28 Септември, 2024
0.2258

По неколку месеци раст, конечно намалување на бројот на невработени во април

Објавено во: Анализа 23 Мај, 2014

Добивај вести на Viber

Во Македонија има вкупно 103.250 невработени. По шесетмесечно континуирано зголемување на невработеноста, априлските податоци покажуваат намалување на бројот на невработени. Односно во април споредено со март годинава регистрирани се 817 помалку невработени. Сепак, официјалните податоци на Агенцијата за вработување покажуваат и дека од почетокот на годинава заклучно со април, бројот на невработени е зголемен за 5.792 луѓе. Односно, анализата на податоците покажува дека од јануари па се до март годинава има раст на бројот на невработени, и во април за првпат е забележано намалување. Или, во февруари во однос на јануари бројката на невработени е зголемена за 4.396 нови невработени, потоа во март во однос февруари има нови 2.200 невработени, а во април во однос на март бројот на невработени е намален за 817. Број на невработени во 2014 ·         Јануари                   97458 ·         Февруари             101854 ·         Март                      104067 ·         Април                    103250 Трендот на раст на невработените почнува од октомври минатата година, иако претходно беше забележано намалување. Па така од октомври лани па се до март има раст на невработените и тоа 11.268 луѓе. Добро е што се намалува бројот на оние кои досега само пасивно бараа работа, а од друга страна имаме зголемување на вработеноста, вели за Фактор Влатко Поповски, директор на Агенцијата за вработување. Поповски потенцира дека бројот на оние кои досега само пасивно барале работа почнал да се намалува, бидејќи тие сфатиле дека работодавците бараат кадар од групата која активно бара работа.
„Од друга страна постојано има промени кај бројот на невработени, некогаш се зголемува - некогаш се намалува, што е резултат на повеќе фактори, но еден од нив е дека оние кои се без работа ги следат и мерките за вработување што ги нуди државата и зависно од тоа има и промени во бројот на невработенените“, завршува Поповски.
Согласно измените во Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, Агенцијата во првите пет месеци од 2013 година спроведе постапка на пререгистарција на невработените лица. Со пререгистрацијата невработените лица се изјаснија и потпишаа изјава дали сакаат да се воведат во регистарот на невработени лица (активни баратели на работа) или во регистарот на други лица кои бараат работа (пасивни баратели на работа). Податоците на Агенцијата за вработување покажуваат дека во меѓувреме се намалува и бројот на луѓе кои Агенцијата ги води како пасивни баратели на работа. Па така сега нивниот број во април годинава изнесува 115.668, додека во јануари годинава бил 122 563, а во септември минатата година од кога почнува се помалку луѓе да се изјаснуваат како пасивни баратели на работа изнесувал 130.282. Македонија со најмала стапка на вработеност на лица од 20 до 64 години Според најновите податоци на Европската статистичка агенција Евростат во Македонија стапката на вработеност на лица од 20 до 64 годишна возраст во 2013 година изнесува 50,3% и таа е во постојана нагорна линија. Односно во 2006 година изнесувала 43,9%, во 2007 година била 45%, во 2008 година изнесувала 46,3%, потоа во 2009 година достигнала 47,9%, во 2010 година е на ниво од 48,1%, во 2011 година пак стигнува до 48,4, а во 2012 година изнесува 48,2%. Сепак тоа е далеку од европските стапки на вработеност кај оваа катергорија која во моментов изнесува 68,3% , а таргетот на европските земји е до 2020 година да биде 75%. Односно, од 2002 година па до 2008 година во ЕУ-28 земјите има постојан пораст на стапката на вработени на возраст од 20 до 64 години. Или во 2002 година изнесувала 66,7%, а во 2008 година изнесувала 70,3%. Сепак по доаѓањето на кризата има пад на оваа стапка и се движи од 68,9% во 2009 година се до 68,3% во 2013 година. Во Германија и Малта има постојан пораст на стапката на вработеност. Швајцарија, Исланд и Норвешка, пак, имаат највисоки стапки на вработеност кај категоријата од 20 до 64 години, а стапките надминуваат 82% во Швајцарија и Исланд, додека во Шведска изнесува 79,6%. Во Турција стапката на вработеност на луѓе на возраст од 20 до 64 години изнесува 53,4%, во Грција 53,2%, во Хрватска 53,9%, во Италија 59,8%. Проблем со вработување на лицата со инвалидост Лицата со инвалидност и во добри економски услови имаат проблем со вработување, со наоѓање и задржување на работните места. Mал e бројoт на вработени лица со инвалидност во јавната администрација.  Ова е заклучокот од меѓународната конференција „Законски рамки и практики за вработување на лицата со инвалидност“ во организација на Националното координативно тело за еднакви права на лица со инвалидност во Република Македонија. Бранимир Јовановски, претседател на Националното координативно тело за еднакви права на лица со инвалидност во Република Македонија посочи дека оваа ранлива категорија на граѓани и во добри економски услови има проблем со вработување, со наоѓање и задржување на работните места.
„Во Република Македонија е најавен текст на нов закон за вработување на лица со инвалидност и професионална рехабилитација. Сакајќи тој закон да добие поволни законски решенија за лицата со инвалидност, сакавме да ги споделиме искуствата од државите членки на ЕУ и од останатите држави од регионот за да видиме како функционира тоа кај нив, кои решенија се преземени и дали во практика се соочуваат со одредени проблеми при вработувањето и професионалната рехабилитација на лицата со инвалидност“, изјави  Јовановски.
Анализата, како што посочи, е дека во јавната администрација има мал број на вработени лица со инвалидност.
„Лицата со инвалидност апсолутно се способни да работат на сите позиции, согласно нивната едукација. Имаме високо школувани кадри кои можат да одговарат на сите работни задачи. Она што недостасува во сегашното законско решение во Република Македонија е професионалната рехабилитација. Ќе треба да се предвиди кој ќе ја спроведува, каде, како ќе се финансира и на кој начин тоа ќе биде уредено“, истакна Јовановски.
Муедин Кахвеџи, државен секретар во Министерството за труд и социјална политика потсети на, како што рече, значајниот проект за вработување на вкупно 300 лица со инвалидност во јавните и државните институции, согласно нивниот вид и степен на попреченост, образование и квалификација.
„Во рамки на Оперативниот план на активни мерки и политики за вработување за 2014 предвидуваме мерка за субвенционирано вработување на инвалидни лица кои треба да го поттикнат вработувањето кај оваа категорија, односно нивно полесно интегрирање на пазарот на трудот“, рече Кахвеџи.
Нагласи дека Владата и МТСП и во наредниот период ќе продолжат преку различни мерки и активности да го подобруваат вработувањето на лицата со инвалидност. С.Н.