Добивај вести на Viber
Градот Скопје ќе се задолжи со близу пет милиони евра, кои ќе бидат наменети за изградба на подземната улица од Влада до Народна Банка. Советниците оваа одлука ја донесоа на седница на Советот на Град Скопје.
Од Градот образложуваат дека задолжувањето ќе се изврши на домашен пазар, преку издавање обврзници по пат на јавна понуда, а во согласност со Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, Законот за Град Скопје и Законот за хартии од вредност. – Сервисирањето на обврските настанати со задолжувањето ќе го врши Градот Скопје Според член 18 од Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, општината може да се задолжува преку издавање на хартии од вредност наменети за финансирање на капитални проекти и инвестиции (член 20 од законот). Задолжувањето се врши по претходна согласност на Владата на Република Македонија утврдена врз основа на мислење на Министерството за финансии. Средствата од емисијата на обврзници, како вид на хартии од вредност, ќе бидат наменети за финансирање на Проектот за изградба на подземна сообраќајница која ќе ги поврзува Бул.“Кузман Јосифовски – Питу“ со Бул.“Илинден“ и Бул.“Партизански одреди“, стои во обрзаложението од Град Скопје.
Вкупната вредност на подземниот тунел 32 милиони евра
Предвидено е тунелот да биде во должина од 1150 метри и да биде опремен со систем за детекција на инциденти, систем за детекција на пожар, систем за видео надзор, комуникациски систем за корисниците и итните служби, С.О.С. станици, систем за вентилација, знаци со променлива содржина и бариери, а ќе биде управуван од контролен центар. Инаку планирано е проектот да биде готов за три години . Засега сеуште не е познато кои фирми ќе се вклучат во изградбата на овој капитален проект на Градот. Договорот за изработка на основниот проект кој Градот го склучи со шпански “Идом” во март минатата година изнесува нешто повеќе од близу 552.000 евра. Предвидениот буџет за изградбата на подземната сообраќајница изнесува 32 милиони евра, од кои со 22,4 милиони евра ќе учествува Владата, а 9,6 милиони евра од Градот Скопје.
Од Градот објаснуваат дека изградбата на оваа подземна сообраќајница е од исклучително значење за сообраќајот во Скопје.
- Подземната сообраќајница директно ќе ги поврзува булевар.“Кузман Јосифовски – Питу“ со булевар.“Илинден“ и булевар.“Партизански одреди“ и со изградбата на истата ќе се овозможи директна врска помеѓу источниот и западниот дел од градот. Со тоа ќе се растерети сообраќајот во Малиот и Големиот ринг бидејќи за патување од источниот во западниот дел на градот, возачите нема да бидат принудени да ги користат улиците во малиот и големиот ринг. Придобивките од изградбата на подземната сообраќајница се намалување на времето на патување од источниот до западниот дел на градот, зголемување на брзината на патување, намалување на бучавата и загадувањето од сообраќајот, зголемување на нивото на безбедност во сообраќајот и друго, објаснуваат од Градот.
Ј.С