30 Април, 2024
0.0426

Пиши Украина – речи Македонија

Објавено во: Колумни 03 Април, 2016

Добивај вести на Viber

Развојот на настаните во две држави во Европа кои се во длабока политичка криза дава право за споредба на нивното минато и нивната иднина. Станува збор за Украина и за Македонија. И двете со стекната независност во почетокот на последната декада на минатиот век, но до ден денес  не покажале дека се држави во вистинска смисла на зборот. Со еден модерен израз, може да се каже дека не се самоодржливи. Веќе 25 години поминаа како независни и суверени држави, а се уште не знаат каква ќе биде нивната иднина. Има многу злобни јазици, и на запад и на исток, кои што велат дека и двете земји  дури можат да се распаднат. За Украина сме сведоци дека е на патот на распаѓањето. Крим го изгуби, а не се знае судбината на најзиниот источен дел, кој е под контрола на проруски сили. Ние бевме на патот на такво сценарио во 2001 година, но за среќа огнот беше изгаснат уште на почетокот на воената криза. Последици од него има, но тие се помали, отколку да дојдеше до поделба на државата. Се замешаа странците и конфликтот се смири, а  Македонија се’ уште е унитарна држава. Кои се причините што двете држави не се самоодржливи? Да почнеме со Украина. Таа веднаш по независноста почна да ја гради својата иднина. Но се покажа дека наслагите од минатото не дозволуваат државата да застане на стабилни нозе. Се редеа претседатели Леонод Кравчук, па Леонид Кучма, па Виктор Јушченко, па Виктор Јанукович, да се дојде до сегашниот – Петар Порошенко. Сите тие не успеаја да ја добијат битката за демократизација, во вистинска смисла на зборот. Па така се случи прва „портокаловата револуција“, а потоа и „Мајдан“. И на двата настани народот имаше оправдани барања. Пред се’ расчистување со корупцијата во власта. Спрегата на политичарите со олигарсите во Украина до ден денес е силна. „Портокаловата револуција“ си ги изеде своите деца. И нормално ништо не се промени. Сега, после „Мајдан“, работите пак одат во несакана насока. Ај што изгуби дел од својата територија и што не знае како да ги задржи Луганск и Доњецк, Украина повторно е држава која се уште не знае што сака. Мнозинството политичарите се гласни дека се за ЕУ и НАТО, но кога ќе им кажат кои демократски стандарди треба да се исполнат, тогаш почнува нова игра. Русија за нив е изгубена, а искрено и не ја сакаат. Особено после Крим и Доњецк. Таа за нив е агресор. Тоа што економски ќе имаат последици од несоработката со „постариот брат“ засега многу не им значи. А треба да се живее. Украина денес живее со парите од ММФ и кредити или заеми од западни земји.   Државата е и во длабока економска криза. Инфлација, одлив на мозоци, реално паѓање на приходите, а во тие рамки и оние на граѓаните. И што е најбитно, нема големи придвижувања во борбата со корупцијата која го подјадува целото општество. Оттука и изблиците на незадоволство, но повеќе од очај, затоа што не се менува ништо, народот осиромашува и не се подобрува ситуацијата во земјата, Во една реченица, се бараат  промени, а нив ги нема. И во таква ситуација нормално е што дојде до политичка криза. Владата нема доверба во парламентот  и е на пат да замине. Веќе се знае дека во парламентот ќе се прави ново мнозинство, кое ќе ја поддржи новата влада. Прашање на денови е кога Владимир Гројсман, сегашниот претседател на парламентот ќе стане премиер. Но што потоа? Одговорот го дава американскиот амбасадор во Украина Џефри Пајет. Прво, за САД неприфатливи некои барања на одделни коалициски партнери во новото мнозинство во парламентот кои може да доведат до откажување на спогодбата со ММФ, во рамките на обврските преземени од Украина во 2015 година. „Јас мислам дека тоа ќе биде голема трагедија, после целиот напредок кој што е направен – се’ да се фрли заради популизам“, рече Пајет во Киев. Второ, според него, во Украина не треба наскоро да има парламентарни избори. „САД, како ваш пријател, можат да кажат дека во текот на наредната година или две Украина би била во добивка доколку има период без нови избори, а за тоа време би можело да се  спроведат реформи“, изјави во петокот Пајет. Трето, Пајет ги уверува Украинците дека односите со Украина нема да бидат променети по изборот на нов американски претседател. „После завршувањето на изборите, кога ќе биде избран нов претседател, нема да видите драматични промени во нашиот приод. Клучна работа е Украина да го демонстрира своето движење напред. И во онаа мерка, како што таа ќе демонстрира напредок, реформи, модернизација на институциите, борбата со корупцијата, јас сум уверен дека слединиот претседател, кој и да биде, таа или тој, ќе го гледа стратешкиот интерес“, изјави Пајет. Тој додаде дека Европа не може да биде единствена и безбедна се додека исто така Украина не е слободна и безбедна.   Слични ставови, ако не и исти, имаше и претседателот на САД, Барак Обама, на средбата со украинскиот претседател Порошенко на маргините на Самитот за нуклеарна безбедност во Вашингтон. И за него главни се обврските преземени пред ММФ, но не помалку и спроведувањето на Минските договори. Прво, за да може се добијат парите, односно меѓународната економска помош, а второ за што побрзо да се  врати украинскиот суверенитет врз Доњецк и Лиганск. А меѓу сето тоа постојано се повторува борбата со корупцијата. И конечно, Обама ја потврди подготвеноста САД да дадат трета транша од  кредитните гаранции на сума од една милијарда долари, но по завршувањето на процесот на формирање на нова влада. Значи, сега Украина ја очекува составувањето на новата влада, спроведувањето на обврските преземени пред ММФ, кои не се нималку лесни,борба со корупцијата, реформи на институциите, обвинителства, судови...Минските договори се посебна приказна. Не знаеме што му рекол Обама на Порошенко за нив,  но според но според претставник на администрацијата на САД двата лидера се „согласиле за важноста на целосно и што поскоро исполнување на Минските договори, што ќе придонесе кон мирно решавање на конфликтот на истокот на Украина и воспоставување на суверенитетот на Украина во Донбас“. А што беше и е со Македонија? И таа стекна независност на почетокот на последната декада на минатиот век. Досега има четири претседатели. Првиот, Киро Глигоров, ќе остане запаметен по многу работи кои овозможија Македонија мирно да се раздели од бившата сојузна држава, но и по коалицијата на неговата партија, СДСМ, со ВМРО-ДПМНЕ, прва и последна меѓу нив, за да се урне владата на Никола Кљусев. Потоа по повикот,„Не ме оставајте сам“ упатен кон „младите лавови“, а кои ја почнаа партизацијата на државата. Вториот, Борис Трајковски, и покрај тоа што не беше „дечко кој ветува“, загина токму кога требаше да ги потврди своите квалитети. Третиот, Бранко Црвенковски, избега од владата во моментите кога требаше да ги остварува ветувањата „ Од 15 септември...“. Сегашниов, Ѓорге Иванов, покажа дека е под капата на „старателот“ и не може ништо да направи по што би останал во сеќавање, освен „Ѓоргевизмите“. И премиерите беа кој од кој. Од коалицијата на двете македонски партии од 1992 година, кога ја турнаа владата на Кљусев, наваму, државата се повеќе и повеќе се партизира. Денес е достигнато совршенството. Државата живее од кредити. Корупцијата е нејзин главен белег. И тоа во сите пори на општеството. Контролата на се’ и сешто „што ќе затреба“, па и телефоните на десетици илјади граѓани, е невидена. Адвокати, извршители, судии, обвинители, тела кои треба да бидат независни, синдикати, земјоделски здруженија...се’ е под контрола.  Медиумската контрола е посебна приказна. А да не зборуваме за администрацијата и јавните претпријатија. Тендерските коалиции се главниот двигател во општеството.Небаре „перпетум мобиле“.  И така денес се најдовме на исто дереџе со Украина. Неспособноста на лидерите во земјава, партиски и државни, да ја засакаат државата повеќе од себе или партијата, не доведе до ситуации да ги решаваме проблемите  само со поддршка или учество на странскиот фактор. Така беше и во 2001, кога странците дури ни ја напишаа преамбулата на уставот, така е и сега. Уште од лани, ако не и од црниот „24 декември“, па Пржино и се’ наваму не можеме ништо да направиме сами. Па после ни биле виновни странците за ситуацијата во која се наоѓаме. ДУИ од петокот предизвика и владина криза. Малку ни беше политичката. Но во секое зло и добро. Ако Украина може да направи ново парламентарно мнозинство и да состави нова влада, зашто и кај нас тоа да не се направи. Влада на ново парламентарно мнозинството или пак, Влада на национален спас. Нејзиниот мандат да биде до истекот на мандатот на сегашниот состав во Собранието. Нејзина прва и главна задача да биде средување на работите во државата. Атестација на судии, на обвинители, на  вработени во Министерството за внатрешни работи, во Министерството за одбрана, во специјалните служби. Специјалното обвинителство да си ја продолжи започнатата работа. Со сето тоа да се отвори пат за одржување на вистински слободни и фер избори. И се разбира дотогаш доследно спроведување на Договорот од Пржино и сите препораки на Рајнхард Прибе. Ако веќе сме ги повикале странците или сме го одобриле нивното учество во расчистување на работите, тогаш не треба да бидеме илеџии. Сме се согласиле со нивно учество за наше добро, кога веќе не сме можеле работите да ги завршиме сами. А тие, како и во Украина, ќе викаат треба ова, треба она, за да добиете пари од ММФ или Светската банка, за да ви дадеме преодна оценка во прогрес извештајот, за да помогнеме околу почетокот на преговрите за влез во ЕУ или во НАТО. Па и во прегворите со Грција околу името. Таква е судбината на државите кои не се самоодржливи. Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД