28 Септември, 2024
0.2263

ПО СРПСКИ РЕЦЕПТ: Треба ли и Македонија да го врати работното време од 7:30 часот?

Објавено во: Анализа 03 Мај, 2014

Добивај вести на Viber

Српската Влада на првомајска седница донесе одлука да воведе ново работно време за вработените во органите на државната управа. Во иднина вработените ќе тргнуваат на работа во 7:30 часот, а ќе завршуваат во 15:30 часот. Ова е една од првите одлуки на новата српска Влада. Српскиот министер за труд, вработување и социјална политика Александар Вулин вели дека има повеќе причини за ваква одлука. „Постојат работи кои некритички сме ги прифатиле од „големиот“ свет. Една од тие работи е и работното време од 9 до 5 - знаете дека во тие делови на светот денот трае подолго и климатските услови се поинакви. Географијата е поинаква. Ова е работно време кое му одговара на нашето поднебје“, уверен е Вулин. Новото работно време ќе значи и дека вработените во овие институции нема да мора да земаат слободни денови за да ги завршат административните обврски, а државните службеници набрзо ќе се навикнат побрзо да стануваат, смета Вулин. „Работно време до 15:30 ќе ни овозможи да поминуваме малку повеќе време со нашите семејства, да се вратиме на онаа институција ручек, кога вашата мајка ви готви нешто, да се вратиме на она време, да имаме малку светло, малку дневна светлина за да се видиме едни со други“, истакнува српскиот министер. Но за да бидат корисни на работното место државните службеници ќе мора да променат дел од своите навики и секојдневната рутина. „Не сме Грција за да даваме бонуси за доаѓање на работа, но многу сум сигурен дека ќе можеме работната дисциплина да ја доведеме до највисоко можно ниво“, вели Вулин. Работното време од 7:30 се однесува за вработените во српските министерства, владини служби, републичкото јавно правобранителство и јавните агенции. Македонија - иста географија, ама уште на европско време За можноста за поместување на работното време и во Македонија се зборува веќе неколку години. Во земјава важи работното време од 8:30 до 16:30 часот, кое беше воведено во ноември 2006 година. Синдикатот на вработените во управата, правосудството три години по ред доставува барања до Владата за промена на работното време на органите на управата и државните институции. Последното барање во ноември лани беше доставено до Економско-социјалниот совет, а Синдикатот добил информација дека барањето е препратено за мислење до ресорните министерства - за економија, финансии, труд и социјална политика и за образование и наука, каде што сеуште се разгледува. Синдикатот аргументира дека со постоечкото работно време се губат повеќе средства за затоплување на просториите во зима, како и семејните традиции во земјава, а и негативно влијае на воспитувањето на децата. Анкетите покажуваат дека македонските граѓани своите обврски на шалтерите сакаат да ги завршат во утринските часови, претежно околу 7 и 7:30 часот и дека по 13 часот практично и да нема луѓе на шалтерите. За 75 отсто од вработените не е прифатливо европското работно време, покажала една од анкетите на Институтот за социолошоки и политичко-правни истражувања во 2011 година. „Уште од почетокот на промената на работното време имаше огромно незадоволство кај вработените, кое сè уште трае. И не само кај тие од државната управа и правосудните органи, туку и кај вработените во приватниот сектор. И покрај тоа што има согласност од сите заинтересирани страни, Владата не го зема предвид ова. Притоа, негативните последици врз приватниот живот на луѓето не исчезнуваат, ниту се намалуваат. А тие се: недостиг од време за одмор, за дружење со семејството, за основните домашни задачи, за спорт и рекреација и слично. Тоа создава незадоволство, а незадоволен работник е неефикасен во својата работа“, вели Пецо Грујовски, претседател на Синдикатот на УПОЗ. Билјана Арсовска