Добивај вести на Viber
Американските воени авиони попладнево започнаа со воздушни напади на т.н. Исламска држава во Ирак, објави Пентагон. Воздухопловните сили на САД ги нападнале позициите на исламските радикали кои се користеле за напад врз Курдите кои го бранеле северниот ирачки град Ербил.
Два авиони Ф/А-18 испуштиле проектили водени со ласер и ја гаѓале подвижната топовска единица во близина на Ербил. „Одлуката за нападот ја донел командантот на Централната команда на американските сили, врз основа на одобрението од врховниот командант“, стои во соопштението.
Со ова две и пол години по повлекувањето, американските војници повторно се вратија во Ирак, иако само преку воздушни напади.
Интервенцијата ја одобри американскиот претседател Барак Обама заради се поголемото насилство во Ирак кое го спроведуваат исламските милитанти, како и за заштита на христијанското малцинство во оваа земја.
Повеќе од 40.000 христијани го напуштија ирачкиот град Језиди и се кријат во планините, каде што информациите се дека има се повеќе смртни случаи заради недостиг на храна и вода.
Велика Британија најави дека на Американците ќе им пружи „техничка помош“ во авионската достава на хуманитарни пакети, но премиерот Дејвид Камерон ја исклучи можноста за британска воена интервенција.
Франција истакна дека е подготвена да учествува во операција со која ќе се стави крај на страдањата на цивилното население во Ирак. Францускиот претседател Франсоа Оланд најави дека за ова ќе разговара и со други меѓународни партнери.
Турција, која има граница долга 370 километри со северен Ирак, е особено загрижена поради новата ескалација на ситуацијата. Официјална Анкара потенцира дека за воздушните напади врз Исламската држава не се користела американската воена база на турска територија. САД имаат голема воена база во Инџирлик, јужна Турција.
Исламистите во Ирак, кои се во чекор со модерните технологии, само ден пред почетокот на американската интервенција објавиле видео во кое директно му се закануваат на Барак Обама.
„Ќе го подигнеме знамето на Алах на Белата куќа“, порача еден од милитантите во видеото.
http://www.youtube.com/watch?v=bsCZzpmbEcs
Во најновата офанзива, која започна викендов, припадниците на радикалната Исламска држава се пофалија дека освоиле 15 градови, но и стратешката брана Мосул на реката Тигар. Заземањето на оваа брана им овозможува на екстремистите да поплават неколку поголеми ирачки градови или да ги остават без вода и електрична енергија.