ПОСЕБНИ БЕНЕФИЦИИ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ МАЈКИ СО ТРИ И ПОВЕЌЕ ДЕЦА – се бараат измени на законот за подобра демографија
Објавено во: Економија 30 Јуни, 2025 07:40
Се предлагаат измени на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, со кои бараат поволности за мајките кои работат и кои имаат три или повеќе деца. Согласно предлогот работодавачите кои ќе вработат мајка со три или повеќе живородени деца ќе добијат финансиско олеснување.
- Работодавачот се ослободува од обврската за плаќање на придонесот за задолжително здравствено осигурување за нововработените мајки во период од 36 месеци од денот на вработувањето, како и обврска на работодавачот да ја задржи на работа во период од 36 месеци по завршувањето на обврската за ослободување од задолжително плаќање на придонеси за здравственото осигурување – пишува во предлог законот кој веќе е доставен во Собранието.
Според предлагачите, претставници на опозициската СДСМ со ова законско решение ќе се обезбедат позитивни социјални и здравствени последици, ќе се придонесе кон полесно вклучување на мајките на три или повеќе деца на пазарот на трудот, со оглед на тоа што ќе се намалат трошоците на работодавачите при нивното вработување.
- Со создавање на услови за вработување на мајките од оваа категорија, ќе се подобри нивната финансиска состојба и ќе се поддржат семејствата кои носат поголем товар во одгледувањето на деца. Очекуваните ефекти од предложеното законско решение е зголемено формално вработување на мајки со три или повеќе деца, зголемување на социјалната сигурност на семејствата со повеќе деца, намалување на родовата нееднаквост во економската активност, поттикнување на работодавачите да преземаат општествена одговорност и долгорочно, индиректен позитивен ефект врз наталитетот и структурната демографија на земјата– укажуваат опозиционерите.
Во законот е појаснето дека ослободувањето од обврска да се платат придонеси се однесува само за нови вработувања односно на лица кои во моментот на склучување на договорот за вработување не биле во редовен работен однос кај истиот работодавач во претходните 12 месеци.
Работодавачот исто така е должен да достави соодветна документација до ФЗО кои ги исполнуваат условите 2 и 3 од овој член како и изводи од матичната книга на родени за децата на нововработената мајка.
- Целта на овој Предлог закон е да се поттикне вработувањето и економската активност на мајките со три или повеќе деца преку создавање на поволни услови за нивното вклучување на пазарот на трудот. Предлог Законот има за цел унапредување на социјалната сигурност на семејствата со повеќе деца – пишува во предлогот за измени на законот.
Опозиционерите исто така посочуваат дека во земајва демографските показатели укажуваат на континуиран пад на наталитетот и стареење на населението, што претставува сериозен предизвик за економскиот и социјалниот развој на државата. Исто така потенцираат дека семејствата со повеќе деца се соочуваат со зголемени финансиски трошоци за издржување на децата, особено мајките со повеќе деца се ограничени поради отежнат пристап на пазарот на трудот и недоволна поддршка од страна на работодавачите, но и дека постојаниот систем на придонеси не предвидува специфични мерки или олеснувања кои би ги поттикнале работодавачите да вработуваат лица од оваа категорија.
- Ова придонесува за зголемена ранливост на мајките со повеќе деца и нивна недоволна економска активност, што се одразува и на социјалната стабилност на семејствата. Истражувањата укажуваат дека жените, особено мајките со повеќе деца, се соочуваат со сериозни пречки при вклучувањето во формалната економија, што најчесто произлегува од трошоците за згрижување на деца, недостигот од флексибилни работни услови, но и од перцепцијата на работодавачите за "зголемен ризик" при вработување на мајки со повеќе семејни обврски. Како резултат на тоа, овие жени почесто се наоѓаат во неформални форми на работа, или во целосна економска неактивност, што директно влијае врз нивната финансиска независност, пристап до социјални и здравствени права, како и врз целокупната благосостојба на децата во тие семејства – се нагласува во предлог законот.
Дополнуваат дека поради обврската за работодавачот да го задржи лицето во работен однос уште 36 месеци по истекот на периодот на ослободување, мајката добива 72 месеци рок со кој обезбедува сигурност.
Иако предложеното законско решение може да има позитивен ефект врз социјалните случувања во земајва, прашање е дали истиот ќе биде изгласан, поради фактот што доаѓа од опозиционерите, кои сега немаат доволно поддршка во Собранието.
П.О.
Можеби ќе ве интересира
НА ЕУ И НЕДОСТАСУВААТ МЕНАЏЕРИ ЗА ПРОДАЖБА, МАРКЕТИНГ И РАЗВОЈ: Оваа професија има незадоволена побарувачка
Запленетите акции на Сашо Мијалков во Алта банка ставени на продажба
ЕВЕ КОИ ЛИЦА ЌЕ БИДАТ ДЕЛ ОД УО НА ЦЕНТРАЛНА КООПЕРАТИВНА БАНКА - добиена е согласност од Народна банка
Крај на една ера: Легендарниот дизајнерски шеф на Mercedes-Benz ја напушта компанијата
ОД ДЕНЕС НОВИ ЦЕНИ НА ГОРИВАТА: РКЕ вчера ги соопшти деталите
Словенија ќе го зголеми минималецот - колку ќе изнесува?
Хрватска ги заострува условите за вработување странци
Култура со голем потенцијал - заработката е до 20.000 евра по хектар




