29 Септември, 2024
0.0228

ПОДЕЛЕНА МЛАДИНА, АПАТИЈА КАЈ СТУДЕНТИТЕ: Јавни дебати зад затворени врати?!

Објавено во: Анализа, Економија 24 Октомври, 2014

Добивај вести на Viber

Расте незадоволството помеѓу студентите откако власта потврди дека мора да се спроведат државни испити на факултетите за проверка на нивното знаење. Покрај на социјалните мрежи и собири на факултетите, самоорганизирано дел од студентите  најавуваат дополнително организирање на студентски средби и дискусии на кои очекуваат се погласно да се чуе нивниот став. Дел од нив се категорични дека екстерното тестирање или воведувањето на државни испити не е мерка за квалитет и со овој чин им се одзема правото на образование и правото на автономност. Реагираат и дел од студентските организации. Според нив,  иако надлежните јавно велат дека го слушаат мислењето на студентите, тоа реално не се случува. Тие негодуваат дека средбите на релација министерство-студенти се случуваат зад затворени врати само со Студентскиот парламент. Но тоа, според неколку студентски организации ни оддалеку не ја претставува реалната слика, какво е навистина нивното мислење. Марјан Забрчанец од Младинскиот образовен форум вели дека по најавите за воведување на државни испити за студентите, слични на моделот на екстерно оценување,  двете засегнати страни се далеку од јавна дебата. Според него,  овде треба да се разговара за потребата од ваква мерка, а не за тоа каков модел треба да се примени за реализирање на истата.
“Од она што досега го видовме, ресорното министерство се сретна само  со претставници на Студентскиот Парламент на средба зад затворени врати. Не чувме конкретни предлози, идеи или решенија или конкретни чекори за делување во иднина. Образовните власти повторно не пристапуваат стратешки кон решавање на предизвиците во високо образование, односно недостасува лоцирање на јасен проблем, кој државниот испит  како решение би требало да го отстрани. Дополнително, повторно недостасува вклучување на засегнатите страни во првите фази од креирање на оваа јавна политика со што се доведува во прашање нејзината оправданост и легитимност”-вели Забрчанец.
Од студентската организација “Слободен  индекс велат дека најавената  јавната дебата за воведување на државни испити за студентите  е пролонгирање на состојбата и амортизирање на гневот на студентите. Според нив,  се работи за веќе  донесени  одлуки кои ги ставаат  студентите пред свршен  чин, чијшто исход е однапред познат.
“Од тоа што ни е познато, единствената студентска организација која беше консултирана во процесот беше СПУКМ, која според Слободен индекс не е, и не може да биде претставник на студентите од неколку причини  кои се  практични и етички. Првенствено сметаме дека секој студент е сам свој претставник и никако поинаку. Доколку е поинаку, тогаш не е легитимно, зошто никој не е покомпетентен од самиот себеси  и никој не треба да носи одлуки во негово име. Ние не сме биле консултирани за ваквите небулозни одлуки за екстерно тестирање и сметаме дека министерството експлицитно ја наруши и онака кревката автономија на УКИМ. Што се однесува до следните чекори. Што треба да направиме? Да одиме на кафе, ако сакаме друг да носи одлуки за нас. Или, ако имаме достоинство - да излеземе на улица”-вели Бојан Матовски од Слободен индекс.
Дека досега не биле консултирани потврдија и од студентската организација “Излез”. Од таму велат дека досега никој не ги контактирал или побарал нивно мислење околу идејата за креирање на нови законски решенија во високото образование. Освен самоиницијативните интерните дебати со колегите околу случувањата, за конструктивна јавна дебата досега немало ниту најава ниту предлог од надлежните или нивните колеги од Студентскиот парламент.  Од “Излез” велат дека сеуште  наместо да се размислува за стратегија која ќе донесе системско подобрување на квалитетот на високото образование,  сеуште  се  практикуваат  инстантни решенија на моментални проблеми.
“Во вакви социо-економски услови, нормално е да очекуваме да се задуши и она критично студентско јадро кое вегетира последните неколку години. Она што преостанува е да се надеваме дека ќе има дебата по ова прашање, а студентите организирано ќе истапат со нивен став и нивни барања”-велат од  ”Излез”.
СПУКМ: Побаравме и очекуваме јавна дебата за воведување на државни испити Претседателот на Студентскиот Парламент Кирил Спировски пак вели дека ваква реформа не треба да ги плаши студентите, особено не оние на Државниот Универзитет “СВ Кирил и Методиј”,  кој досега и според квалитетот и рангирањата секогаш покажувал најдобри резултати.  Тој вели дека побарале од надлежните преку поширока јавна дебата во која активно ќе бидат вклучени студентите со свои идеи и размислувања, може да  се донесат квалитетни решенија. Во следниот период најави заеднички настапи и трибини со Студенсткиот правобранител на сите факултети,  на  кои  студентите  отворено ќе можат да дадат свои предлози и размислувања околу екстерното оценување во високото образование.
“Секој студент има право на свое мислење и на јавен настап. И премиерот  и министерот јасно нагласија дека ќе го чујат мислењето на студентите, ќе ги вклучат во дебата и ќе ги прифатат сите конструктивни предлози и идеи кои ќе произлезат од истите. Ние на нашата средба со министерот за образование и наука Абдулаќим Адеми,  побаравме да има јавна дебата која ќе ги вклучи студентите пред да се донесе било какво законско решение, и тоа беше од нивна страна прифатено. Тоа беше главниот заклучок од таа средба.  Мене како претставник на студентите на УКИМ  ми се најбитни студентите и нивниот став и мислење,  бидејќи на крајот на краиштата ние ќе бидеме и најзасегнати од секоја нова одлука за измени во високото образование”- вели Кирил Спировски-претседател на СПУКМ.
Новите реформи во Законот за високо образование, според првичните најави предвидуваат  студентите да полагаат државен испит кој ќе се спроведува два пати. Првиот испит  кога ќе ја завршат втора година со прашања од сите предмети кои дотогаш ги полагале, и на крајот од четврта година  со базен прашања од трета и четврта година. Државниот испит според надлежните треба  да  важи за сите студенти и од државните и од приватните универзитети. Оние студенти кои нема да го положат испитот нема да можат да продолжат со студирање. С.Б.