25 Април, 2025
0.0402

Погрешен ли напад остри Заев кон забревтаниот Мицкоски?

Објавено во: Македонија, Анализа 24 Декември, 2019 07:37

Добивај вести на Viber

Заев беше прв кој се наоштри за предвремените парламентарни избори на бината во најголемата спортска сала во Скопје, загревајќи го гласот за серијата митинзи кои му претстојат, обидувајќи се да го електризира гласачкото тело. Веднаш по него овој викенд и опозицискиот лидер Мицкоски поведен од еуфоричната „Никогаш Северна, само Македонија“ влезе во предизборието како политичар кој мора да нагази до крај со ветувањата за ревизии на договорите со соседите без оглед колку тие се сега нереални и потпалувачки.

Ова е прв пат да имаме екстензивна и непрекината политичка кампања кои далеку ги надминува предвидените денови за политичко рекламирање пред изборите. Ова го наметна владејачката партија која како да сака да им остави на гласачите порака дека силно ќе ја води политичката битка пред да се фрлиме сите на празнична еуфорија, руски салати, бадникови огни и греана ракија и вино.

Опозицијата пак мораше да одговори со еден голем митинг, со собирање на симпатизерите кои ќе му дадат легитимит на двегодишниот лидер Мицкоски дека тој е вистинскиот избор за враќање на власт и како што тие велат рушење на картелот кој ја запоседнал Илинденска. Неколку судско-обвинителски настани му дадоа и „фор“ на математичарот да не биде преокупиран сега како ќе ги објаснува големите политички дилеми возможно ли е бришење на „Северна“ од Уставот, можно ли е со ревизија на Преспански договор да се продолжат евроатлантските интеграции и кои последици ќе ги има на меѓународен план.

Спротивно пак, премиерот Заев колку и да се сигурен во нападите против вождот на ВМРО-ДПМНЕ како анти-западен и штетен за националните интереси, не може да се извлече од сенката на нереализираната правна држава кој речиси секојдневно му ја фрла благо речено „фаличниот“ судско-обвинителски систем. Ова, особено важи по ослободителната пресуда за Сашо Мијалков екс началникот на УБК, олицетворен токму од шарените активисти како еден од главните виновници за узурпирање на правдата и заробување на државата.

Како Заев сега да контрира со големите теми за членството во НАТО, ратификации, македонски знамиња на американски воени авиони, за нова методологија на пристапни преговори со ЕУ, за отворање на европски фондови, економски раст и предизвици со Мал Шенген.

За Мицкоски доволно е да им аплаудира на неговите следбеници кои френетично скандираат Никогаш Северна, без сега да се грижи дали Големиот брат може да го прекори, да му испрати пораки дека тешко ќе формира коалиција дури и да победи. Доволно е само да се зголеми гласниот револт за неправдата, за неубедливите процеси против поранешните моќници кои ги слушавме како се клокотат на прислушкуваните разговори, ноншалантно нарачувајќи манипулации со избирачки материјали.

Што вреди и ако апологетите на сегашната власт му налепуваат инсинуации на Мицкоски дека е лидер на „батерии“, а дека далечинскиот управувач е удобно сместен некаде на „убавиот, син Дунав“. Следните избори нема да ги решат грандиозните восклици #WeAreNATO, нема да ги натераат гласачите да излезат позади параванот со ветувања за интегрирање во ЕУ и зголемена регионална соработка. Граѓаните и натаму ќе останат жедни за правда, бидејќи како што велеа без неа нема мир.

Преголема комоција не треба да чуствува ниту Мицкоски ниту партискиот врв кој е околу него дека расфрлањето со флоскули ако добиеле двотретинско мнозинство ќе го менувале Уставот, бидејќи со овие сериозни ставови еден ден ќе треба и сериозно да се соочат и да кажат кој е нивниот план и правец како да ги реализираат со сите можни сценарија земени во предвид.

Сосема е јасно дека билдањето на предвремена изборна атмосфера која кулуминираше викендов се направи со цел да остане свежа сликата за премиерот Заев, барем додека тој е надвор од премиерското столче кое ќе мора да го напушти на 3 јануари и да овозможи формирање на техничка влада која земјата ќе ја подготви за изборите. Кампањата беше водена со целта да се нагласи што е можно повеќе дека Северна Македонија е „На прав пат“, дека досегашните политички потези и тешки одлуки не биле залудни, дека наскоро ќе ги жнееме бенефитите како членка на НАТО, дека не смее да се дозволи враќање на „груевизмот“.

Тоа е прашање колку опозицијата ќе може да го префрли во своја корист, доволно ли е само да се тргнат сите слики и портрети на Груевски и неговите величествени моменти од изборите од 2006 година па наваму. Можеби ликот на Груевски не го краси ентериерот на белата палата, но и натаму има сомнежи дека неговиот дух на бегање од одговорност, на поклопување на медиумите и индивидуалните слободи, на максимално ставање на институциите во спрега со партиските интереси и индивидувалната моќ на луѓето од врвот.

Која е перспективата за иднината на оваа земја, таа дилема ќе ги мачи гласачите на 12 април кој се чини дека е далеку, таму некаде следната година, после сите празници и сите нерешени дневни проблеми. Всушност таа енигма од која бегаат и самите политички елити удобни во своите моќни позиции на најголеми агенции за вработување и влијание врз луѓе и бизниси, никако да ја решат на одговорен начин кој ќе обезбеди долгорочност, одржливост и перспектива за барем тие кои останаа на ова парче земја. 


Х.С.

Можеби ќе ве интересира

ЈАНЕВ: Парите кои требаше да завршат кај вистински загрозените категории на граѓани, завршувале кај измамници

ЈАНЕВ: Парите кои требаше да завршат кај вистински загрозените категории на граѓани, завршувале кај измамници

МИЦКОСКИ ЗА ПОЖАРОТ ВО КОЧАНИ: Ако јавниот обвинител одлучи дека мене треба да ме приведат, нека ме приведат

МИЦКОСКИ ЗА ПОЖАРОТ ВО КОЧАНИ: Ако јавниот обвинител одлучи дека мене треба да ме приведат, нека ме приведат

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Претседателката на ДКСК, Татјана Димитровска е осомничена за оддавање на службена тајна

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Претседателката на ДКСК, Татјана Димитровска е осомничена за оддавање на службена тајна

ПО ОБЈАВЕНОТО ВИДЕО СНИМЕНО НА „БУТЕЛСКА“: Казнет е возачот кој се движеше по велосипедска патека

ПО ОБЈАВЕНОТО ВИДЕО СНИМЕНО НА „БУТЕЛСКА“: Казнет е возачот кој се движеше по велосипедска патека

ОДДАЛА СЛУЖБЕНА ТАЈНА: Претседателката на ДКСК дала податоци на вмешан во случајот „Адитив“

ОДДАЛА СЛУЖБЕНА ТАЈНА: Претседателката на ДКСК дала податоци на вмешан во случајот „Адитив“

СЕ ЈАВИЛА ПО ТЕЛЕФОН СО ВРИСОЦИ: Исчезна 35 годишната Симона Стојкова

СЕ ЈАВИЛА ПО ТЕЛЕФОН СО ВРИСОЦИ: Исчезна 35 годишната Симона Стојкова

ПОВРЕДЕНИ ОД ПОЖАРОТ ВО КОЧАНИ: Наредната недела од болница ќе бидат испишани тројца

ПОВРЕДЕНИ ОД ПОЖАРОТ ВО КОЧАНИ: Наредната недела од болница ќе бидат испишани тројца

НЕВРЕМЕ ВО СКОПЈЕ: Дрво падна на улица и го попречи сообраќајот

НЕВРЕМЕ ВО СКОПЈЕ: Дрво падна на улица и го попречи сообраќајот

ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА НА ДКСК ОСТАНА БЕЗ ПАСОШОТ: Определени се и други мерки на претпазливост

ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА НА ДКСК ОСТАНА БЕЗ ПАСОШОТ: Определени се и други мерки на претпазливост