Добивај вести на Viber
По вчерашниот престои и ушеството на бизнис форунот во Хамбург, вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски денеска во Скопје се сретна со новиот Извршен директор на Холандска Конституенца на Светската Банка, Франк Химскерк, а подоцна и со Јорг Асмусен од Европска Централна Банка.
Како што соопштија од кабинетото на Пешевски, вицепремиерот го запознал Асмусен со активните мерки и проекти на Владата за справување со последиците од економската криза во Европа, но и за мерките за одржување макроекономска стабилност.
„Економските случувања во Европската Унија внимателно се следат од страна на Владата со оглед дека најголемиот дел од македонските компании соработуваат и извезуваат со државите од Унијата. Охрабрува тоа што последните податоци покажуваат закрепнување на економиите во Европа, а исто така и македонскиот бруто домашен производ оствари раст во првиот квартал од 2013 година“, истакнал Пешевски кој посочил дека македонската Влада е силно фокусирана кон зголемување на растот на економијата и подобрување на деловната клима и конкурентност со цел намалување на невработеноста и подобрување на животниот стандард.
На средбата со Химскерк пак било зборувано за тековните проекти и реформи кои се поддржани од Светска Банка во Република Македонија во областа на енергетиката, инфраструктурата, животната средина, земјоделието и образованието.
„Соговорниците изразија задоволство за досегашната комуникација и соработка помеѓу институциите на Република Македонија и институциите на Европската Унија, односно Европската Централна Банка. Воедно, беше потврдена обостраната подготвеност за продлабочување на идната соработка“, стои во соопштението од кабинетот на вицепремиерот Владимир Пешевски.