22 Ноември, 2024
0.0272

Политичките заблуди Украина можат да ја направат Македонија

Објавено во: Колумни 28 Јуни, 2019

Добивај вести на Viber

На 25 јуни Парламентарното собрание на Советот на Европа(ПАСЕ) усвои Резолуција за измена на санкциониот механизам и ја покани Русија да се врати на работа во него без ограничување на правото на глас.  Само еден ден подоцна на заседанието на Асамблејата беше донесено решение, нова Резолуција за потврдување на овластувањата на делегацијата на Русија без никакви ограничувања. Мнозинството делегати во ПАСЕ ги отфрлија сите амандмани предложени од претставниците  на Украина, Велика Британија, Балтичките земји и некои други.

Во документот стојат многубројните нарушувања на принципите на Советот на Европа, направени од страна на Русија и рускиот парламент, но се побара да се исполнат само пет барања. Да се отпуштат 24 украински морнари заробени во близина на Керченскиот теснец, под итно да се плати членарината во буџетот на СЕ(77 милиони евра), да се соработува со истрагата за катастрофата на малезискиот авион, да се вложат напори да се спречи следењето на ЛГБТ во Русија, особено во Чеченија и да се соработува со со меѓународната заедница во истрагата на убиството на Борис Њемцов. Предлозите на Украина да се прошири овој список со нови нарушувања на Крим и во Донбас беа отфрлени.

ПАСЕ беше местото каде што Украина практично водеше борба со Русија и тоа успешна. Од 2014 година се до овие денови Русија доживуваше пораз по пораз во секоја инцијатива од страна на Украина или некоја друга земја наклонета кон неа. Со Резолуцијата од 2014 година ПАСЕ и го одзеде правото на глас на Русија и ги отстрани нејзините парламентарци од раководни функции во Советот на Европа „заради анексијата на Крим и вооружената окупација на украински територии“. После ова Русите го напуштија Советот на Европа.

Одлуките на ПАСЕ предизвикаа лавина реакции во Украина, но предизвикуваат и поделби во општеството. Јавно се спротивставија претседателот Владимир Зеленски и министерот за надворешни работи Павел Климкин. Зеленски го обвини министерот дека без консултации со него води самостојна политика и упатува ноти до Русија. Климкин ги објави нотите на Фејсбук, истакнувајќи дека има овластувања да води надворешна политика  без да го консултира претседателот. Зеленски е обвинуван и од украинските пратеници делегирани во ПАСЕ дека ноќта пред гласањето не сакал да ги прими на консултации за некаква заедничка стратегија. Тој, пак одговара дека уште на неодамнешните средби со канцеларката Ангела Меркел и со претседателот на Франција, Емануел Макрон, а и на средби во Брисел, му било кажано дека враќањето на Русија во ПАСЕ е завршена работа.

Во Украина зборуваат за двојни стандарди, бидејќи одделни европски политичари зборуваа за потребата Русите да се вратат во ПАСЕ, бидејќи граѓаните немаат можност да ги заштитуваат своите граѓански права во европските судови, а од друга страна не водат сметка за агресија на Русија против Украина. На Украинците  требаше да им е јасно како ќе се развиваат работите уште кога видоа што зборуваат  нивните поддржувачи, како што е на пример британската премиерка Тереза Меј, која неколку дена пред сесијата на ПАСЕ го поддржа враќањето на Русија со образложение дека таму ќе може да се води битка со неа, поточно да се преземаат одредени санкции против неа. Такви сигнали доаѓаа и од Франција и од Германија.

Некои дипломати кажуваат дека епилогот со враќањето на Русите во ПАСЕ бил видлив уште пред два месеца, а други велат дека се’ се знаело уште пред една година. Вината за тоа се префрла врз неактивноста на украинската делегација во ПАСЕ. А се зборува дека Украина не ја променила својата дипломатија во последните пет години.  Дека аргументот „ние ве браниме (од Русија), и вие сте ни должни до гроб за тоа“ веќе не пали во Европа. И дека Европа не треба да се напаѓа бидејќи се уште ја продолжува политиката на санкции кон Русија.

 Одделни коментатори се мошне емотивни па за нив решението на ПАСЕ е „историски пораз на Запад пред лицето на земјата која прва во новото илјадалетје го нарушила меѓународното право и со сила присвоила туѓа територија“. Тие зборуваат и за пораз на Украина. Но за тоа не ја обвинуваат дипломатијата, туку народот кој гласал за човек кој им нудел програма „дека ќе се престане со пукањето“. Тие не го споменуваат претседателот Зеленски, победникот на изборите. Но, затоа кажуваат дека победил со огромен број гласови човек, кој со тоа оставил впечаток и на Запад.  

Мошне интересен кон сето ова е приодот на министерот за надворешни работи на Украина, Павел Климкин. Според него враќањето на руската делегација во ПАСЕ е непријатна симболика, но и реален проблем – поттик за нормализирање на односите на Западот со Русија. Тоа ќе има последици и врз Нормандискиот формат и Минските договори и преговори. Проблемите ќе се јават кога тие држави и политичари ќе се обидат да ги решаваат проблемите со Донбас и транспортот на гас на сметка на Украина. Тој се залага за времено напуштање на ПАСЕ, во кое немаат доверба. Патем, Украина го повлече својот амбасадор во СЕ. Конечно, Климкин е изненаден од однесувањето на Франција која сега претседава со СЕ, и која е член на Нормандската четворка и „распослала црвен килим пред руските депутати за враќање во СЕ“. Климкин бара да се повлече поканата до ПАСЕ за набљудување на парламенарните избори во Украина кои треба да се одржат во втората половина на јули. „Конечно, кои се тие луѓе да не учат нас на демократија, после тоа, откако дозволија Русија да се врати во ПАСЕ“, се запрашува Климкин.

Реакциите на Украинците се разбирливи. Но тие потсетуваат на 2008 година кога Република Македонија во Букурешт извиси од членството во НАТО. Тогаш револтираните македонски политичари, попрецизно тогашната актуелна власт на чело со Никола Груевски повлече потези кои ја вратија Македонија десетина години наназад. Во секој поглед. Било меѓународен, било политички, економски, криминален, корупциски... Проектите за античкото минато само ги потврдуваа грчките тези. Дури и победата на Меѓународниот суд во спорот со Грција не можеше да се искористи како адут во спорот со неа. „Да не ти излезе муабет“,  велат. А за времето на Груевски на Македонија и излезе муабет дека небаре ја украла целата грчка историја, дека има иредентистички аспирации, дека...Што за секој реален политичар беше јасно дека не е така. Ама за Западот „доказите“ се извишуваа во Скопје. Дури и благонаклонетите сугестии да се престане со таквата еуфорија не вродуваа со плод. Па нашиве, како Украинците, зборуваа за двојни стандарди, за непочитување на судски одлуки, за грчко галениче...Последиците од сето тоа ги имаме денес. Преспански договор со содржина која е неприфатлива за мнозинството македонски граѓани. Република Северна Македонија за севкупна употреба. Неизвесност дали ќе ги почнеме преговорите за влез во ЕУ. Зашто не може за две години да се надомести се она што е правено во претходните единаесет. Особено во поглед на корупцијата, политичка и друга, криминалното судство, тендер коалициите...

Токму затоа Украинците треба да извлечат поуки од своето однесување во изминатите пет години од почетокот на кризата. Тие не направија ништо да покажат дека сакаат таа да се реши. Дипломатските акции беа насочени само за притисоци за воведување санкции врз Русија. Санкции во 2014 година, па уште некои во наредните, но има крај, бидејќи веќе нема зошто да се воведуваат. И наместо Украина да понуди решенија на кризата, особено при постоењето на Минските договори, таа заседна во ровот на санкциите. Ако над 50 проценти од населението во земјата се за добри односи со Русија, а во Украина ја сметаат за агресор, тогаш тоа значи дека треба да се излезе надвор од рововите на санкции. Дека треба да се посвети повеќе внимание на решение за крај на војната на Истокот. Ако над 70 проценти од населението гласа за Зеленски кој ветува дека ќе ја сопре војната, тогаш целата меѓународна политика треба да се крои во тие рамки. Зашто Запад постојано ќе го прашува Зеленски: „Што правите со ветувањата за крај на војната, а за што ве поддржаа огромен број Украинци?“ Украинската политика не треба да се заблуди и да се инаети, па да дозволи да биде оддалечена и игнорирана од Европа, како што тоа се случи со Македонија.

Нема ништо да се направи со лутење и повлекување дипломати и со изјави дека не може некој да ја учи Украина на демократија. Украинците, како и нашите политичари, забораваат дека обостраниот интерес е „перпетум мобиле“. Се додека тој постои машината ќе работи. Па така ако сака Украина нејзината машина поврзана со Запад да работи ќе мора да го почитува и интересот на Запад. Големите сили, кои ја поддржуваат Украина решија дека Русија треба да се врати во ПАСЕ. Тоа било во нивен интерес. И се’ направија тоа да се оствари. Ама имало двојни стандарди. За Украинците-да, ама Западот тоа го пренебрегнува. Украина треба сега, особено по парламентарните избори да направи нова стратегија за дипломатското решавање на состојбите на истокот на државата. Зашто се покажа дека Европа не ја поддржува воената варијанта.

Затоа ако сака интегрирање во ЕУ, што беше и поводот за раскинување на односите со Русија, Украина не смее да ги треска вратите пред ПАСЕ. Советот на Европа иако не е некоја извршна организација, сепак неговите одлуки имаат големо влијание и врз градењето политики во ЕУ. Независно што и СЕ и ЕУ по неодамнешните избори нема да бидат тоа што беа. И ЕУ си има свои проблеми. Но вредностите европски се неменливи и неминливи. Затоа Украина, а и нашава држава, треба да се борат да ги вградат тие вредности кај себе. На тој начин , независно каква ќе биде Европа утре, ќе може да се зборува за полесна интеграција во неа. 

Збор два за Русите. Тие не треба да спијат на увото дека сега почнува отворањето на патот на укинување на санкциите. Не треба да заборават дека во изминативе пет години во ПАСЕ секогаш лесно се обезбедуваше мнозинство кога се носеа одлуки против неа.


Мирче Адамчевски

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.