23 Ноември, 2024
0.0315

ПЕНДАРОВСКИ ЗА ПРОБЛЕМОТ СО БУГАРИЈА: Ако ја изгубиме нацијата, не ни треба европска интеграција

Објавено во: Македонија 27 Септември, 2021

Добивај вести на Viber

Според мое мислење, во 1991-та година, воопшто не беше сигурно дека ќе биде формирана независна македонска држава, рече претседателот Стево Пендаровски на свечениот научен собир „Современата македонска држава - две етапи во процесот на нејзиното формирање и развој: 1941-1991/1991-2021 година”. Научниот собир се одржа во организација на Македонската академија на науките и уметностите, во соработка со Институтот за национална историја, а под покровителство на шефот на државата.

Според Пендаровски, ова се дел од фактите: во 1991-та, за политичката рамка на меѓуетничките односи како клучна оска на стабилноста, не постоеше согласност меѓу Македонците и Албанците, нашите соседи воопшто не беа воодушевени од осамостојувањето на Република Македонија, Соединетите Американски Држави во таа година сеуште беа за зачувување на Југославија во истиот формат, а клучните европски држави не ја признаа нашата независност, наспроти позитивното мислење на тн. комисија на Бадинтер која самите ја формираа.

„Да не заборавиме дека тогашна ЈНА имаше илјадници војници на наша територија, дека само во 1992-та кога ние сме сеуште меѓународно непризнаени, само од војната во БиХ имавме 86.000 регистрирани бегалци на наша територија, дека првата странска мисија во Скопје беше мисијата на ОБСЕ, а нејзиното официјално име беше: Мисија за мониторирање на прелевање на криза итн. итн...

Затоа беше потребна голема смиреност, тактичност и балансирање помеѓу сите внатрешни, регионални и глобални фактори. Оттаму потекнува и специфичната содржина на референдумското прашање.

Но, почитувани, големите прашања и дилеми од раните 1990-ти кога ја стекнувавме независноста, денес, не се повеќе на дневниот ред. Најголемиот наш национален проект, создавањето на сопствена, независна држава е завршен. Членството во речиси сите за нас битни меѓународни организации, исто така, со влезот во Северно атлантската алијанса како круна на децениските напори да обезбедиме гаранција за територијалниот интегритет“, рече Пендаровски.

Според него, ако сакаме можеме да ја продолжиме нарацијата за историски губитници, поделено национално ткиво, народ историски онеправдан, ембарга и санкции, за Лисабонската декларација, за условите да станеме членки на Обединетите нации со услов каков што реално не бил поставен пред никого претходно, но, сето тоа припаѓа на архивите на историјата.

„Држава направивме и неа нема да ја изгубиме, но, воопшто не е неважно во каква држава живееме, односно, дали во таква држава ќе сакаат да живеат нашите деца и внуци. Да илустрирам – во светот постојат територии кои ги нарекуваат држави каде што власта само со употреба на сила го држи населението да не ја напушти сопствената татковина и десетици други каде што владее таква бесперспективност што ги тера младите генерации да ја планираат својата иднина било каде во светот, само не дома. Значи, ако сакаме и по 30 или 50 години да кажеме дека имаме држава со сите нишани, треба да најдеме решение за актуелните проблеми, а не за 1903, 1941 или 1991-та. Само на таков начин ќе опстанеме во новиот свет кој се раѓа пред нашите очи“, нагласи шефот на Државата.

Според неговото длабоко уверување, како што рече, нашите денешни главни предизвици се во најголем дел, структурно поинакви, меѓутоа, не се помали по тежина и по значење од оние во 1990-тите. 

„Многу начелно, ги класификував во три групи, иако, се разбира, во стварниот живот, тие воопшто не се прецизно поделени. Во првата се старите предизвици кои за нас ќе бидат актуелни и по 50 години, имајќи ја предвид внатрешната структура на нашето општество. Во втората се за нас сеуште нови, а за светот стари проблеми кои со нив се бави со децении, и во последната ги поставив новите појави и закани и за нас и за светот, иако и тука, за жал, светот оди понапред многу побрзо од нас.

Во овие триесет години сите имавме прилика да сведочиме дека опстојот и просперитетот на независната македонска држава, во голема мерка, зависат од внатрешната инклузивност на сите етнички заедници. Во тој дел, реално е направен огромен исчекор со Рамковниот договор кој наспроти предвидувањата не ја растури државата, напротив, драстично го намали потенцијалот на екстремните структури кои сакаат нови граници на Балканот. 20 години подоцна, според мене, дојдено е времето за промена на парадигмите во однос на принципот на инклузивност и тоа по две линии кои не се запишани во договорот од Охрид – првата, етничката припадност да не биде единствениот услов за вработување, втората, помалите, немнозински заедници да добијат далеку подобар третман од досегашниот, под услов да сакаме да градиме мултинационална, а не бинационална демократија“, рече Пендаровски.

Според него, надворешната интегрираност е клучен предуслов за опстанокот на малите држави во глобалниот свет. Во тој дел, како што нагласи, забележавме видлив напредок со Договорот од Преспа без да ги загрозиме виталните идентитетски маркери на македонската нација кои се експлицитно наведени во текстот на документот. Инаку, еден од солидните темели на Преспанскиот договор е, всушност, единствениот елемент кој беше прифатлив за двете страни, во континуитет, од 1993-та до денес, независно кој беше на власт во Скопје и Атина, а тој е дека терминот Македонија ќе се употребува на неексклузивна основа.

„Договорот со Бугарија од 2017-та е пример за приближување постигнат без странска асистенција, акт кој не дискриминира ниту една од страните кои и во пост-комунизмот, за жал, не ги надминаа взаемните стереотипи една за друга. Не очекувам негативни ефекти ниту во фазата на негова целосна имплементација, затоа што е познато дека во таа смисла за нас воопшто не постои маневарски простор: имено, ако ја изгубиме нацијата, не ни треба европската интеграција. Неодамна усвоената собраниска декларација го потврдува широкиот политички консензус по тоа прашање“, нагласи шефот на државата.

Тој побара да го намалиме нивото на политичка поларизација во земјава, каде што изборниот победник ги алиментира своите членови, а свесно се лишува од придонесот на оние кои не гласале за него. 

„Јасно е дека во оваа фаза од нашиот политички развој, граѓанското помирување е невозможно, но, сите ние, актуелните политички актери сме должни со скромен личен пример да придонесеме за деескалација на тензиите кои на моменти ја парализираат целата држава. Потребен ни е нов, широк национален и државен консензус за развој кој ќе биде поддржуван од релевантните политички субјекти во континуитет, независно дали се на власт или во опозиција. Без тоа, секоја следна годишнина од независноста само ќе ја одбележуваме, без да имаме што да прославуваме“, рече Пендаровски. 

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.

Можеби ќе ве интересира

Во Клиника Жан Митрев повторно успешно примената наградуваната метода за хирургија без рез

Во Клиника Жан Митрев повторно успешно примената наградуваната метода за хирургија без рез

МАКЕДОНСКИ АВТОБУС ЗАГЛАВИ ВО СНЕЖНИТЕ НАНОСИ ВО СРБИЈА, УДРИЛ ВО БАНКИНА: Невремето со снег направи хаос

МАКЕДОНСКИ АВТОБУС ЗАГЛАВИ ВО СНЕЖНИТЕ НАНОСИ ВО СРБИЈА, УДРИЛ ВО БАНКИНА: Невремето со снег направи хаос

ПУСТОШ ВО ДЕБАР, БИТОЛА, ШТИП, ВЕТРОТ ОТКОРНА 100-ГОДИШНИ ДРВЈА: Неделава со поларни температури

ПУСТОШ ВО ДЕБАР, БИТОЛА, ШТИП, ВЕТРОТ ОТКОРНА 100-ГОДИШНИ ДРВЈА: Неделава со поларни температури

МИЦКОСКИ: Ќе излеземе со нов предлог-проект за набавка на 100-120 електрични автобуси кои нема да бидат само за ЈСП

МИЦКОСКИ: Ќе излеземе со нов предлог-проект за набавка на 100-120 електрични автобуси кои нема да бидат само за ЈСП

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Се одржа протест поради проблемите со јавниот превоз во Скопје

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Се одржа протест поради проблемите со јавниот превоз во Скопје

ВЕЧЕРВА ПОЛЕСНО СЕ ДИШЕ: Куманово и Струмица се средно загадени

ВЕЧЕРВА ПОЛЕСНО СЕ ДИШЕ: Куманово и Струмица се средно загадени

ПО ШТИП, НА УДАР И БИТОЛА: Силниот ветер направи штети

ПО ШТИП, НА УДАР И БИТОЛА: Силниот ветер направи штети

ОШТЕТЕН ПОКРИВ НА УЧИЛИШТЕ И ПАДНАТИ ДРВЈА: Силен ветер направи хаос во Штип

ОШТЕТЕН ПОКРИВ НА УЧИЛИШТЕ И ПАДНАТИ ДРВЈА: Силен ветер направи хаос во Штип

СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА ЈА ПРИМИ ШЕКЕРИНСКА: Искрени честитки за оваа престижна функција, која е не само лично, туку и државно признание

СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА ЈА ПРИМИ ШЕКЕРИНСКА: Искрени честитки за оваа престижна функција, која е не само лично, туку и државно признание