Добивај вести на Viber
АНКЕТА: Како бизнисмените ја оценуваат првата половина од 2014?
Првата половина од економската 2014 та заврши. Економијата преживеа двојни избори, и успеа во првиот квартал да испорача раст од 3,9%. Според оценките на надлежните институции овој позитивен тренд продолжил и во второто тромесечје. Оправување покажа и индустриското производство, односно во мај годинава во споредба со истиот период лани тоа пораснало за 4,5%. Дел од бизнис заедницата смета дека бројките ја одразуваат реалноста, други велат дека кризата во одредени сектори и индустрии се продлабочува. “Фактор“ анкетираше неколку стопанственици од различни сектори за тоа како го оценуваат првото економско полугодие.
Јелисавета Георгиевска, Стопанска Комора: Состојбата се подобрува!
“Според последните објавени податоци на Државниот завод за статистика, во периодот јануари - мај 2014 година, во однос на истиот период лани изндустриското прпизводство се зголеми за 4.5%. Гледано по сектори, индустриското производство во секторот рударство и вадење на камен во анализираниот период бележи пораст од 13.9%, во секторот преработувачка индустрија 16.2%, а во секторот снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација има опаѓање од 26.1%. Поаѓајќи од овие податоци според Стопанската комора на Македонија, динамиката на пораст на индустриското производство е во континуитет присутна изминатите пет месеци од 2014 година, што е позитивен резултат. Остварениот пораст е задоволителен. Економската состојба на деловните субјекти кон крајот на првата половина од 2014 година е генерално оценета како поповолна во однос на претходни месеци, а на тоа упатува и податокот дека очекувањата за обемот на производството во наредните три месеци се поповолни, според податоците на Државниот завод за статистика.“ - вели Гроргиевска од Стопанската Комора на Македонија и додава:
“Стопанската комора на Македонија оценува дека реализираниот пораст на БДП во првото тримесечје на 2014 година е многу значаен и е за поздравување, бидејќи е реализиран во услови на се уште високи негативни импликации од економската и финансиската криза во поблиското и поширокот опкружување и се уште незаздравени економски состојби кај нашите позначајни стопански партнери. Мора да се напомене дека во структурата на порастот на БДП предничи градежништвото со 13,7%, по што следи финансиското посредување. Остварениот пораст на БДП во првото тромесечје е добра база за остварување на планираната динамика на пораст на БДП за 2014 година од 3,2% според Владата на РМ и 3,7% според НБРМ. Во исто време извозот од земјава е во постојан раст, а за тоа придонесуваат многу и странските инвеститори присутни во земјата, што се гледа и во извозната структура.“
Влатко Ѓеоргиевски “МИК Свети Николе“: месната индустрија е на колена!
“Ако се анализираат показателите за вкупната економија во првото полугодие тие укажуваат на заздравување на економијата. Но месната индустрија не е дел од овие параметри, ние видовме дека некои компании од овој сектор се затворија а до крајот на годинава ќе се затворат уште две компании. Сликата во нашиот бизнис и не е така роозва. Сегашната законска регулатива не донесе во нерамноправна положба. Ние од една страна имаме слободен узвоз на готови производи од друга страна имаме увозни суровини со големи давачки. И тука станува збор за нелојална конкуренција која директно го загрозува бизнисот“ - вели првиот човек на месната индустрија “МИК Свети Николе“ и додава:
“Ние веќе ги губиме странските пазари а како што тргнало ќе го изгубиме и домашниот пазар. Во исто време во нашиот сектор се воведоа големи услогласувања со стандардите на Европската Унија, што дополнително значеше зголемување на трошоците на фирмите. Станува збор за безбедносни, транспортни и еколошки стандарди кои моравме да ги воведеме во услови на нерамноправна положба на пазарот“ – вели Ѓеоргиевски.
Маријана Перковска, Текстилен кластер: Ниски цени, слаба конкурентност!
“Ако ги анализираме показателите за БДП треба да се земе во предвид дека голем удел имаат бесцаринските зони кои влегуваат во пресметка на БДП а немаат влијание врз домашната економија ниту врз стандардот на населението. Текстилните компании релативно беа ангажирани , ова значи дека дел од компаниите беа пребукирани со работа, а дел пак имаа повремено празни капацитети.“ – оценува Маријана Перковска од Текстилниот кластер и додава:
“Глобално, капацетите се искористени но приходите за услугите на нашите текстилни компании не се доволни за одржливоста и развојот на оваа гранка .Поради големата конкуренција која доаѓа од останатите балкански држави, цените се ниски а ние имаме далеку послаба продуктивност поради старосната структура на работниот кадар и недоволна автоматизација на производниот процес: “ – вели Перковска која смета дека во следниот период конкуренцијата се заострува.
“Фактор“ ќе објави уште една анкета на прашањето “Какви се очекувањата на бизнисмените за второто економско полугодие“.
* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва: