Поповска се откажува од место на пратеничка листа, не сака функција по секоја цена
Објавено во: Македонија 07 Ноември, 2016
Претседателката на ДОМ, Лилјана Поповска се откажа од место на пратеничката листата на СДСМ.
Таа денеска на прес - конференција рече дека за својата одлука ќе го извести и СДСМ и дека ќе се бори од друга позиција која сега се смета за недобитна.
„Јас не сакам функција по секоја цена, ниту да послужам за сеење семе на раздор во демократската опозиција. На Македонија и претстои голема битка и потребни сме си сите, независно од етничкото, верското и политичкото потекло. Затоа одлучив да се откажам од добитната позиција на пратеничките листи, за да покажам што ми е приоритет. Уште денес ќе му предложам на Извршниот одбор, а потоа и на Централниот одбор на ДОМ да ја прифати мојата одлука и моето образложение. За ова ќе го известиме секако СДСМ како коалиционен партнер. ДОМ има одлични кадри и сигурна сум дека на тоа место ќе влезе личност која доследно ќе се бори за демократските принципи“- рече Поповска.
Поповска беше на четвртата позиција во втората изборна единица. Таа вели дека од сите нас зависи крајниот исход.