ПЛАНИРАТЕ ДА ДАДЕТЕ ОТКАЗ: Имате ли пари за следните три или шест месеци додека да најдете нова работа?
Објавено во: Економија 12 Септември, 2025 07:39
За оние кои планираат да дадат отказ, има финансиски совет кој упатува на тоа дека лицето кое сака да ја напушти работата треба да размисли дали има пари за животните трошоци за следните три до шест месеци додека да најде нова работа.
Според финансиската препорака, оној кој ќе даде отказ треба да пресмета дали има пари за покривање на основните животни трошоци за неколку месеци. Катерина Златановска-Попова, советничка за развој на кариера објаснува дека многу често на работниците им требаат недели или месеци додека да најдат нова работа. Вели дека незадоволството кое ги принудува луѓето да дадат отказ сепак не доаѓа наеднаш.
„Незадоволството ретко кога доаѓа одеднаш. Најчесто тоа расте и се потхранува со различни случки и настани во текот на работниот ден, и така со недели, месеци и години. Затоа, многу е важно наместо да ги игнорираме, да ги препознаеме и прифатиме знаците на незадоволство во најрана фаза. И токму тогаш е добро да одлучиме во која насока би сакале да се одвива нашата кариера. Во идеален случај, новата понуда може да дојде токму кога незадоволството е доволно големо за да бидеме веднаш подготвени да ја направиме транзицијата. Сепак, многу често потребно е подолго време да најдеме нова работа, од неколку седмици па и месеци, а тоа може да биде исцрпувачко, да ја поткопа нашата самовредност и самодоверба и дополнително финансиски да биде неиздржливо“, додава таа.
Но, има разлика дали барате нова работа со статус невработени или сте вработени, но сакате подобар ангажман со подобри услови.
„Од позиција на експерт сакам да нагласам две работи. Прво, не е исто ако преговарате и договарате нова работа од позиција на вработен или невработен. Новата плата, бенефициите и останатите работи кои ви се важни ќе можете полесно да ги испреговарате ако сте уште на старото работно место. Едноставно имате поповолна преговарачка позиција додека сте вработени. Второ, не дозволувајте да стигнете до точката каде импулсивно ќе дадете отказ, тоа сигурно ќе ви донесе краткотрајно олеснување, но и многу главоболки. Затоа, пред да дадете отказ, направете истражување на пазарот на трудот, направете проценка на вашите вештини и знаења и колку тие во моментот се барани, направете краткорочен план со јасни чекори за тоа каде сакате да се видите себеси со промената на работата и подгответе стратегија како и каде ќе барате нова работа. Не се обесхрабрувајте, само имајте на ум дека барањето работа е „работа со полно работно време“, а за да останете конкурентни на пазарот на трудот, не престанувајте да инвестирате во најважното – во себеси, па затоа не престанувајте да учите нови вештини и да трагате по нови знаења“, рече Златановска-Попова.
Доколку работникот има семејство за издржување, треба подобро да анализира колку пари му се потребни за опстанок до пронаоѓањето на следната работа. Ако лицето работи во некоја нестабилна индустрија, се советува да заштеди пари за основните животни трошоци за повеќе од 6 месеци. Во целата ситуација треба да се калкулира и дали работникот има некој здравствен проблем, дали тука постојат ризици кои ќе бараат дополнително трошење на финансии.
Сања Атанасовска
foto freepik.comМожеби ќе ве интересира
„Нашата цел е да привлечеме компании кои носат знаење, современи технологии и квалитетни работни места“: Димовски од ТИРЗ до менаџментот на Philips
ДЗР: Застарени предмети и неуплатени средства во буџетот на државата, ИТ напади и повеќе неправилности во работењето на Министерството за економија и труд
Хрватска повлекува храна за бебиња: Аптамилот има поголемо присуство на бактерии
ЕБОР: Рекордно ниско ниво на лоши кредити во Централна, Источна и Југоисточна Европа
На бензинските пумпи се појави нов вид гориво: Ќе се испорачуваат со „розови пиштоли“, а ќе може да се користи во сите автомобили
Планирате патување на одмор? Овие аеродроми во Европа ќе штрајкуваат до крајот на годината
Германија ги заострува условите за социјална помош
Руски министер кажа колкав процент од БДП потрошиле за војната во Украина
(ВИДЕО) АВСТРАЛИЈАНЕЦ СЕДУМ ГОДИНИ СОБИРАЛ АМБАЛАЖА: Заштедил за куќа




