Поранешен раководител на државната лотарија стана сопственик на автомат клубови
Објавено во: Економија 22 Февруари, 2024
Ѓорѓи Дамјановски, еден од поранешните раководители на Државна лотарија на РСМ, стана сопственик и управител на друштвото за автомат клубови „Сити Клуб“ Скопје.
Дамјановски во 2017 со доаѓањето на новата власт беше назначен како еден од членовите на Управниот одбор на Државна лотарија се до 2021, кога беше отповикан. Претходно, според она што го пишува во неговата биографија, осум години бил во раководството во Македонија на австрискиот гигант од дејноста на игрите на среќа „Новоматик“,
Дамјановски ќе управува со две подружници во Кочани, Битола и Струмица и со по една во Тетово, Охрид, Прилеп, Бразда и Турново.
„Сити Клуб“ Скопје поседува лиценца за организирање игри на среќа од Министерството за финансии издадена од 2017 година и има основна главнина од 2,5 милиони евра.
Дамјановски во 2017 беше изгласан за нов челн на УО на државната лотарија истовремено кога беше формиран и целосно нов Надзорен одбор. Дамјановски беше избран за член на УО заедно со Христо Најденов и со Катица Николовска - Прнаркова, како претседателка, односно генерален директор.
Инаку и Сашо Поцков, кој до 2021 беше градоначалник на Гевгелија, во меѓувреме стана директор на друштвото за приредување игри на среќа Монополи Консалтинг, кое поседува неколку подружници за обложување и коцкање.
И ова друштво, на крајот од 2022, според законските прописи, имало основна главнина од над 2.5 милиони евра. Поцков од 2014 до 2017 во два мандати беше пратеник во Собранието.
А.К.