јас имам право на живот“- со овој натпис на маицата која ја носи  веќе 23 дена, сам  протестира Бобан  Величков кој повеќе од 16 години живее врзан за инвалидска количка. Вели дека е разочаран од односот на институциите кон инвалидите, особено поради бариерите, неприлагодените тротоари и непристапни рампи во институциите. Иако повеќе од три недели е движечка реклама преку  индивидуалниот протест, ниту една институција или нејзин претставник не го застанал или прашал кој е неговиот проблем. Разочаран е што никој не сака да ја примети туѓата мака. „Протестирам 23 дена и нема да престанам се додека нешто не се направи. Ќе продолжам секој ден, нека види народот, низ улици, продавници, секаде протестирам. Носам маица „И јас имам право на живот“ -јавно секаде кадешто одам. Не сум се обратил до институциите. Сакам да видам дали институциите ќе превземат нешто и дали некој освен обичниот минувач ќе се сети на мене и таквите како мене“ -вели Бобан  Величков. Тој скоро 25 години живее во населбата Аеродром, а и покрај тоа што таа е една од најурбаните населби, освен во банка, нема пристап во другите установи. Величков во инвалидска количка чека  ред за на матичен лекар, за во аптека, полициска станица или за на гласачко место, но без рампи и патеки за инвалиди. За да влезе во нив поминува вистински пекол. Секој ден за него носи нова приказна бидејќи  воопшто за него не е  лесно движењето низ улиците. „Скокам по тротоари, две колички искршив, стотина пати сум паднал по тротоариве, немам пристап во институции, нити кај матичен лекар. Во општина, аптека, пошта, полициска станица, гласачко место, секаде кадешто одам чекам пред врата некој да излезе да ме праша и да ми помогне да се качам. Тротоарите се закрчени со коли, нема тоалети-не третираат како кучиња, принудени сме да правиме нешто што не треба па може и да не казнат, пешачките зони се затворени”-раскажува Величков. Односот, додава, кон инвалидите е катастрофален, просто разочарувачки колку и покрај личниот хендикеп овие луѓе страдаат поради негрижата на надлежните. “Јас сум 29 години инвалид, никој ништо не превзема. Барам да се отвори дебата, да го кажат инвалидите своето мислење.Не само во овој град туку секаде. Да сватат институциите особено општините-имаме локална самоуправа, да кажат дали конечно ќе го решат нашиот проблем, да направат нешто да се подобри односот кон овие лица”-вели Боби Величков. Тој  порано бил вработен како машински техничар во погон влеча  и работел како надзорник на локомотиви во Македонски железници. При несреќен случај кога паднал од орев, неговиот живот добил нов тек. Денеска е врзан за количката со која се движи низ населбата Аеродром но и пошироко. Проблемите на инвалидите вели се многубројни. Инвалидските колички кои ги добиваат не се конструирани и стабилни да може да се движи онаму кадешто му е потребно. Величков досега купил две на свој трошок, за што од семејниот буџет издвоил близу 2000 евра. Само количката го чинела 1500, а анатомското перниче 500 евра. Вели, со количката поминува и по десетици километри во текот на денот. За инвалидите повеќето јавни и станбени објекти се непристапни, а велосипедските патеки по кои полесно можат да се движат редовно се зафатени од паркираните возила. Стотици лица со телесен хендикеп не можат слободно да се движат низ градот поради високите тротоари и паркираните возила на места предвидени за инвалидизирани лица и за велосипедисти. За нив повеќето јавни места се недостапни поради тоа што немаат пристапни рампи. Неговиот проблем не е единствен. Голем број од лицата кои се врзани за инвалидска количка не сакаат јавно да говорат за својата состојба и за проблемите кои ги мачат секој ден. Едноставно оставаат на времето и на дел од невладиниот сектор повремено да ги споменат во своите проекти извештаи. Но,  тој не сопира тука. Не се задоволува со фактот да биде само бројка. Поголемиот дел од  денот го минува надвор, во комуникација со граѓаните кои го познаваат. “Сакам да излезам надвор, да се движам меѓу луѓето. Одам  покрај Вардар, морам да се симнам на велосипедската патека. Пешачката патека е затворена поради изградба на некој хотел. Три години е затворена и неможам слободно да се движам, а сакам да излезам. Никој не ја тргна оградата па затоа морам доле да се симнам. Не сум сретнал друг инвалид да се симне таму. Тоа е жално. Се поставува прашањето каде се лицата во инвалидски колички? Па и тие имаат право да се движат надвор.Се дискутирало многу пати , се организираа протести,ќе се спомене во јавност проблемот со пристапните рампи, но ништо не се превзема”-вели Величков. Неговата животна сторија е само една од многуте на луѓето кои живеат врзани за инвалидска количка. Вели дека нема финансиски проблеми бидејќи прима инвалидска пензија од прва категорија и 7 000 денари месечно како паричен надомест за мобилност.За него не е многу, но скромно раскажува дека е доволно барем да се покријат основните трошоци. Не бара повеќе. Парите според него немаат голема важност, бидејќи лесно се заработуваат,  а уште полесно се трошат. Но условите за да се  движат  лицата во инвалидски колички се најважни  за пристоен и достоинствен живот. Она што тие скромно го премолчуваат од страв да не го изгубат и тоа  малку што им е дадено.