Поддршката на САД кон Македонија останува - тврди Бејли
Објавено во: Македонија 09 Ноември, 2016
Поддршката на САД кон Македонија останува иста и нема да се промени, изјави утрово американскиот амбасадор, Џес Бејли во прес центарот во скопскиот хотел „Александар палас“ каде што се следеа резултатите од претседателските избори во САД.
Промените нема да се случат веднаш, ниту пак партнерствата ќе се променат, додава амбасадорот.
Тој вели дека кампањите се период за нагласување на разликите, а постизборниот период во САД е време на соединување.
„И сега кога кампањата е завршена, ние од Амбасадата и администрацијата ќе се вратиме на својата работа на градење добри врски помеѓу Македонија и САД. Луѓето од Македонија и САД сакаат просперитет и добро образование за своите деца, како и мир и напредок во светот. Не секогаш ќе се согласуваме како да стигнеме до тоа, но целта е секогаш иста“- изјави Бејли.
Според него, изборот на претседател е сериозна работа и наспроти сета бучава што оваа кампања ја предизвика, таа се занимава и со проблемите на вистинските луѓе, економијата, трговијата, тероризмот, образованието и ангажманот на САД во светот.
Бејли додаде дека американските гласачи вчера избираа и 435 членови на Конгресот, 34 сенатори, како и голем број големи претставници.
Објасни дека во својата кариера од 3 децении, има служено 15 години за републиканците, и 16 години за демократите.