02 Мај, 2024
0.0239

По повисоки цени ќе се продаваат хрватските производи!

Објавено во: Анализа, Економија 01 Јули, 2013

Добивај вести на Viber

Македонците во иднина ќе купуваат поскапи млечни, кондиторски и другите прехранбени производи, како и цигари од хрватски производители. Ова е резултат од влезот на Хрватска во Европската унија, појаснуваат од Стопанската комора на Македонија.

 „Со влезот во ЕУ хрватските производители се соочуваат со повисоки царини и даноци за 30 проценти, што ќе се одрази на крајната цена на производите кои ќе бидат извезувани во другите земји. Тоа ќе се почувствува најмногу кај цигарите, но 23 други производи главно од прехранбената индустрија “вели  Васко Ристовски од Комората.

Оваа состојба, според Ристовски треба да ја искористат македонските производители за да ја подобрат продажбата на домашниот пазар, зашто ќе станат далеку поконкурентни од хрватските .

 „Позитивна можност за македонските производители е и тоа што можат да го зголемат извозот на тутунот и виното, кои во Хрватска ќе се пласираат според европските квоти“,појаснува Ристовски.

 Ристовски вели дека е можно во првиот период Хрватска да се обиде да го заштити своето производство со поставување на административни бариери, но тоа не треба да ги обесхрабри домашните компании да продолжат со извозот во оваа земја.

 Според него, Македонија и домашните компании  треба да реагира побрзо и за да ја искористи определбата на хрватските  компании да го префрлаат производството во земјите од ЦЕФТА договорот, за да можат да го задржат пазарот.