05 Декември, 2025
0.0288

Полицијата го бара Субрата Рој, тој не се откажува од инвестициите во Македонија!

Објавено во: Анализа 28 Февруари, 2014 08:33

Добивај вести на Viber

Издадената наредба на Врховниот суд во Индија за апсење на бизнисменот Субрата Рој, нема да влијае врз текот на неговите инвестиции во Македонија, уверуваат од претставништвото на компанијата “Сахара Индиа Паривар” во земјава.
Не сакаат да коментираат за наредбата на индискиот суд за апсење на бизнисменот Рој, но тврдат дека проектите течат онака како што се зацртани. „Ваквата наредба нема да влијае врз инвестициите во Македонија. Еве сега почна и втората фаза од проектот Млекарница Сахара во Македонија. Во моментов се врши сеење на 230 хектари со сточна храна и стартуваа хидрогеолошките истражувања“, објаснуваат од преставништвото на Сахара Индиа Паривар во земјава. Полицијата трага по Рој - им беа потребни 2 часа да го пребараат целиот негов имот! Вчера индискиот Врховен суд издаде наредба за апсење на Рој, бидејќи не се појавил на судењето за измама тешка 4 милјарди долари. Како што јавуваат индиските медиуми, Рој бара Врховниот суд да ја повлече наредбата за апсење, a во својата петиција нуди “безусловно извинување”. Се изјасни дека не може да се појави на суд, затоа што неговата мајка со кој бил емотивно поврзан, е сериозно болна. Тој побарал од Судот “да ја прости неговата лоша проценка”, и да му се дозволи да биде со неговата мајка во најтешките моменти. Вчера попладне шестмина полицајци по наредба на Врховниот суд пристигнале на имотот на бизнисменот Рој, со цел да го приведат и да го обезбедат неговото присуство на 4-ти март на закажаното рочиште. Но кога полицијата пристигнала на имотот, не го нашла дома бизнисменот. Како што пишуваат индиските медиуми, на полицијаците им биле потребни речиси два часа да го пребараат огромниот имот на бизнисменот. Судот ја издаде потерницата откако Рој не се појави на закажаното рочиште за измамата на милиони инвеститори, за што се обвинети уште тројца директори од “Сахара груп”. Во вторникот судот го одби барањето на бизнисменот за ослободување од лично присуство, изјавувајќи дека “овој одмор бизнисменот го ужива веќе две години” и дека како причина за неговото отсуство постојано ја наведува болеста на неговата мајка. Претходно судот му одобри на индиското државно регулаторно тело за финансиска стабилност СЕБИ да го продаде имотот на двете компании за да се поврати дел од парите на инвеститорите. И покрај одлуката на Судот, Рој уште не им ги вратил парите на оштетените инвеститори. Уште откако се најавија неговите инвестиции во земјава, името на бизнисменот Рој во неговата матична земја е поврзано со низа скандали. Му беше забрането да ја напушти земјата, му се замрзна имотот, беа одземени пасошите на директорите нанеговата фирма, се утврди дека неплаќал данок за вработените, и крајно сега издаден е налог за негово апсење. Во Македонија тој беше пречекан со сите почести. Лани имаше турнеја низ Охрид, на плоштадот Македонија се одржа Сахара балканскиот фестивал, на кој на свеченото отворање присуствуваше целата владејачка гарнитура, а на свечената церемонија во Стариот театар присуствуваше и поранешниот британски премиер Тони Блер. Инвестиции во Џумајлија и во Љубаништа  Рој најави инвестиции во вредност од речиси 3 милјарди евра во земјава. Според најавите 1,6 милјарди евра во млечниот бизнис, а остатокот во хотелски комплекс во Охрид. Лани со сите традиционални обичаи, Рој со министерот за земјоделство Љупчо Димовски и министерот за финансии Зоран Ставрески, го означија почетокот на проектот за земјоделство на Сахара груп. Качени на нови трактори претставници на Сахара груп со македонскиот државен врв го изораа првото парче од земјиштето што индискиот бизнисмен Субрата Рој го купи од пропаднатиот агрокомбинат Џумајлија. Вредноста на инвестицијата е 211 милиони евра. Според договорот компанијата на бизнисменот Рој е должна во следните три години да набави 20.000 грла крави. На земјиштето од околу 6.000 хектари е предвидено да се произведува добиточна храна, изградба на фарми и на регионална млекарница во која дневно ќе се произведува 80.000 литри млеко. Бизнисменот Рој најави и милионска инвестиција во хотелски комплекси во Охрид, поточно во Љубаништа. Екологистите најпрвин се бунеа дека ваквата инвестиција ќе ја уништи целата флора и фауна во овој регион. Но се предомислија, па дадоа зелено светло. Сега според нив, овој проект е прифатлив ако се внимава на примената на сите предвидени стандарди за заштита на животната средина. За изведба на скапиот проект се очекува и дефинитивниот став од УНЕСКО, бидејќи дел од градбите е предвидено да се градат во водите на Охридското Езеро, кое е под заштита на оваа меѓународна организација. Индискиот бизнисмен најави и дека еден од главните проекти и инвестиции ќе биде големата филмска продукција со индиско потекло. Неодамна индиските медиуми прогнозираа дека ланската година бизнисменот Рој ја преживеа, но дека оваа година за него ќе биде тешка. „Можеби Сахара успеа да ја одржи својата безбедност во 2013 година, но по се изгледа дека 2014 година ќе донесе повеќе проблеми за Субрата Рој поради неговите измами и играњето со човечките чувства“, пишуваше во својата анализа Pardaphash.com, но и покрај ваквите случувања и скандали поврзани со индискиот бизнисмен Рој, надлежните во земјава остануваат на ставот дека неговите инвестиции течат според предвиденото и дека не е загрозена реализацијата. Ј.С.
 

* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:

Можеби ќе ве интересира

КАМЕРИТЕ СЕ БОЈАТ, КРШАТ, КРАДАТ И ФРЛААТ ВО РЕКИ: Еве како поминале камерите на Сејф сити во земјите низ Европа и на Балканот

КАМЕРИТЕ СЕ БОЈАТ, КРШАТ, КРАДАТ И ФРЛААТ ВО РЕКИ: Еве како поминале камерите на Сејф сити во земјите низ Европа и на Балканот

СДСМ се „пере“ од Груевски – Се враќа ли опозицијата на „антирежимските“ корени

СДСМ се „пере“ од Груевски – Се враќа ли опозицијата на „антирежимските“ корени